Генерација „Страшна е пропаста на родот“ – Георг Тракл

„Страшна е пропаста на родот“. Мотото на оваа колумна, драг читателу е од една песна на Георг Тракл, младич, кој, загинал како жртва на европското лудило во Првата светска војна, по онаа европска la belle epoque на пенливо шампањско и празно естетско задоволство. Уште во неа, во предвечерието на катастрофата поетот го насетил и го почувствувал тешкиот мирис на пропаѓањето и распаѓањето на Европа. На распаѓањето на нејзината гнила генерација. Го насети и го виде во визија страшниот колеж на милиони луѓе, најмногу во цутот на младоста, жртви на материјалната лакомост на Европа, која ја отвори крвавата војна за нова колонијална прераспределба на светот.

Денес е повторно актуелен тој Траклов стих за перфидната Вавилонска, бриселска дама, која не извлече никаква морална поука и која не ја опаметија и духовно и душевно не ја облагородија двете нејзини големи војни во минатото столетие. Но тој стих е посебно актуелен и во контекстот на нашата македонска историска ситуација сега. Повеќе од кога било досега, кога во име на материјалниот профит Западот урива сè. Најмногу од таа негова лакомост страда сега засега Блискиот Исток од каде што, вклучувајќи ја и Античка Македонија, потече реката на цивилизацијата кон дивата племенска Европа со канибалистички нагон и страст, кои до ден-денес не ги скротила таа. На тој нејзин темен нагон и страст денес сме жртва и ние Македонците.

Се разбира на еден пософистициран институционален начин, под маската на поимот „демократија“, до бескрај злоупотребуван од Европа. На удар е Македонија од таа перфидна западна машина, олицетворена во смртоносната направа на месје Гилјотен: гилотината, сега со атрибутот – демократска. А во Македонија под таа пеколна направа е ставена главата (којзнае зошто? а се знае!) само на Македонците. На никој друг. Другите таа ги штити со севозможни правни и други трикови, каков што е на пример Бадинтеровиот закон итн. И сè за да се потиснат и ликвидираат Македонците.
Самата Европа, пак, таква каква што е канибалистичка и колонијалистичка добро ја дефинирале некои нејзини етички и морално освестени интелектуалци, дијагностицирајќи ја нејзината болест што се вика неограничена страст за материјален профит. Така Ерих Фром, филозоф со христијанска и марксистичка ориентација, in medias res тоа го прави уште во насловот на своето дело „Да се има или да се биде“.

Хамлетовска дилема на Западната цивилизација уште пред две столетија кога се јавија првите никулци на денешниот либералкапитализам опседнат од богот на парата. Тој што брише сè што не е во интерес на капиталот. Затоа и Хелдерлин на самиот почеток на оваа западна измислица драматично праша: „Каде исчезнаа трагите на светото?“. На божественото! Тоа прашање денес е дури уште поактуелно во епохата на моќните западни канибалисти/колонијалисти (еве ја на дело теоријата на Роман Јакобсон за преклопувањето, сличноста, на зборовите со звучно и семантичко значење).
Од хамлетовската дилема кај Фром „Да се има или да се биде“, лакомиот европски Запад без размислување и анализа по катастрофа на човештвото (но и на него самиот) го изора првиот став: да се има, го отфрли она со антолошка длабочина: да се биде.

