Гаснење на трите македонски мита

Со постигнатиот договор за пријателство со Бугарија и со потпишаната спогодба со Грција, со нејзиното изгласување во Собранието, со драматичните настани во него и со уставните измени што следуваат, Македонија и Македонците се на патот дефинитивно да расчистат со три вековни мита поврзани со нивната историја. Првиот е митот за Александар Македонски и древното потекло на македонскиот народ. Вториот, митот за обединета Македонија, Балканските војни, Букурешкиот договор и поделбата на територијата на етничка Македонија меѓу Бугарија, Србија и Грција во 1913 година. Третиот се однесува на ВМРО (Внатрешната македонска револуционерна организација). Со спроведувањето на договорите во дело, со новото име Република Северна Македонија, новата држава си презеде обврска не само да се ослободи од нив туку сите овие работи да ги закопа во гроб.

Митовите, легендите, приказните, бајките, во принцип, и политички и практично, служат за засилување, обединување и зацврстување на националното ткиво на еден народ, на една нација, на еден етникум, голем или мал. Кај нас, меѓу Македонците, се случува обратното. Сите три мита, отворените прашања за нив, историските факти или фалсификати, нивното восприемање и толкување низ историјата, направија голема национална поделба и во независна и самостојна Македонија. Иако ниту еден од овие митови одамна не е табу-тема, иако на виделина излегоа многу дотогаш непознати факти, ниту еден од нив не послужи како основа за постигнување национално единство, за меѓусебно помирување и зближување на идеологиите, на партиите и меѓу поединците. До кога ќе трае тоа, ретко кој може да каже, особено ако се има предвид сознанието дека ниту еден таков обид не успеал. Некои Македонци од повеќе генерации нив ги одболувале, но којзнае дали некогаш ќе ги преболат.

Александар Трети Македонски (Александар Велики), творецот на големата македонска античка империја, е (беше) повторно меѓу Македонците. Ако ја тргнеме настрана историјата, не навлегувајќи во докажување или во спор дали денешните Македонци се директни или индиректни негови потомци или навистина немаат никаква врска со него, може да се каже дека култот на Александар се негувал подолго време меѓу народот. Неговото име го има во народни песни, во приказни на целата македонска говорна територија. За време на бивша Југославија, како и во првите години од осамостојувањето, ниту историчарите, ниту науката, ниту политиката покажаа големо интересирање или свртеност кон историјата од пред две илјади и триста години. За волја на вистината, култот на Александар беше жив меѓу македонската дијаспора во Америка, Австралија и во Канада. На таа дијаспорска историчност во Македонија се гледаше, во извесна смисла, како на непријателска пропаганда и можна опасност од пренесување во самата Македонија.

Гледано од денешен аспект, навраќањето и актуализирањето на тој период од историјата на древна Македонија, оживувањето на имињата на првите македонски кралеви и воскреснувањето на прашањето за потеклото на Александар Велики кога-тогаш мораше да се случи во независна и самостојна Македонија. Тоа што поранешните власти не ги согледуваа (или не сакаа да ги согледаат) величината на култот и употребната вредност на големиот војсководец, го намириса и максимално го зграпчи Никола Груевски, откако застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а особено откако стана претседател на Владата. Јавајќи на приказната за древното потекло на денешните Македонци и нивното идентификување со една од најзначајните личности во светската историја, освои илјадници гласа во неколкуте по ред изборни победи.

Тоа е едната, да речеме, светлата страна на медалот, на таа античка кулминација, силно поткрепена со антиквизацијата, со подигнување на голем број споменици, а особено со „Скопје 2014“. Другата, враќањето кон Александар и неговото време и барањето на националните корени преку него, не без основа, се истретира како удар врз научно прифатениот словенски карактер на Македонците. Груевски го пресече Гордиевиот јазол на скромноста на современите Македонци кон својот славен предок, но заврза повеќе други, кои тешко ќе се отплеткуваат. И покрај сите напори и вложени пари, замислен како национална катарза, тој проект, наместо единство, внесе нов национален раздор со сериозни последици. Но таа катарза, автентично внатрешномакедонска или донесена од дијаспората, беше нужно да се одживее и преживее како уште еден чекор напред во расчистувањето на македонските вистини или заблуди.

По промената на власта, гаснењето на ликот на Александар во македонската јавност, освен што ќе се случува само по себе, ќе биде поттикнувано и со имплементацијата на спогодбата со Грција. Во неа, на еден или друг начин, македонската страна се откажува од античкиот период, така што во идната Република Северна Македонија повеќе ќе се употребува името Александар Трети или Александар Велики. Најверојатно не ќе биде забранета употребата на името Александар Македонски, но официјално ќе биде надвор од употреба, како што, најверојатно, надвор од употреба ќе бидат ставени и имињата на античките личности од називите на улиците.

