Законите, вработувањата, тендерите, политичарите, договорот, името, речиси сѐ беше опфатено со препознатливиот хумор на „Бубамара“

Доза сатира, зашеќерена со хумор и многу музика, емоции… ја преполнија салата „Борис Трајковски“, која беше полна до претпоследното столче, затоа што една карта залутала во Будимпешта, како што се пошегува Сашко Коцев на 22-та по ред „Златна бубамара на популарноста“, која ја собра на куп македонската естрада и успеа да ја насмее до солзи. Над 200 музичари ја покажаа убавата страна на животот. Стандардно, домаќинот Сашко Коцев ги одржуваше на ниво гласната смеа и позитивната енергија во салата.

– Сите викаат дека годинава сме имале многу материјал. Да, има материјал, ама не е смешно. Во последно време никому не му верувам, само на „Метео 5“. Но ова со промената на името посебно е јако кога ќе најават дека ќе дува северен северен ветер во северна Северна Македонија. Кога ќе најават дека ќе дува ветер во Куманово, Скопје, луѓе земаат боледување. Се прашувам како може да правите толку глупости во еден ден. Многу рано станувате, па спијте бе луѓе. И кога ќе отидат на работа до 12 се поздравуваат само со „кај си бе баџо, здраво тето“. Па се собираат и викаат „што глупости да направиме, сакате ли да им ги смениме знамињата…“ Оваа година најтешко беше за карти, не се знае кого ќе соберат, ќе има ли пресуда… И една не можеме да ја најдеме, залутала, отишла дури во Будимпешта. И еве сега дупка има во публика. Не сакаме дупки да има, поарно ќе ги отвориме вратите па нека влезат тие што немаат карта. Па ние имаме посебен човек за на врата, Крсто вратарот. И нонстоп некакви забелешки добиваме за „Бубамара“, но само да ви кажам додека дишам, додека го дишам овој воздух, јас ќе се борам картата да биде 500 денари и ќе бидам водител на „Бубамара“ – беше само дел од стендапот на Сашко на „Златна бубамара“.
Законите, вработувањата, тендерите, политичарите, договорот, името, речиси сѐ беше опфатено со препознатливиот хумор на „Бубамара“.

– Бесчувствителни сме станале, влеговме во НАТО ја не ни осетив, еден човек не заплака. Од турските серии народ веќе не може да заплаче. Не ни сакавме да влеземе, не убутаа. Уствари ние се убутавме, како на шалтер што идат преку ред, само да прашам нешто. И ме интересира ако имаме повеќе војска нашата дама дали ќе се снајде. Она сигурно на сопругот вежба по дома „Мирно!“. Многу жени се собраа. А претходната пак на МВР сигурно секој ден го легитимирала по дома. За некои работи велат дека треба да се има „јајца“, се испостави дека за НАТО треба да се има бенка. Летоска лапате рипче договор кога потпишувате на езеро. А требаше да биде у Скопје, ама ради комарците не бивало. Не се прска против комарци. Не се слушал авионот.

Што сакате у 5 ли да станат, уште повеќе глупости ќе направат. И треба да се праша зашто сите комарци што пијат крв се набутани у Скопје. И сите договори се потпишуваат на езера, ама немаме гајле имаме уште езера за потпишување, после Дојранско, ќе ги фатиме вештачките, а тендерите на реки – вели Сашко.

Популарните награди почнаа со композиторот Григор Копров, кој ја зеде „златната бубамара“ за животно дело. Најактуелната група во моментов „Дупер“ ја доби „бубамарата“ за музичко откритие. Најпопуларна ТВ-емисија е „Пет плус“, најпопуларна балетска претстава „Ана Каренина“. Маестро на годината е Дино Имери.

Наградата за интернационален успех му припадна на маестро Џијан Емин. За трајни музички вредности беше награден Џафер. За најголем спортски подвиг на нозе публиката ја крена дванаесетгодишниот Марко Пејчиновски, кој го преплива Охридско Езеро. „Златната бубамара“ за спортска легенда отиде во рацете на Перо Антиќ. За најпопуларен мегахит беше проглесен „Ако те питају“ на Петар Грашо. А Влатко Стефановски сосема заслужено ја доби наградата за албум и концерт на годината.

– Ви благодарам за мандатот што ми го давате повеќе од 40 години – рече Влатко.
За најпопуларна театарска претстава на сцена наградата ја прими екипата на МНТ од претставата „Еден месец на село“. А за најпопуларна актерка е прогласена Ирена Ристиќ.

– Го користам овој момент на слава да му се обратам на нашиот ропски и садомазохистички менталитет, кој полека ама сигурно станува судбина. На сите оние што ме опоменуваат да си ја гледам глумата и да си го пијам кафето сакам да им кажам дека нема ништо поблагородно и помагично од тоа моето слободно време да го трошам на општото добро не очекувајќи ништо за возврат. Апелирам да се вклучите сите. Нашата иницијатива е политичка, но не партиска. Направи разлика, не биди ѓубре – Ирена Ристиќ.

Награда за најпопуларен фотомодел доби Вера Мештеровиќ. „Бубамарата“ за најпопуларна ТВ-емисија ја доби „Фчерашни новости“. Најпопуларен блех-оркестар е „Џамбо Агушеви“. А најдобар ТВ-актер е Горан Стојановски.

– Ќеф ми е што можеме да допреме до вашите домови пред ТВ-екраните и од срце да ве насмееме – рече инспекторот Томе.

Наградата за најпопуларен млад ТВ-актер очекувано отиде за откритието на годината – Дритон Вејсели, односно Талат од „Преспав“. А за најпопуларен ТВ-проект е прогласен „Преспав“. Продуцентот Пеце Талески најави дека се подготвува и четврта сезона. Наградата за трајни вредности му припадна на Бора Чорба. Милан Лане Гутовиќ е најпопуларен актер. Хорот „Мирче Ацев“ е прогласен за најпопуларен хор на годината, кој наедно го слави и својот 70-годишен јубилеј. Влатко Лозаноски е најпопуларен пејач, а неговиот сингл „Јако, јако“ е хит на годината за 2018 година.

„Нокаут“ во 1998 година на „Златна бубамара на популарноста“ ја доби наградата за тинејџерска атракција, а годинава за група на годината.

На сцената и годинава се појавија Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски-Тино од „Театарот комедија“, Никола Ристановски, Жељко Самарџиќ, Игор Џамбазов, Нина Деан и многу други.

– Ви дадовме 22 години, па кој ви има дадено повеќе. Време е да се предадеме на убавите работи – рече Ранко Петровиќ.