„Црковното собрание“ не се изјаснуваше за политиката на Вучиќ

Патријархот на СПЦ, Иринеј, во изјавата за медиумите рече дека претседателот Вучиќ јуначки се бори за Србија, за Косово и Метохија и за сѐ што е поврзано со српското име

Мнозинството владици на Српската православна црква се придружиле на пристапот за решавање на проблемот со Косово, за што се залага и српскиот претседател Александар Вучиќ. Според пишувањето на „Новости“, на последната седница на Саборот на СПЦ, на која присуствувале и претседателите на Србија и на Република Српска, Александар Вучиќ и Милорад Додик, имало отворена дискусија за идејата за разграничување со Албанците.

Српскиот претседател пред владиците ветил дека ќе продолжи да се бори за да извлече максимум за српскиот народ, но притоа нагласил дека нема да потклекне на уцените и да отстапи од она што е нивно право.
– Ми се чини дека добро се разбравме. Важно е да ги разбираме нашите различности и веруваме дека работиме сите во интерес на нашата татковина. Отворивме многу прашања поврзани со српските етнички простори. Дневно губиме по 104 луѓе, бидејќи наши луѓе повеќе умираат отколку што се раѓаат – изјави Вучиќ по состанокот на Саборот на СПЦ.

Патријархот на СПЦ, Иринеј, во изјавата за медиумите рече дека претседателот Вучиќ јуначки се бори за Србија, за Косово и Метохија и за сѐ што е поврзано со српското име. На прашањето дали е тоа личен став, Иринеј дополнил дека тоа е став на Соборот на СПЦ, пренесе Танјуг.

– Состојбата на КиМ е многу тешка и неизвесно е како ќе се најде решение за ова прашање. Не се сомневам во добрите намери на српскиот претседател – рече Иринеј, кој изрази воодушевување од енергијата со која се бори Вучиќ.

Весникот „Данас“, повикувајќи се на извори од Саборот на СПЦ, објави дека пофалбите искажани од патријархот Иринеј до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не се став и на архијерејскиот сабор.

„Црковното собрание“ не се изјаснуваше за политиката на Вучиќ, а голем дел српски владици биле и против учеството на Вучиќ на редовното собрание на СПЦ.

Присуството на Вучиќ повеќе личеше на обид на „дисциплинирање“ на епископите што се критични кон неговата политика отколку на разговори со највисоките претставници на црквата за горливите државни и национални проблеми. Притисокот на Вучиќ на црквата е незабележан во последните неколку децении – пишува „Данас“.