Кризната дипломатија на една земја може да биде успешна само во случај кога е поддржана од силна воена моќ, јавно истапуваат релевантни интелектуални авторитети и професори во Германија. Имајќи ја предвид политиката на Доналд Трамп, Германија повеќе не може да се потпре на заштитата од САД. Според политичкиот научник Кристијан Хаке, Берлин нема друг избор – Германија мора да стане нуклеарна сила!

Ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата подготвеност да се здружи со непријателите на демократијата ги поттикна сомнежите околу тоа дали Алијансата е во опасност од распад. Трамп ги третира со презир некогаш почитуваните сојузници и ги санкционира во јавноста. Покрај борбената парола „Америка на прво место“, сојузниците одеднаш станаа тешко бреме. Трамп ги погазува клучните западни вредности и интереси, прокоцкувајќи ја притоа улогата на САД како водечка сила на Западот. Обратно од очекуваното, тој се спријателува со диктатори и безмилосно ја троши репутацијата на Америка како разумна и сериозна глобална сила. Се откажува од клучното влијание, а тоа би можело да води кон алармантни промени во моќта, на голема штета на слободниот свет, вели Кристијан Хаке, 75-годишниот реномиран професор на Универзитетот во Хамбург.

Во својата анализа во „Нешнел интерест“ тој понатаму пишува дека само еден поглед во книгите по историја – како на пример периодот помеѓу двете светски војни – покажува дека изолационизмот и протекционизмот се типично американски карактеристики. Во таа смисла, либералниот интернационализам, кој беше спроведуван од страна на САД за време на Студената војна, може да биде сметан само како скршнување од нормалното однесување. Според тоа, ставот на Трамп совршено соодветствува со популарните традиции. Значи, во извесна смисла, она што го прави не е ништо ново, но сепак тој ја преобрази американската надворешна политика како ниеден друг претседател по Втората светска војна: пријателите станаа непријатели, додека на душманите на демократијата им се постила црвен килим. Трамп ја репрезентира Америка онаква каква што отсекогаш постоела, но која ние Европејците, особено ние Германците не сме ја препознавале, премолчувајќи го намерно ваквото нејзино постоење. Оваа Америка претпочита да го држи светот на безбедна дистанца и најкомотно се чувствува кога не го носи врз себе товарот на меѓународна одговорност.
Оваа рапидна промена во американската надворешна политика им задава тешки удари на сојузниците, особено на Германија. Повеќе од 60 години, Германија беше омилениот европски сојузник, но денес ја има неславната улога на непријател број еден за Трамп. Таквиот целосен пресврт во односите е без преседан во модерната историја на Америка. Германската политика ја објаснува состојбата на шок во која се наоѓаат многу Германци. Не е за изненадување што постојаното деградирање и константните критики кон Германија од страна на Трамп доведоа до соодветни реакции на гнев.

Канцеларката Ангела Меркел мирно се справува со вербалните навреди на Трамп; како и да е, морализаторската ароганција на Германија не е замена за реална политичка стратегија. Во овој случај, Германија седи на покусиот крај на лостот, бидејќи САД ѝ требаат повеќе нејзе одошто таа ним. Американскиот претседател има право кога се жали на децениски недефинираните одбранбени трошоци на Германија. Оттаму, дали е навистина толку изненадувачки тоа што Вашингтон го смета Берлин за неблагодарен „гребатор“, кој одбива да покаже воена солидарност кога работите стануваат опасни?

Германија не е критикувана само поради нејзиниот несоодветен одбранбен придонес во рамките на НАТО, туку и поради очајната состојба во која се наоѓаат германските воени сили.
Ништо не лета, ништо не плови и ништо не се движи во германската војска. Германските воени сили изгледаат неспособни за одбрана на земјата (уште помалку за одбрана на друга земја), а реформите остануваат млитави и неубедливи.

Сепак, во исто време, германските политички елити не се задоволуваат само со тоа што работат на непроширување, туку и категорично го поддржуваат повлекувањето на американското нуклеарно вооружување од Германија и кампањата „Глобална нула“.
Ова ја одразува незаинтересираноста на јавноста за одбранбената политика и дава слика за еден конзервативен став, кој мирот го смета за природна состојба на светската политика. Појавата на меѓународна криза произведува краткотрајна паника, но набргу потоа во јавноста повторно се враќа чувството на рамнодушност. Според тоа, стратегијата на Берлин најдобро може да се опише како „затвори ги очите и надевај се на најдобро“. Меѓутоа, потпирањето на германската безбедносна политика само врз надежта може да се покаже како фатално, историјата нуди голем број примери за тоа! Ама не, во Германија – островот на блажените – кога станува збор за безбедноста, политичарот добива гласови заради тоа што практикува наивен идеализам. Така ги задоволува не само пацифистите и сѐ поголемиот број антиамерикански настроени граѓани туку и ги поттикнува уште повеќе – ете така се добиваат гласови! И не е важно тоа што германската безбедност се става под ризик и се храни антиамериканското расположение.