Така му се даде целосен полет на либералкапитализмот. Денес тој се доусовршува не само во Брисел, туку и во Вашингтон, туркајќи го под маска на исчашениот сатрап Сорос концептот на глобализмот. Поим што приближно, на поинаков начин и со поинаква визија, го дефинира еден поинаков западен ум, Гете со неговата пророчка теза за блискиот настап на светската литература, што со други зборови значи настап на еден духовен, а не материјален глобализам, концепт што далеку пред германскиот гениј го дефинираа и живо практикуваа Александар Македонски и Аристотел. Но генетска, атавистичка линија, како меморија, по нешто повеќе од два милениуми на него се надоврза ингениозниот македонски револуционер Гоце Делчев со визијата за „Светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Тоа. И не биди збунет, драг читателу, оти гледам дека веќе ме прашуваш што сакам да кажам. Исправно. Тоа, дека од Фромовата дилема: „Да се има или да се биде“ Македонците уште длабоко пред Христа го одбраа вториот став на оваа парадоксална равенка: да се биде. И таа определба кај нас, без разлика на цената што ја плаќаме за тоа, трае до денес. Први сме го замислиле и сме се обиделе да го реализираме концептот на културниот глобализам, за разлика од западниот што е материјалистички и експлоатирачки. Сме се обиделе да создадеме светска држава на народи во сè рамноправни, без разлика на нивната различност која максимално сме ја почитувале.

Притоа обединувачки принцип беше Љубовта како принцип на владеење. Небаре некој тип идеална теократска држава за каква што сонуваше Достоевски, но секогаш ставајќи ја во центарот Русија. Тоа што не беше карактеристично за Античките Македонци и нивниот идеолошки космополитски концепт на љубов меѓу народите како претслика на христијанството што ќе се објави преку Исус и Новиот завет подоцна. Оттука и не е воопшто случајно, имено, доаѓањето на најревносниот Исусов апостол Павле во Македонија од каде што ѝ го испрати Словото на Љубовта на Европа. Но таа до денес, за жал, ништо не научи од него за што најевидентен пример се и двете нејзини светски војни во минатото столетие, веќе спомнати понапред.

Да. Ние сме со столетија потрупани со мрак, ама сепак сме избрале да постоиме. И тоа бил, и е нашиот имот. Секогаш сме стоеле во Името како наш свадбен чеиз од Господ, завет и архетип. Тука во поновата историја неколку, три генерации тоа го потврдиле со царски печат на својата саможртва. Мислам најпрвин на нашите преродбеници од деветнаесеттиот век (Пулевски, Миладиновци, Цепенков, Џинот, Прличев, Жинзифов…), потоа доаѓа втората генерација, која се испреплетува и надоврзува на првата. Тоа се илинденските херои: Делчев, Сандански, Карев, Поп-Геогиев Беровски, Питу, Шатев и велешките гемиџии, и уште една блескава херојска плејада достоинственици и саможртви за македонизмот. Тие се бореа за слободна и автономна Македонија, која ќе ја изведат со сиот нејзин културно-цивилизациски интегритет на европска сцена. Но со геноцидниот Букурешки договор (1913), а пред тоа и со Берлинскиот конгрес вавилонската западна ороспија не го дозволи тоа. Но семето на духот и на херојството на илинденците не беше залудно. Тоа врза плод кај илинденските наследници, асномските херои, кои заедно со Пролетерската интернационала, денес ништена од НАТО, ги поставија темелите на обновената македонска државност, на македонскиот колектив во светот за „културен натпревар меѓу народите“ (Гоце). Таквата Македонија асномските херои, на кои сега нашата квислиншка влада им се помоча, драг читателу, ја изнесоа кристално јасно на површина од најголемата катастрофа, Втората светска војна.

И, благодарение на таквата џепојцка саможртва и јас (да почнам од личен пример) бев зачнат и роден во слобода. Беше зачната и родена така и целата моја генерација од која, гледајќи ги нејзината аморфност и бездејственост во целата наша трагична ситуација се срамам што сум нејзин припадник. Зошто? Затоа што без никаков отпор, без каква било смисла за саможртва таа гледа како домашната петта колона, компонирана од властољупци, политичари, академици, универзитетски професори, писатели и секаков друг сој надувани уметници го распродава за ситни бенефиции малоумно нашето Име и идентитет, не осмелувајќи се дури и малодушно, а камоли радикално да реагира. Гледа како европските политидиоти од Брисел нè внесуваат во колективна идентитетска мртовечница и молчи.

