Глуварчето (Taraxacum) спаѓа во родот билки од фамилијата Asteraceae. Уште древните народи знаеле дека глуварчето има лековити својства, а дека сокот исцеден од младото глуварче го подобрува нарушеното здравје.

Латинскиот назив на глуварчето е Taraxacum officinale, што во превод значи „дива салата“, бидејќи неговите листови одамна се ценети во исхраната.

Глуварчето е познато по својата лековитост, но и како здрава храна. Содржи високи концентрации на витамини (А, Б, Ц), минерали (особено со калиум, натриум и магнезиум) и органски киселини. Пролетната салата од глуварче се прави од сосема млади листови, кои се берат пред цветањето на билката и надвор од населените места.
Во народната медицина глуварчето се применува за јакнење на организмот и за пролетно чистење на крвта. Од него може да се направи чај, сируп или вино.

Во современата медицина глуварчето има големо значење како средство што помага во нормализацијата на размената на материите во организмот. Со тоа, глуварчето дејствува благотворно при некои заболувања, како на пример при атеросклероза, гихт, ревматизам, кожен исип, фурункулоза (гнојни чиреви на кожата) и дебелина.

Во Бугарија, глуварчето широко се применува и како средство за лекување на атеросклерозата, а во Германија и во Полска глуварчето се користи и како природен лек против камен во бубрег и како еликсир во периодот на реконвалесценцијата (закрепнувањето) по прележаните тешки инфективни заболувања. Младите листови од глуварчето може да се додаваат и на други свежи салати, да се ставаат во чорби, да се прават вкусни и здрави сосови од нив и да се додаваат на месото печено на жар.

Вистинските гурмани тврдат дека закиселените или маринирани цветни пупки од глуварчето се одлични за правење разни вкусни и здрави сосови и преливи.

Лековите на база на глуварче не треба да се земаат подолго од месец и пол, бидејќи прекумерната доза може да ги оптовари органите за варење и да предизвика несакани ефекти. Ако се користи во препорачаните количества, глуварчето е еден од најјаките лекови од природата.

За лек треба да се користи глуварче што расте во чиста средина. Урбаното глуварче го филтрира загадениот воздух и ги апсорбира отровите, па затоа не се препорачува, бидејќи може повеќе да му наштети отколку да му помогне на организмот.


Кељ – евтина суперхрана

Што е тоа суперхрана?
Прво тоа беа боровинките, па спанаќот, па белиот чај, брусницата и брокулата. Во поново време научниците и лекарите преку современата технологија утврдиле дека многу секојдневни и релативно евтини продукти можат да ги заменат скапите таблети и превентивно да дејствуваат против многу сериозни заболувања. Тие продукти се наречени уште и суперхрана.
Кељот е продукт што спаѓа во суперхрана. Овој листен зелен зеленчук се јаде во текот на целата година. Може да се измеша со овошје во блендер и да се пие како сок, да се јаде како салата, како вариво или запечен, како прилог на другите јадења или како здраво главно јадење.

Кељот е извонредно хранлив и нискокалоричен продукт. Овој зелен листен зеленчук дава многу бенефиции за нашето здравје, но и убавина.
Богат е со микронутриенти, вклучувајќи ги витамините А, Ц и Б6, минералите калциум, калиум, железо, манган, бакар, каротиноиди и хлорофил. Содржи лутеин и зеаксантин, кои го чуваат здравјето на очите. Овие фитохемикалии помагаат во заштитата на очите од штетното влијание на УВ-зраците од сонцето и другите извори и го спречува настанувањето на катаракта.
Исто така, поради големото количество витамин Ц, кељот е одличен за кожата, ги подобрува нејзиниот тонус, еластичноста и младешкиот изглед.
Кељот се бори против инфекциите и помага во намалувањето на нивото на холестеролот во крвта.

Состојките што се наоѓаат во кељот се ефикасни во борбата против некои видови рак, како на пример ракот на желудникот, дебелото црево, дојката и јајникот.
Кељот содржи растителни влакна што го регулираат варењето на храната, спречуваат запек и помагаат во спречувањето прејадување. Богат е со антиоксиданти, го зајакнува имунитетот, ги одржува здрави коските и забите, ги штити репродуктивните органи и е еден од продуктите за детоксикација на организмот.

Кељот е одличен извор на витаминот Б, кој е растворлив во вода, богат е и со железо, поради што им се препорачува на слабокрвните лица. Два американски центри, Центарот за контрола на лекови и Центарот за контрола и превенција на болестите, на жените им препорачуваат дневен внес од 400 микрограми витамин Б растворлив во вода. Бремените жени посебно треба да внимаваат на овој внес, чиј недостиг може да предизвика сериозни невролошки последици кај детето.
Кељот е богат со калциум, кој може да се апсорбира дури за 30 проценти повеќе, за разлика од калциумот во кравјото млеко.

Поради лековитите својства, стручњаците препорачуваат да се консумира претежно во свежа состојба, како салата со додаток на лук. Им се препорачува особено на заболените од ревма, висок крвен притисок или на луѓе што имаат проблеми со варењето.
Свежиот сок од кељ е еден од омилените здрави пијалаци во Јапонија, а шејкот со банана, какао и протеини од сурутка, е совршен појадок.