По светската премиера на Филмскиот фестивал во Рим, филмот „Врба“ и Милчо Манчевски, мајсторот на филмот, се враќаат дома. Светските критики сѐ уште не стивнуваат. Досега над 20 светски медиуми напишаа позитивни рецензии за филмот.
За денеска е закажана премиера на филмот во Македонска филхармонија, но она што е куриозитет е што од истата вечер филмот почнува со киноприкажување во неколку киносали во Скопје, Битола, Штип, Охрид, а во неделите што следуваат, филмот ќе биде на редовниот репертоар во овие киносали.

За многу кратко време светската критика се огласи со многу позитивни мислења, а на денешната прес-конференција, пред новинарите, режисерот Манчевски изјави дека не бил изненаден од пофалните зборови за филмот.
– „Врба“ е трагедија со хепиенд. Има и тажни моменти, ама и многу хумор и радост – како и животот. Премиерата му ја посветуваме на Марко Ќортошев, кој е врсник на „Врба“ и се роди неколку дена пред премиерата – вели Манчевски.