Сето тоа, пак, драг читателу, сакам на микроплан да ти го илустрирам со една ремарка/рефлексија на нашиот проверен (можеби единствен сега) европски пријател (веќе покоен, за жал) бившиот германски амбасадор Ханс Лотар Штепан. За тоа му пишував неодамна и на сегашниот француски амбасадор кај нас, неговата екселенција Кристијан Тимоние. Е, Ханс Лотар Штепан во своето интервју со Мирка Велиновска („Фокус“ 22 април 2005 г.) му дава портрет на еден наш современик интелектуалец, негов пријател, плус и поет озгора. Тука тој преку него всушност дава портрет и на целата наша млитава сегашна генерација со ситна душа и предадена на ситни задоволства во време кога некој ја праќа во идентитетска смрт. Германскиот амбасадор вели: „Еден мој познајник, поет (уште да се срамам што сум и јас поет, м.з), кој денес раководи со една приватна телевизиска куќа, кој не го бев видел неколку години, денес парадираше пред мене со своите италијански чевли, ми мавташе пред нос со својот скап часовник и мобилен телефон на кој смирено ми ја покажуваше сопругата, како да го освоил светот, како да ги исполнил сите најамбициозни сништа.

Боже, си помислив, зарем ова се оние луѓе што страдаа за Македонија, кои жалеа што е таа непризнаена и неприфатена. Ако денес Македонија е како него, Боже мој, заборавете ја Македонија. Таа е загубена“. Да, драги наш Ханс Лотар Штепан, таква е денешната нејзина генерација од шупливи интелектуалци, академици, универзитетски професори, ситни службеници, поети, писатели и други цревоугодници, кои од дилемата на Доброљубов „Шекспир или колбаси“, го отфрлија Шекспир и ги прифатија колбаси. Да му пукне срцето на човек. Остана идентитетски здрав кај нас само обичниот народски човек, кој сè повеќе се тенчи и го снемува. Тоа. Туку во навалицата асоцијации сега ми иде во мислите една бескрајно луцидна синтагма на ингениозниот прв идеолог на визијата за обединета Европа заедно со анархистот Бакунин, пред оние сега бриселски политидиоти што тие, кога би станале од гроб сите би ги собрале во вреќи и топтан би ги фрлиле на дното од Атлантски Океан.

Таа негова синтагма гласи in medias res „во смртта сите ние сме современици“. А јас, драг читателу, би додал: и на Небото, пред вагата на Страшниот Суд. Таму на мерење ќе се најдат лице в лице со Божјата Правда, на пример, и нашиот премиер Заев со неговиот палеолитски министер Димитров, како и сите македонски пратеници-квислинзи во Парламентот што го турнаа сопствениот народ, кој, за жал, ги роди нив, во идентитетска мртовечница. Таму ќе се најдат тие лице в лице и со Делчев, Сандански, Поп-Георгиев Беровски, Чуповски, Пулевски, Рацин и сличните. Од нив тие ќе бидат исплукани со плунка, која ќе ги потопи како океан, откако ќе биде измерена на вагата на Страшниот Суд со теговите на Вистината и Правдата секоја нивна прашина на валканата душа, за да се утврди големината на нивниот грев кон родот, а потоа ќе им биде ширум отворена вратата на Пеколот. За некои тој е само метафора за совеста на човекот. Но, не, драг читателу. Овие, според сè она што го направија и што му го прават на сопствениот народ немаат ни совест, ни душа ни срце. Туку жал ми е, јанѕа ме фаќа што оваа генерација Македонци сето ова мирно го гледа, завалена пред телевизорите и по кафеаните. Мисли дека катастрофата, потопот иде за другите, иако е таа веќе удавена во него.

Од мене толку за денес, драг читателу, на оваа тема-море. До следната наша средба голем поздрав.