Вториот Њутнов закон

„Масата е мерка за инертност на телата“ – е постулатот на вториот Њутнов закон во класичната механика. Така го помнам од читанката по физика и, колку што ми е познато, останал непроменет до денес. За оние што го учеле на часот по физика во периодот пред референдумот за територијална поделба на Република Македонија во 2004 година, а особено пред референдумот за независност во 1991 година (каде што припаѓа и авторот на оваа колумна), едно мало потсетување: Исак Њутн ја вовел масата како мерка за инертноста (тромоста) на телата – својство што се манифестира како спротивставување на промената на нивната состојба, што е опишано со првиот Њутнов закон, познат уште како закон за инерција.

Со други зборови, првиот Њутнов закон го објаснува отпорот на секое физичко тело да ја смени состојбата од мирување во движење (или обратно), односно настојува, според изворната дефиниција на овој закон, да ја задржи таа состојба сè додека на него не дејствува некоја надворешна сила.

Бидејќи личната читанка по физика одамна ја изеде потребата за рационализација на скромниот подрумски простор, се послужив со слободната енциклопедија на Википедија за ова потсетување на законите, кои не се менуваат тукутака под дејство на надворешните сили или, што би рекол Њутн, се мошне инертни. На пример (како што милуваа професорите да ни ја поедностават комплексната целина на квантната механика): ако на некое тело, да речеме автомобил, дејствуваме со доста голема сила, а притоа не го придвижиме многу, може да се рече дека телото е релативно многу инертно. Ако, пак, на некое друго тело дејствуваме со релативно мала сила, а притоа значително ја промени својата положба, може да се рече дека тоа тело има релативно мала инертност.

Во новата читанка за осмо одделение се променети само телата што „трпат“, па во нив „на мака“ се сега тиквите. Или, колку тиквата е поголема, толку инерцијата е поголема, а телото, односно тиквата дава поголем отпор при забрзувањето, под претпоставка, нели, тиквата да е полна.

Не е тешко да се заклучи дека она што е неприкосновено точно во класичната механика, се чини применливо и во стварноста. Па така, на пример, кога нашето тело е во статика по обилен ручек или по долгометражен политички дуел, тоа (телото) го бара најкраткиот пат до троседот или спалната соба, односно го следи „првиот Њутнов закон“ – настојува да ја продолжи состојбата на пасивност во креветот.

Колку е пообилен ручекот, односно колку е непотребно проголтано од трпезата или телевизорот, толку нашата сопствена маса станала поинертна на промена од типот на прошетка по оброкот (во првиот случај) или читање книга (во вториот случај). Масата на прејаденоста од храна и празни зборови станала мерка за нашата инертност, во првиот случај почувствувана како физичка тегобност, а во вториот како душевна литост (литоста чешкиот писател Милан Кундера ја дефинира како вознемирувачка состојба изродена од глетката на нашата наеднаш откриена сопствена мизерија).

За промена на оваа положба, според физиката (а и според метафизиката на живејачката), на телото мора да се дејствува со сила. Или по старински – по сила на зортот. Зортот ја преобратува статиката во динамика, барем онаа традиционална статика на домашната мрзеливост. Полната трпеза е слаба мотивација, но празната трпеза и неплатените сметки се доста убедливи. Ако, пак, инертноста на стварноста е голема и нема разбирање за оваа преобразба, голема е веројатноста „телото“ да се пресели во друг инерцијален појдовен систем (ИПС) или, по старински, во туѓина, каде што значително подобро функционира првичната дефиниција на вториот Њутнов закон: промената на количеството движење е пропорционална на приложената придвижувачка сила и оди во истата насока по која таа сила дејствува. Во практиката тоа значи: колку се трудиш – толку напредуваш на патот што си го избрал.

