Навивачките труби што се појавија првпат на Светското првенство (СП) во 2010 година во Јужна Африка и кои на многумина им предизвикуваа главоболки на стадионите, повторно ќе се појават и на СП во Русија. Но овој навивачки рог, сега ќе биде во нешто поинаква улога.

Организаторот на СП соопшти дека голема вувузела од девет метри ќе биде поставена во паркот „Соколники“ во Москва. Тоа всушност ќе биде електричен рог со боите на руското знаме, кој ќе биде монтиран под агол од 30 степени на плоштадот „Фонтана“ на 13 јуни, само ден пред почетокот на Мундијалот,
Во внатрешноста на гигантската вувузела ќе има систем од звучници и микрофон, кои ќе бидат чувствителни на човечкиот глас, а навивачите ќе можат да ја користат. Организаторите велат дека таа не би требало да биде многу „агресивна“, бидејќи ќе произведува звук до 120 децибели звук, кој, пак, е целосно прифатлив за човечкото уво.

– За разлика од класичните вувузели, оваа ќе биде електрична и ќе има помек звук. Ќе биде бучна како автомобилска сирена, а ќе биде поставена поради навивачите на руската репрезентација, кои на тој начин, на денот кога ќе се игра средбата, ќе можат гласно да ја поддржат својата селекција, ако веќе не можат да бидат на стадионот со другите навивачи, каде што ќе се игра – прецизира Андреј Копосов, уметничкиот директор на паркот „Соколники“.