Нарцистичкото однесување и навредливиот стил на Доналд Трамп оди во прилог на ваквиот развој на настаните. Меѓутоа, во сопствената лутина, Германците го занемаруваат фактот дека во Америка политиката на Трамп е подобро прифатена одошто би сакале да признаат тие.
Неговата популистичка дипломатија, базирана на моделот „пријателство со моќни авторитарни лидери и американско оддалечување од бескорисните сојузници“ е попопуларна во САД отколку што претпоставуваат повеќето Европејци.
Американскиот народ е политички истоштен по 17-годишната неуспешна борба против тероризмот. Покрај сето тоа, перспективата е изгубена заради едностраното „удирање клоци“ на Трамп, кое се случува во Германија. Особено загрижува фактот што постои целосно занемарување на овие драматични импликации за безбедносната политика на Германија.

Конечно, дали некој сѐ уште верува дека оскудната безбедносна политика и „клоцањето“ на Трамп се умесни во време на револуционерни светски промени? Наместо тоа, зарем не треба да нѐ загрижува што германската нуклеарна наивност дополнително ги ослабува гаранциите на САД за нуклеарна заштита?

1. Пред сѐ, Берлин треба да се обиде да го изглади спорот со САД во однос на својата безбедносна политика: недоволното трошење за потребите на одбраната мора веднаш значително да се зголеми. Досегашниот „млитав“ пристап не е доволен.

2. Наедно, Германија мора да го подобри квалитетот на своите вооружени сили и, доколку е потребно, да ги модернизира.

3. Германија мора да негува една амбициозна стратегиска култура; за да го нарави тоа, Берлин мора да ги развие волјата и способноста да размислува и да дејствува во воено-стратегиски услови. Појавата на нови предизвици наметна уште поголем притисок врз способноста за геополитичко размислување, како на пример за тоа како да се заштитат трговските интереси на Германија. Имањето една национална одбранбена политика, која се базира на начелата на НАТО, но не се крие зад него, полека стана императив.

4. Новите нуклеарни закани на 21 век не треба да се маргинализираат како некакви „остатоци“ од Студената војна, туку мора да се решат со активно и конструктивно учество на Германија.

5. Новата улога на Германија, како непријател број еден на американскиот претседател, ѝ наметнува радикално преиспитување на сопствената безбедносна политика.

Во оваа деликатна безбедносна ситуација, Германија ги има овие неколку алтернативи:

1. Берлин да продолжи да се „провлекува“ и да се надева на подобри времиња по заминувањето на Трамп. Меѓутоа, ако Германија реши да оди по тој пат, американската безбедносна гаранција ќе станува сѐ помала од ден на ден. Неодамнешните изјави на Трамп во врска со црногорското членство во НАТО дополнително ги зајакнаа сомнежите. Особено Германија, како најнов непријател на претседателот Трамп, не може веќе да смета на поддршката од САД. Ова ни наметнува вознемирувачки заклучок: првпат од 1949 година, Сојузна Република Германија е без заштитата на американскиот нуклеарен штит. Оттаму, во случај на сериозна криза, Германија ќе биде одбранбено ранлива! Но, кој зборува на оваа тема? Кој презентира разумен аргумент за можните последици? Јасно е, дебатата за германската безбедност има потреба од повеќе интелектуални и материјални придонеси. За повторно да ги убеди САД дека НАТО, исто како и неговата земја-членка Германија се вредни за одбрана, Германија мора да размислува и дејствува со поглед насочен кон иднината.

2. Како замена за сѐ поголемата неизвесност во однос на американската нуклеарна заштита, во Берлин сега се разговара за европска нуклеарна сила. Значи треба да се создаде заедничка европска нуклеарна сила или, пак, Франција и/или Британија треба да гарантираат континуирана нуклеарна заштита за Германија. Таа би можела да ја финансира таквата европска нуклеарна сила, согласувајќи се да учествува во британските и/или француските проекти за нуклеарно оружје, ако, за возврат, двете земји се согласат да ѝ ја гарантираат безбедноста на Германија со проширување на нуклеарната превенција. Но дали ваквиот предлог е сигурен?
Европа веќе 70 години залудно чека заедничка одбранбена политика. Дури и во иднина, различните национални интереси ќе се погрижат за неостварливоста на една ваква политика, особено затоа што ниту Британија ниту Франција не се склони да бидат гарантори за германската безбедност користејќи ги своите нуклеарни арсенали. Оттаму произлегува дека француски или британски нуклеарен штит најверојатно не претставува изводлива алтернатива, која ќе ѝ ја гарантира безбедноста на Германија. Најпосле, максимата на Шарл де Гол дека нуклеарната сила е „тешка за споделување“ не се однесува само на Франција. По сето ова, се чини дека Берлин трча по обична илузија.

3. Со оглед на фактот дека американската нуклеарна гаранција станува сѐ посомнителна, а веројатно нема да претстои ни заедничка европска заштита, може да се извлече само еден заклучок: во случај на сериозна криза, Германија може да се потпре само на сопствените сили. На крајот на краиштата, проширената превенција има една голема мана: во сегашниве околности, сојузниците што немаат нуклеарна моќ, како што е случајот со Германија, не може повеќе да бидат сигурни дека некоја сојузничка нуклеарна сила би била расположена да ја гарантира нивната безбедност во случај на криза. Па, така, нашето внимание се насочува кон главното прашање, кое никој во Германија не сака да го разгледа, зошто Германија да не стане нуклеарна сила.

