Селекторот Гонзалез започна со подготовка на стратегијата за претстојното СП Фото: Маја Јаневска-Илиева

Имаме изменет состав, некои од играчите не можеа да дојдат, но јас морам да составам тим, а примарна цел за која размислуваме е мечот со Јапонија, вели македонскиот селектор

Во очекување да се приклучи левиот бек Филип Талески, селекторот на македонската ракометна репрезентација Раул Гонзалез веќе започна со подготовка на стратегијата за претстојното Светското првенство (СП) во Германија и Данска, кое ќе започне идниот месец.
– Сѐ уште е рано да се зборува за очекувања од ова СП, бидејќи сѐ уште не знам како ќе изгледа тимот за СП. Имаме уште десетина дена да ја составиме играта и подготвени да го дочекаме почетокот на првенството. Започнавме со склопување на одбраната, а кога ќе се приклучи Филип Талески, ќе продолжиме да работиме и на нападот – вели селекторот Раул Гонзалез.

За разлика од претходните првенства и селектори, овој пат Гонзалез ќе има многу потешка задача во остварувањето на амбициите, бидејќи поради откажувањето на Филип Миркуловски, што по своја волја, го направи првиот чекор на подмладување на репрезентацијата и затоа остана скромен во однос на очекувањата.

– Не знам како ќе дејствуваме на теренот, бидејќи сѐ уште не сме одиграле меч во овој состав. Имаме изменет состав, некои од играчите не можеа да дојдат, но јас морам да составам тим, а примарна цел за која размислуваме е мечот со Јапонија. Ќе одиме чекор по чекор и во од ќе правиме анализа на сите противници, прво од контролните средби што ќе ги играат, а потоа и на СП. Играта на теренот сепак е мерило за резултатите – додава Гонзалез.

Најголем проблем за селекторот ќе биде пополнувањето на испразнетото место на Филип Миркуловски на позицијата организатор на играта, за која како опција стои и капитенот Кирил Лазаров.

– Знаеме дека Лазаров е врвен играч и столб на репрезентацијата. Тој секогаш игра добро, но ќе видиме како ќе биде. Контролните дуели со Србија ќе ги искористиме да испробаме дел од варијантите на игра, за да добиеме основна слика на тимот со кој ќе настапиме на СП – истакна селекторот.

Репрезентативци денеска ќе го имаат последниот тренинг во оваа година. Ќе одморат два дена (31 декември и 1 јануари) за новогодишните празници, а со подготовките продолжуваат на 2 јануари. Контролните средби се закажани за 4 и 5 јануари во СП „Борис Трајковски“ во Скопје, а потоа подготовките ќе продолжат до 8 јануари, по што е предвидено заминување за Германија.

Македонија на СП 2019 ќе игра во групата Б против Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд. Во првиот меч (11 јануари) противникѝ е Јапонија. Првите три селекции од секоја група ќе обезбедат пласман во главната рунда.