Политичките лидери на новите демократии често инсистираат дека новинарите мора да бидат ограничени од државата, додека не научат одговорно да си ја вршат работата. Но ваквиот пристап го попречува, наместо да го забрза развојот на доверливи и слободни медиуми

Џош Фридман

На едно патување во Етиопија во 1990-тите, се сретнав со премиерот Мелес Зенави за да го убедам да престане да затвора новинари. Откако паравојските на Мелес ја соборија репресивната диктатура поддржана од СССР, во Етиопија се појавија голем број помали весници, а многу од нив понекогаш објавуваа неточни вести и го критикуваа Мелес. Тој реши да ги дисциплинира со закони што ги криминализираа, како што велеше самиот, „навредите“ кон Владата, и со казни за новинарите што ширеа лажни вести. Етиопија брзо стана една од земјите со најмногу затворени новинари.

Со нова реформистичка влада, Етиопија сега брзо напредува во подобрувањето на слободата на медиумите и ослободување на затворените новинари. Но сѐ уште не е време за славење. Некои од новите медиуми понекогаш објавуваат неточни приказни, па Владата размислува за враќање на дел од контролата врз медиумите. Пред да го стори тоа, таа треба да се потсети на научените лекции од мерките на Мелес. Таа треба да сфати дека новинарите се незапирливи и дека со контролата на медиумите не се постигнува ништо на долг рок. Всушност, таа само го одложува развојот на попрофесионални медиуми. Мелес своевремено понуди едноставно објаснување за активностите на неговата влада.

– Нашите новинари не се професионални како новинарите од САД и од Западна Европа. Тие не знаат да објавуваат точни вести. Мораме да им поставиме насоки додека не научат да ги вршат своите работни обврски – ми изјави Мелес, кој да беше жив, денес сигурно жестоко ќе се бореше против лажните вести.
Повеќе од три децении се борам за слободата на медиумите во светот. Како претседавач на Комитетот за заштита на новинарите, многупати слушнав аргументи како оние на Мелес. Политичките лидери на новите демократии често инсистираат дека новинарите мора да бидат ограничени од државата, додека не научат одговорно да си ја вршат работата. Но овој пристап го попречува, наместо да го забрза развојот на доверливи и слободни медиуми.

По средбата со Мелес, почнав да барам историски докази за неговото тврдење дека недоволно професионалното новинарство го оправдува ограничувањето на медиумите. Сакав на наредната средба да му дадам противаргументи. Најдов еден преседан од раната историја на САД. Всушност, тврдењата на Мелес беа многу слични на аргументите од 18 век на американскиот претседател Џон Адамс и неговите федералисти, кои го нападнаа слободниот печат што со голем ентузијазам точно и неточно ги критикуваше политичарите на новата држава. Тврдејќи дека неограничениот печат ја загрозува иднината на Америка, Адамс привремено го задуши новинарството во 1798 година, со закони што предвидуваа затворање и казнување новинари што пишуваат, печатат, изговараат или објавуваат лажни, скандалозни и злонамерни вести против Владата. Дваесет уредници на весници подоцна беа затворени. Но Томас Џеферсон и неговите демократски републиканци се бореа против федералистите и во Конгресот и во судовите. За среќа на американските новинари, Џеферсон беше избран за претседател во 1800 година. За две години, законите против медиумите беа укинати. Тоа му овозможи на американскиот печат да експериментира и во наредните повеќе од два века да развие култура на точно и вистинито известување со постојана проверка на фактите.

Не може да се скрати патот до динамични и слободни медиуми. Потребен е долг период на обиди и грешки за да се развијат нормите и институциите на професионалното новинарство. Политичарите мора да му веруваат на процесот и да не се мешаат. Репресивните закони за медиуми може краткорочно да им бидат од корист на лидерите, но тие долгорочно го попречуваат развојот на професионални медиуми во земјите.
Постојат квантитативни докази за таквите ефекти. Во почетокот од Француската револуција во 1789 година беа укинати ограничувањата за печатот. Четири години подоцна, во земјата имаше над 400 весници, од кои 150 беа во Париз. До 1799 година, таа бројка се искачи на 1.300 весници во целата земја. Тоа значеше дека има 1.300 редакции во кои младите новинари можеа да го учат и да го развиваат занаетот. Но револуцијата имаше репресивен пресврт. До времето кога Наполеон Бонапарта ја презеде власта во 1799 година, бројот на весниците во Париз се сведе на 72. Наскоро се намали бројот на весниците на 13, а потоа на само четири во 1811 година. Слично, по колапсот на СССР се појавија разни медиуми. Но некои од новите независни држави ја прифатија идејата дека се потребни „насоки“ за нив. Многу од земјите усвоија закони, кои беа најавувани како мерки за обезбедување слобода на печатот, но всушност беа искористени за казнување на новинарите за критичко известување.

Клеветата беше криминализирана и беа воведени огромни парични казни за независните пишани и електронски медиуми. Кина и Турција, каде што се затворени огромен број новинари, ја зголемија репресијата во изминатите години. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна потпиша нови закони, кои овозможуваат казни за новинари и интернет-медиуми што шират т.н. лажни вести и информации што ја „навредуваат“ државата. Претседателот на САД Доналд Трамп се обидува да оди во ист правец. Тој постојано ги нарекува новинарите „лажговци“ и „непријатели на народот“. Дури и во ЕУ, новинарите сѐ уште се затвораат за клевети и навреди на владите, според една студија на Меѓународниот институт за медиуми од 2014 година.
– Голем број држави на ЕУ ги зачуваа кривичните одредби за клевета, кои овозможуваат затворска казна за новинарите. Новинарите продолжуваат да бидат цел на обвиненија и пресуди за кривични дела – се вели во студијата.

Можноста на медиумите да експериментираат, да прават грешки и да учат од нив, е клучна за успехот на демократиите во светот. Затоа владите и граѓанските општества треба поенергично да ја поддржуваат слободата на медиумите, особено кога таа сѐ уште е во развој.

Авторот е американски новинар и добитник на Пулицеровата награда