Во минатото, Германија беше во можност да го избегнува оружјето за масовно уништување, бидејќи нејзината безбедност беше гарантирана од друг – ситуација што денес изгледа многу неизвесна. Следствено, на правилото „договорите мора да се чуваат“ сега мора да му следува и она што вели: „Во овие околности“. Логично е појавата на нови кризи и структурни промени неизбежно да води кон преиспитување на темелите на германската одбранбена политика.

Сепак, поради политичка коректност, како и недостигот од цивилна храброст и воено-стратегиски размислувања, се игнорира нуклеарната компонента на нашата безбедност. Наместо акција, носителите на одлуки во Берлин го тераат пристапот „не гледај зло, не слушај зло, не кажувај зло“. Треба да се додаде и дека непромислените одлуки, како што е укинувањето на задолжителниот воен рок, секако мора да бидат повторно разгледани: неодамнешната објава дека ќе се регрутираат и странци во Бундесверот, поради недостиг од домашни апликанти, звучи повеќе од загрижувачки.

Дали Бундесверот ќе се претвори во псевдоевропска Легија на странци поради неподготвеноста на Германија да се брани себеси? Имајќи ја предвид контроверзната енергетска транзиција во Германија, прекинот на соработката со голема нуклеарна сила треба исто така да биде ревидиран. И двете одлуки трајно ги ослабија моралот, општествената заштита и одбранбениот капацитет на вооружените сили, еродирајќи ја наедно и германската улога на земја-пример за цивилна нуклеарна сила.
Да сумираме: предвидливото губење на американска нуклеарна заштита, недостигот од европска нуклеарна заштита, ерозијата на западните институции како НАТО и ЕУ, како и несоодветната одбранбена култура на Германија, повикуваат на целосно преиспитување на одбранбената политика на земјата. Овде секако се наметнува и прашањето под какви околности и по која цена централната европска држава би можела да стане нуклеарна сила.

Кадровските и структурни промени во САД и низ светот ја принудуваат Германија да застане пред тешки одлуки, кои владините и општествените носители не може повеќе да ги одбегнуваат. Нуклеаризацијата на 21 век ѝ се заканува на Германија дека ќе ја направи беспомошна. Наместо да се ангажира околу разоружувањето, светот е под закана од нуклеарни диктатури, базирани на моделот на Северна Кореја.
Како последица на ова, Германија мора да се вооружи за да ѝ се спротивстави на оваа закана. Згора на тоа, таа како демократска нуклеарна сила би можела да ја зајакне безбедноста на западот. Овие прашања мора да се дискутираат без хистерија; нема потреба од кревање паника. Наместо тоа, дебатата треба да се насочи кон тоа како да се осигури долгорочна безбедност за Германија во еден сѐ поконфузен свет. Со оглед на генералниот пораст на националниот егоизам, земја како што е Германија мора да се насочи кон сопствената безбедност. Во идеален свет, секој потенцијален агресор мора да биде задржан од страна на нуклеарна сила. Ако кризите од изминативе години нѐ научија нешто, тоа е дека невозможното многу брзо може да стане реалност.

Сепак, пред сѐ, нуклеарното оружје има политичка функција – имено, да ја заштити земјата од уцени во кризни ситуации. Кризната дипломатија на една земја може да биде успешна само во случај кога е поддржана од силна воена моќ. Конечно, анексијата на Крим веројатно немаше да се случи ако НАТО поседуваше кредибилен заплашувачки капацитет, или ако Русија беше одвратена со закана од некоја супериорна нуклеарна сила. Оттука, Германија мора да се подготви и за ваква евентуалност.

Добро е што ги повикуваме Европејците конечно да си ја земат судбината во свои раце, но претходното искуство со нив ја поткопа довербата во нивната способност да следат една здружена и општоприфатена безбедносна политика.
И конечно, идеализацијата на европската интеграција, претворена речиси во ритуал, како и демонизацијата на националниот интерес, ја доведоа Европа до ќор-сокак и длабока криза. Следствено на ова, наоѓањето баланс помеѓу интересите на заедницата и националните обѕири е одамна задоцнето, особено во Германија. Во пресрет на нови трансатлантски неизвесности и потенцијални конфронтации, националната одбрана базирана на независниот капацитет за заштита од нуклеарна закана мора да биде приоритет.

Како што велат Французите: „Да се владее значи да се предвидува“. И затоа, не смееме да бараме задоволство во авторитарните критики кон Трамп; наместо тоа, мораме да се вооружиме воено, од сите страни и со сите неопходни средства. Водејќи се од една ваква реална и прогресивна политика, еден ден Германија ќе биде способна сама да се справува со кризи и да го зајакнува слободниот свет.

(Во текстот во целост се преземени анализите на професорот Кристијан Хаке, реномиран германски научник, професор на универзитетите во Бон и во Хамбург)