Романскиот боксер Димитру Вицол (категорија до 75 кг) е освојувач на 48-от „Златен гонг“, кој викендов се одржа во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Вицул, кој е прв Романец носител на ова признание, во финалната борба го совлада македонскиот претставник Октај Фератов, со 3-0.

За најдобар македонски боксер на турнирот е прогласен Јасин Лама, најборбен Патриот Бехрами од Косово, за странец Србинот Дамјан Грмуша, за техничар Бугаринот Бојо Асенов, за тренер Србинот Томо Антељ, а за најдобар судија Љатиф Демоли од Косово.

Осумте македонските боксери, предводени од селекторот Петар Чурлиновски, директно се пласираа во финалето. Од нив, само двајца, Бен Демиров и Лама, забележаа победи. На турнирот настапија боксери од осум земји (Македонија, Србија, Словенија, Полска, Романија, Бугарија, Албанија и Косово).