Виктор Орбан

Унгарската опозиција оствари голема победа на локалните избори во престолнината Будимпешта, со што му го нанесе првиот пораз на премиерот Виктор Орбан од неговото доаѓање на власт во 2010 година. Првичните резултати покажуваат дека опозицискиот кандидат Гергели Карошани освои околу 50 отсто од гласовите, наспроти ривалот од владејачката партија Фидес и актуелен градоначалник Иштван Тарлос, кој ја доби поддршката од 45 проценти од гласачите.

Карашони, како што јавува „Дојче веле“, ја споредуваше битката за Будимпешта со онаа на изборите за градоначалник на Истанбул, во која загуби кандидатот од партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Па, така, по серијата порази во претходните изборни циклуси, унгарската опозиција се обедини со надеж дека ќе успее да му се спротивстави на неприкосновениот премиер Орбан во Будимпешта и во другите поголеми градови. Според изборните резултати, ваквата тактика по сѐ изгледа се покажа како многу успешна, бидејќи опозицијата успеа да победи во трката за градоначалник во десет од 23 града. Некои од унгарските експерти потврдуваат дека добрите резултати на опозицијата се должат на соработката.

– Изборите покажаа дека соработката на опозицијата функционира, а опозицијата ги постигна најдобрите резултати во последните години – истакнува Андраш Биро-Наги.
Според него, овие избори беа главен тест за парламентарните избори во 2022 година.