И третата партија од мечот за титулата светски шаховски првак помеѓу бранителот на круната, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени) и претендентот, Американецот Фабијано Каруана (2.832), заврши со поделба со поенот. Како и во првата партија беше играна „сицилијанска одбрана“, а како и во вториот дуел беа одиграни 49 потези.

Карлсен, кој беше „црн“ имаше повеќе шанси да игра за победа, но повторно недоволни за цел поен, па резултатот и понатаму е нерешен, сега 1,5-1,5. Четвртата партија се играше вчера, а белите фигури вторпат ги имаше светскиот првак.
– Само еднаш одиграв лош потег во партијата и тоа 15-от, кога наместо со топ одиграв со ловец, сметајќи дека ќе дојде истата позиција, но… – рече Каруана по партијата.
Сепак, црниот крал не можеше да се пробие низ белите редови, а во завршницата Каруана направи мала финеса, го жртвуваше својот коњ за пион, оти црнополниот ловец на Карлсен беше некорисен за промоција на пионот на полето Х1, поради разнобојноста.

Сепак, љубителите на шахот во светот, кои не се присутни во Лондон, засега се разочарани, бидејќи немаат можност во живо да ги гледаат двата главни актера, освен коментарите на многубројните велемајстори на повеќе сајтови, што е разочарувачко за уште поголема популаризација на древната игра. Главниот сајт на турнирот партиите ги пренесува, барем засега, во живо само во првите 30-40 минути.