Договорот за пријателство со Бугарија и спогодбата од грчка Мала Преспа уриваат уште еден мит, уште еден неостварен (или, поточно, нестварен) сон. Митот за обединета Македонија (територијално, географски, етнички и државотворно), кој, барем фиктивно, не згаснал повеќе од еден век, ги одживува своите последни денови. Спојувањето на наводните историските граници од Шара на запад до Пирин Планина на исток, од Вруток (изворот на Вардар) до Солун и реката Бистрица, до Солунскиот залив сосе Халкидики на југ, и нешто над Врање на север, кај многумина дома, а особено во дијаспората, било пуста желба на неколку генерации. За тоа сведочат и многубројните мапи со „историската“ територија, мапи што красеа многу простории, неофицијални и официјални канцеларии, разни ресторани, дури и домови.

Поделбата на територијата на географска Македонија меѓу Србија, Бугарија и Грција, направена со Букурешкиот договор во 1913 година, по двете Балкански војни, остави неизбришливи трауматични траги, кои не се избришани кај дел од Македонците од трите страни на границата. Идеалот за обединување, паролата „Солун е наш“, која често била злоупотребувана, копнежот за Бело (Егејско) Море, се елементи за кои со сигурност може да се каже дека носеле повеќе штета одошто корист. Новото време покажува дека националната, етничката трагедија на Македонците како народ не може да се лекува со плачки, со бесполезни зборови за неправдите од големите сили.

Дотолку повеќе што сонувајќи за Пирин и Егеј, македонскиот народ си ја губи територијата на домашен терен. Полека но сигурно, засега само етнички, го губи или свесно го напушта просторот на Северозападна Македонија, од Липково до Ќафасан, од српската до албанската граница. Таа е реалноста, другото беше и ќе остане само фикција. Една голема лага што оживеа во времето на воскреснувањето на ВМРО, преку Љубчо Георгиевски, и на која наседнаа голем број искрени патриоти, а ја пропагираа квазипатриотите, провокаторите и шпионите.

Третиот жив мит меѓу Македонците е организацијата ВМРО, нејзината не докрај разјаснета улога во борбата за автономна или самостојна држава, нејзините контроверзии, историската поврзаност со Бугарија и слично. Сепак, колку некој да не ја сака, вистината е дека ВМРО безмалку е митска и легендарна појава во свеста кај голем дел од Македонците, но истовремено и негирана и извалкана кај друг. Оживувана и прогонувана, слободна или забранета, јавна или тајна, оваа организација покажа историска жилавост за опстојување. Таа слика не е изменета речиси 125 години, а прашање е дали и денешните историчари имаат можности и капацитет да ги расчистат сите контроверзии. Ако новите генерации историчари не подлегнат на барањата на политиката на власта, без разлика која партија ја води државата, ако не прават нови фалсификати наместо старите, Македонија ќе може, ако не конечно, барем достоинствено, да го расветли феноменот на ВМРО и со тој мит да не ги оптоварува и новите генерации, да не шири нови заблуди и да не влева лажни надежи.

И последните настани во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, наследничка на револуционерната организација, сведочат дека таа боледува од истите болести чии вируси ги внесоа уште основачите, а не останаа имуни ни подоцнежните лидери. Изнедрена во утрото на македонската независност, за која има не мал придонес, партијата и во совремието, во повеќепартиски, релативен демократски амбиент, ја покажува својата историска недоследност. Обилно го надградува историјатот на меѓусебни колежи, на меѓусебни крвави пресметки, на лукавства и предавства, на историска подмитливост, подлегнување на клептоманство и предавање (продавање) на соборците за 30 сребреници.

Новото време, неуспехот во Собранието да го одбрани името на државата во кое се колнеше, не може да му одат во прилог, а особено не и понатаму да се претставува како единствен заштитник на македонскиот народ и на неговите национални интереси. И тој мит веќе не врви, а уште помалку може да донесе национално единство, како што не донесе и при нивното долго владеење.

Што се однесува до името Македонија, кое ќе замине во историјата, и натаму ќе биде нештото што народот ќе го дели, зашто името, од стварноста, заминува во митовите, во легендите. Тие одвреме-навреме се забораваат, но, да не заборавиме, во одредени периоди воскреснуваат.

[email protected]