На листата на ФИФА за февруари, Белгија го задржа првото место, пред Франција, Бразил, Хрватска, Англија…

Македонската репрезентација е на 71-то место на февруарската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), што е пад за три места во однос на претходното рангирање, од декември 2018 година. По воведувањето на новиот начин на пресметка на поените за листата на ФИФА, во август минатата година, базиран на т.н. Ело-систем, Македонија беше 70-та, а на четири листи потоа на 68-то место.

До 20-то место на листата за февруари нема промени во однос на декември, но потоа има повеќе, сите на сметка на репрезентациите што играа во јануари на Азискиот куп. Белгија го задржа првото место, пред Франција, Бразил, Хрватска, Англија, Португалија, Уругвај, Швајцарија, Шпанија, Данска…

Најголем напредок на листата направи новиот првак на Азија, Катар, кој скокна 38 позиции и сега е на 55-то место. Од противниците на Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, Полска е најдоброрангирана (20-та, на делба со Перу), Австрија е 23-та (пад за едно место), Словенија (пад за едно место) го дели 63-то место со Хондурас, Израел на 92-то (пад за две места), а Летонија е на 131-то (скок за едно место).

На овие шест листи од новото рангирање, на првите четири места постојано се Белгија, Франција, Бразил и Хрватска (Белгија и Франција ротираа на првите две места), на петтото се менуваа Англија и Уругвај, а првата десетка постојано ја дополнуваа и Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска. 


Системот „Ело“ бил измислен за рејтинг во шахот

Новиот начин на пресметка на резултатите на репрезентациите за ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) се базира на т.н. Ело-систем, развиен од унгарскиот физичар Арпад Ело (1903-1992). Тој систем првично бил измислен за шаховската рејтинг-листа, но денес се користи како основа за рангирање во повеќе спортови, како американски фудбал, кошарка, пинг-понг, бејзбол, разни видео и други игри. ФИФА во своите пресметки помало значење (преку коефициентите) им дава на пријателските мечеви, а поголемо на официјалните, а особено големо на светските и на континенталните првенства. Формулата на ФИФА за пресметка ги зема предвид претходните поени, важноста на мечот, резултатот, очекуваниот резултат… Под важност се подразбира коефициентот за различен вид мечеви, како пријателски, квалификациски, мечеви на СП и сл.