Во музејот „Тисен Борнемиза“ во Мадрид, Шпанија, е отворена изложбата „Моне/Буден“, која ќе трае до крајот на месецов.
Францускиот сликар Ежен Буден, познат како сликар на плажи, пристаништа, реки и бродови, со својата работа инспирираше голем број импресионисти, а особено Клод Моне, еден од пионерите на импресионизмот. Оваа изложба ја истражува врската меѓу двајцата уметници.

Клод Оскар Моне како млад црта карикатури и ги изложува во витрините на продавниците, па дури и ги продава за џепарлак. Средното училиште го напушта кога умира мајка му и заминува да живее со тетка му. За младиот Моне се заинтересирал локалниот сликар Ежен Буден и наскоро почнува да го учи на сликарските техники. Во Париз заминува во 1859 година, а две години подоцна во Алжир каде што го отслужувал воениот рок, но таму се разболува и по две години се враќа во Париз, воодушевен од боите и светлоста на југот. Продолжувајќи го школувањето го сретнува Реноар, Базил и Сисли со кои развива нов пристап кон сликарството, техника на сликање со груби потези на четката, ефекти од светлина и јаки бои. Првпат изложува во Салон во 1865 г., постигнувајќи голем успех. Во тоа време ја запознава и Камиј Донсије, која ќе му стане животна сопатничка. Од 1870 до 1899 година Моне постојано се сели и патува, во Франција се враќа и со Реноар слика пејзажи на вода, а го подготвува и своето пловечко ателје.

Групата сликари, кои ќе бидат наречени импресионисти, веќе е создадена. Моне во 1872 година ја создава „Импресија – залез на сонцето“, која првпат е изложена во 1874 г., на изложбата што ќе го означи пресвртот во светот на уметноста.