Лекцијата за вториот Њутнов закон во новите читанки за осмо одделение започнува со реченицата: „Со сила може да се влече, турка, витка, свиткува итн. Колку поголема сила ќе употребиш врз некој предмет, толку побргу ќе го турнеш или ќе го виткаш.“ Неоспорно. Само што некој во оваа класична македонска стварност зборот „предмет“ го заменил со „народ“, поточно, го опредметил за полесно да го влече, турка, витка и свиткува. Законот на класичната механика го преобратил во непишан закон за класична непроменливост. Можноста за личен и општествен развој е сведена на тврда кочница, толку крута, што е нужна промена на целиот „инерцијален појдовен систем“ односно системот според кој (не) функционира безмалку сè во државата или полесното – негова замена со друг/друга држава, поточно – иселување.

Но, како што пишува под насловот „Гравитација“ во учебникот, не е лесно да се напушти Земјата. Мала замена на големата со малата „з“ и влегуваме во училишната клупа: ако скокнеш нагоре, некоја сила пак те враќа на земјата. Но малку понатаму наидувам на сериозно отстапување, каде што „таа постојано ги влече телата кон Земјата, но ние сепак не пропаѓаме низ подот.“ Како тоа не пропаѓаме? Пропаднавме низ толку подови, што Балашевиќ веројатно размислува да ја преработи „Дно дна“…
Вчера наврши една година од референдумот за „членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, кој заврши неуспешно поради недоволниот цензус, па сепак му послужи на однапред подготвениот одговор без прашање, како што некои прашања не заслужуваа одговори за време на референдумот во 2004 година, на патот на националниот инженеринг.

Увото на власта се покажа инертно на „звукот на тишината“, како што по тој повод деновиве елегично ќе го именува бојкотот една од „несудените“ кандидати за претседател на државата. Оттогаш (всушност многу порано), по некаква инерција, тишината полека истекува во една поинаква, глува тишина – тишина на литоста изродена од глетката на нашата наеднаш откриена сопствена мизерија.

Слично како во физиката, Македонија ја губи (и буквално) својата маса: се раселува по сила на зортот, а со тоа ја губи и способноста за отпор кон наметнатите процеси на обезличување и обесправеност до поништување. А кога во служба на надворешните сили се и внатрешни сили, на изглед се чини нерешлива равенката на овој физички свет, каде што суверено владее ентропијата. Кога Плутон е исфрлена од редот на планетите во 2006 година и престанува да биде тоа, што преостанува за една држава што е уште јаболко на раздорот на Балканот и во слободен пад како она божемно јаболко врз главата на Њутн?

Утешно звучи онаа лекција од учебникот (стр. 38) каде што вели: „Замисли дека си на Месечината… На Месечината ќе имаш помала тежина отколку на Земјата. На Месечината можеш да отскокнеш повисоко отколку на Земјата, а сепак повторно ќе стапнеш на нозе.“ Да, но тоа е на Месечината. И Европа ја претставуваат како некаква Месечина, барем според леснотијата на површината. Но научно е докажано дека единствената сила на Земјата што ги турка телата нагоре, наспроти силата што нè влече надолу, е реакцијата на подлогата – единствената што може да нè задржи да не пропаднеме низ подот и каде што за секоја примена на сила се јавува еднаква, но спротивна по насока реакција – сила со иста јачина и спротивна насока. Да, тоа е третиот Њутнов закон, но до таа лекција од учебникот уште не сме стигнале. Но никогаш не се знае. Дури и една Википедија знае дека досега нема ниедна прифатена теорија што го објаснува изворот на инерцијата.

П.С. Верувам и се надевам дека професорите уште милуваат да поучуваат со љубов и преку примери, да стане разбирлива не само целината на класичната механика туку и розовиот балон на стварноста, кој иако пукнат, се крпи и повторно се надувува. За разлика од туѓите грешки, кои често остануваат без ученици, поуката на учителката од своите грешки ја чувствуваме директно и болно како удар од камен среде челото. Пред неа (според примерот погоре), само најинертните тикви остануваат негибнати, имено – празни.

Авторот е магистер по мир и развој и поет