Новото издание на списанието ќе му овозможи на Музејот на современата уметност во Скопје да соработува уште поинтензивно со меѓународни автори, а тоа да биде презентирано и препознаено во други културни, уметнички и академски центри и институции”, вели неговиот нов уредник, најавувајќи дека постои и иницијатива „Д’ларџ глас“ да биде преведено на македонски јазик и поставено на музејската веб-страница

Тихомир Топузовски, филозоф и ликовен уметник

Музејот на современата уметност (МСУ) неодамна објави дека, по десетгодишна пауза, повторно ќе го издава своето списание „Големото стакло“, кое имаше заслужено респектирачко место во јавноста. Вие сте неговиот нов уредник, ангажиран и како раководител на интердисциплинарната програма во истиот музеј. Кога ќе биде промоцијата, кој работеше на првиот број и што ќе содржи тој?
– Списанието „Големото стакло“ првпат е публикувано во 1995 година и во континуитет се издадени 24 броја до 2009 година. По повеќегодишна пауза, повторно е издадено на крајот на 2018 година. „Големото стакло“, сега „Д’ларџ глас“, преку сосема различен концепт во однос на претходното издание, означи нов почеток како списание за современа уметност, култура и теорија. Новото издание е публикувано на англиски јазик, на тој начин овозможувајќи Музејот на современата уметност во Скопје да соработува уште поинтензивно со меѓународни автори, како и списанието да биде презентирано и препознаено во други културни, уметнички и академски центри и институции, со што ќе ја прошири својата меѓународна репутација и ќе го зголеми своето влијание. Исто така, постои иницијатива списанието да се преведе на македонски јазик и да се постави на веб-страницата на МСУ. Ова списание треба да ја потврди позицијата на музејот како институција што е референтен издавач во областа на современата уметност и теорија.
Списанието вклучува теоретски и емпириски студии, како и презентирање визуелен материјал во пошироките области на современите уметнички практики, при што се објавувани текстови, интервјуа, уметнички проекти и визуелни есеи на реномирани автори. Конципирано е во тематски целини, фокусирани на ангажираните уметнички практики. Преку различни прилози се адресираат актуелните предизвици и прашања поврзани со ангажираната уметност, како на пример преку интервјуата со Аи Вејвеј или Грант Кестер, ексклузивно објавени во овој број, извештаите на колективот „Форензичка архитектура“ или теоретските анализи на Ким Чарлни или Стивен Данкомб, како и многу други автори застапени во ова издание. Во оваа смисла, ова издание на „Големото стакло“ презентира голем број контексти преку кои ангажираните уметнички практики отвораат важни прашања околу актуелните општествени предизвици. Промоцијата на „Големото стакло“ е закажана за 5 февруари, во 20.30 часот, во МСУ.

Вие сте во управниот одбор на здружението „АИКА Македонија“, кое на крајот на минатата година одржа и симпозиум, на кој меѓу другото е презентиран и уште еден проект на кој работите периодов, интердисциплинарната програма „Радикално образование“. Која е нејзината суштина, со каква динамика се одвива и задоволен ли сте од интересот што го привлекува?
– Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ има свои регуларни востановени активности, како што се годишниот симпозиум и наградата „Ладислав Баришиќ“, која се доделува на проект од областа на ликовната критика, како и серија помали истражувачки проекти и меѓународни соработки. На симпозиумот во моето излагање, именувано „Форуми на радикалноста“, се фокусирав на почнувањето два проекти во Музејот на современата уметност во Скопје: „Големото стакло“ и програмата „Радикално образование“. Што се однесува до „Радикално образование“, во продолжение на ова значење, кое подразбира ангажираност околу општествените предизвици, партиципативност, во конкретната програма главниот фокус е ставен на културата и уметноста. Оттаму, оваа програма треба да обезбеди квалитетни предавања, учења и соработки во сферата на современата уметност преку комбинирање академски, културни и уметнички аспекти. „Радикално образование“ треба да генерира активности што ги промислуваат и одразуваат состојбите и инструментите на современата уметност, како и комплексните релации на културата со економскиот, политичкиот, географскиот и историскиот контекст. Следствено, оваа програма претставува форум за дебатирање, презентирање и толкување актуелни прашања. Таа започна на 17 октомври 2018 година, со предавање на Стивен Данкомб, професор по културни студии на Универзитетот во Њујорк и основач на Центарот за уметнички активизам. Во своето предавање, со наслов „Уметноста на политичката имагинација“, ја истакна моќта на уметноста за проширување на политичките можности. Програмата продолжи на 29 и 30 октомври, со предавање и работилница реализирани од членовите на „Форензичка архитектура“, Симон Роват и Стефанос Левидис.

Значајно е да се напомене дека работата на „Форензичка архитектура“ е презентирана преку различни изложби и публикации, но и како дел од институционални и правни процеси, односно како докази во судовите и извештаите за човековите права. Тие користат широк спектар визуелни алатки како што се видео, 3Д-модели, сателитски фотографии, анимации, цртежи и мапи во пресоздавањето голем број случаи каде што има повреди на човековите права и на меѓународните хуманитарни конвенции. Овој колектив служи како форензичка агенција, која се обидува да ги следи контурите, да ги направи видливи доказите што се скриени во официјалните извештаи од страна на државните авторитети и други агенции на моќта.

Ги вклучувате ли во вашите проекти и стручните лица, граѓаните од другите градови и кое е вашето лично мислење за нивото на ширење на ефектите од проектите на кои работите надвор од Скопје, во другите градови?
– Програмите што беа иницирани во текот на 2018 година се отворени за сите граѓани. Се залагаме содржините што се резултат на овие програми да бидат колку што е можно подостапни за граѓаните од другите градови на Република Македонија. Оттаму, што се однесува на предавањата што се дел од програмата „Радикално образование“, размислуваме да ги направиме достапни преку веб-страницата на МСУ, со што преку слободен пристап содржините од оваа програма ќе можат да се следат онлајн. Во однос на списанието „Големото стакло“, тоа ќе се дистрибуира до повеќето културни институции низ државава и на тој начин ќе се овозможи негово читање и низ другите градови. Во таа насока, овие проекти ќе бидат присутни и во други градови и ќе се овозможат идни соработки.