Косовскиот претседател Хашим Тачи искажа спротивно мислење од она на албанскиот претседател Еди Рама околу прашањето за разграничување меѓу Србија и Косово

Српскиот претседател, Александар Вучиќ изјави дека постигнувањето каков било договор со Приштина мора да подразбира дека Србија ќе добие гаранции и ќе стане членка на Европската Унија во 2025 година.
– Ако биде постигнато решение, тоа би требало да биде сеопфатен договор што ќе ги вклучи не само односите меѓу Србите и Албанците на Косово, туку би морал да го вклучи и решавањето на патот на Србија кон ЕУ и економскиот напредок – рече Вучиќ.
Претходно косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека размената со територии треба да биде проследена со задолжително признавање од Србија на независноста на Косово и нејзин прием во Обединетите нации.

Свој став околу српскиот предлог за корекција на границите има албанскиот премиер Еди Рама, кој смета дека Белград и Приштина мораат да одржат одговорни стратегиски разговори затоа што таква можност можеби нема да се повтори наредните 30 години.
– Косовските власти мораат да работат на платформата за дијалог. Јас сум последниот што треба да го коментира тоа, затоа што на Косово трае дебатата околу една идеја, а не за платформа. Нема да говорам во име на Косово. Потребно ни е нешто повеќе од само една дебата – рече Рама на албанската телевизија Топ ченел.
Според него, станува збор за деликатно прашање затоа што не станува збор само за Косово туку и за албанската нација.

– Албанија има обврска да го поддржува Косово и ние ќе почекаме да видиме што ќе одлучат тие. Албанците мора да дискутираат како вистински мажи, со консензус, а не да создаваат меѓусебни судири – тврди Рама.
Косовскиот претседател Хашим Тачи е незадоволен од ставот на официјална Тирана во врска со актуелните состојби на Косово. Тачи не ги прифати добро барањата на албанските државници за градење единствен став на косовските раководители за дијалогот со Србија.

– Потребни се консултациите и такви консултации имавме во текот на изминатите три декади со раководството во Албанија, но ние сме две суверени држави и одлуките на крајот за дијалогот со Србија ѝ припаѓаат на Приштина. Онака како што ние не се мешаме околу прашањето што Албанија го има за морската граница со Грција, така и спогодбата Косово – Србија е наше прашање – изјави Тачи коментирајќи ги ставовите на Тирана изнесени на средбата со претседателот на Собранието на Косово Кадри Весели во Тирана, на која албанското раководство кажа дека косовските раководители треба да имаат еден единствен став кога се во прашање преговорите со Србија и додадоа дека не треба да има размена на територии, за границите да си останат исти.

Во изјавата што ја пренесува ТВ Клан косовскиот претседател Тачи реагира остро и околу противењето на Тирана за неговите опции за корекција на границите. Официјална Приштина е значаен фактор во односите помеѓу Албанците и Србите.
– Денешнината и иднината на албанско-српските односи поминува од Приштина кон Тирана, а не како што претендира Белград од Тирана кон Приштина – вели Тачи.