Германија во ЕУ или ЕУ во Германија?

По британското напуштање на Унијата, Германија и Франција беа и сѐ уште се моторот на развојот во Европа. Овој тандем е носечка конструкција на европската интеграција со децении. Но Емануел Макрон би можел да има проблеми да го следи темпото на политичките амбиции на Ангела Меркел, која започна процесот на зајакнување на лидерството на Берлин врз Унијата. Овие амбиции на можеби најмоќната жена во светската политика неделава ги објави бизнис-весникот „Ханделсблат“, кој информира дека за следната година таа посакува претседател на Европската комисија (ЕК) да биде Германец

Дилемата во насловот на коментарот ја одразува и општата дискусија во Европската Унија, која трае веќе извесен период, а која се поврзува со улогата на Германија во овa интегрирано европско меѓународно битие. Многумина европски аналитичари честопати знаат да истакнат дека оваа дилема за германизација на ЕУ (Германија во ЕУ или ЕУ во Германија) е реална и таа не се заснова на новинарски шпекулации туку се темели на организирани државни амбиции и добро осмислени политички чекори на една од најмоќните европски економии.

По британското напуштање на Унијата, Германија и Франција беа и сѐ уште се моторот на развојот во Европа. Моменталната европската интеграција се поврзува со германско-француското помирување во минатиот век. Овој тандем беше носечка конструкција на европската интеграција со децении. Но обединувањето на Германија даде импулс на развојот на европската интеграција. Поконкретно, само откажувањето на Германија од нејзината валута, марката, која инаку беше најстабилна во ЕУ, го овозможи создавањето на единствената валута – еврото, со што и започна процесот на зајакнување на лидерството на Германија.

Таа е четврта најголема економија во светот по номиналниот БДП и петта најголема по паритетот на куповната моќ. Наедно, таа е втор најголем извозник и трет најголем увозник на добра во светот. Има развиено многу висок стандард на живот и сеопфатен систем на социјална заштита.

Дополнително во овој правец битно е да се напомене дека од актуелниот политички естаблишмент на двете земји, Емануел Макрон би можел да има проблеми да го следи темпото на политичките амбиции на Ангела Меркел. Токму оваа амбиција на германската канцеларка може да се препознае во нејзината најнова желба на ова поле, бидејќи за следната година таа посакува претседател на Европската комисија (ЕК) да биде Германец, па дури и по цена Берлин да се откаже од амбициите во врска со Европската централна банка (ЕЦБ).

Овие амбиции на можеби најмоќната жена во светската политика неделава ги објави бизнис-весникот „Ханделсблат“.
Според весникот, канцеларката смета дека претседавањето со Европската централна банка е пред сѐ прашање на престиж, додека претседавањето со комисијата е политички и геополитички важно.

Во контекст на овие актуелни случувања, вредeн за забележување е фактот дека неколку клучни позиции на европските институции треба да бидат обновени во 2019 година, меѓу кои местото претседател на комисијата, на кое во моментов е Жан-Клод Јункер од Луксембург, како и местото претседател на Европската банка.
Во меѓувреме, трката за наследник на Јункер трае во заднина веќе со месеци. Често се споменува името на Французинот Мишел Барние, кој моментално е главен преговарач за брегзит во име на Унијата со Лондон.

Според „Ханделсблат“, Германија сепак ја има предноста во оваа трка наспроти Франција, а во тој правец веќе неколку имиња се споменуваат во берлинските кругови за потенцијални германски кандидати и наследници на Јункер, меѓу кои се и сегашниот министер за економија Питер Алтмајер и министерката за одбрана Урсула фон дер Лејен, кои важат за најлојални играчи на Меркел, како и Манфред Вибер, кој е претседателот на Европската народна партија (ЕПП) на оваа земја.
Од друга страна, овие нови (свежи) германски амбиции првпат излегоа на површина пред две години, кога Јункер (кој е инаку од Луксембург, но потекнува од пруско (германско) конзервативно семејство) првпат по брегзитот одржа говор на германски јазик внатре во ЕУ. На овој начин тој неофицијално даде на знаење дека англискиот јазик веќе нема да е официјален јазик на Унијата и меѓу редови му кажа на светот кој ќе го води орото во Европа.

Историски, пак, во европски контекст, овие германски амбиции исто така не се без основа. Имено, Германија била еден од основачите на Европската заедница во 1957-та, која станала Европска Унија во 1993-та, а првиот претседател на ЕК во времето кога таа носела име поврзано со трговија со јаглен и челик бил исто така Германец – Валтер Халштајн.

Од македонска перспектива, пак, овие случувања треба добро да се следат поради неколку причини. Најважна е првата, односно политичката димензија, која вели дека Германија е важен политички сојузник за Македонија во Европа и голем поддржувач на земјата во правец на нашето зачленување во ЕУ и во НАТО. Оваа констатација може да се препознае преку посредувањето на Меркел во спорот за името со Грција, како и доколку се проследат многуте изјави со слична содржина што изминатиов период ги дадоа министерот за надворешни работи на СР Германија Хајко Мас, и државниот секретар за европски прашања Михаел Рот, кој дури и неколкупати ја посети земјата.

Втората причина зошто на Македонија може да ѝ одговара новонастанатата ситуација во ЕУ е економската. Тоа се темели на фактот дека најмоќната европска економска сила е најголем трговски партнер на земјава, а тоа го покажуваат податоците на македонската и на германската статистика веќе неколку години по ред.

Последните публикувани информации што доаѓаат од Германскиот одбор за економски односи со Источна Европа – Здружение за Источна Европа на германското стопанство, велат дека во периодот јануари-април оваа година, обемот на трговската размена на Германија со Македонија пораснал за 18,1 проценти и изнесува 1,261 милијарда евра, наспроти 1,068 милијарда во истиот период во 2017 година. Германија во првото четиримесечие годинава увезла од Македонија стоки во вредност од 886 милиони евра, за 17,2 насто повеќе од истиот период лани, а извезла производи во износ од 375 милиони евра, што е зголемување за 20,2 проценти во однос на првите четири лански месеци.