Ѓоко Котевски, е политиколог, роден во 1981 година, оженет, татко на две деца. Ја извршува функцијата директор на КПУ „Затвор - Скопје“ од 4 јануари 2017 година Фото: Игор Бансколиев

Интервју со Ѓоко Котевски, директор на КПУ „Затвор – Скопје“

Екипа на „Нова Македонија“ вчера го посети КПУ „Затвор – Скопје“, попознат како „Шутка“. Терминот на посетата се совпадна и со објавата за пуштање на четворицата т.н. ВИП-осуденици во домашен притвор, бившиот директор на УБК Сашо Мијалков, бизнисмените Орце Камчев, Цветан Панделевски и нивните соработници и поранешни функционери Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски. Додека разговаравме со директорот, во секој момент се очекуваше да пристигнат и решенијата од судот, што и се случи во попладневните часови. За ова, за новогодишната атмосфера во затворот и за редица други прашања поврзани со состојбите во затворот разговаравме со првиот човек на оваа институција

Најпрво за предновогодишната атмосфера во затворот. По што се разликува овој ден од другите, има ли некаква забава, поинаков куќен ред, дозволени посети и слично?
– Оние осуденици што ги исполнуваат законските и пред сѐ пенолошките услови користат погодности – домашно отсуство, слободно движење, годишен одмор, погодности што се однесуваат на почести контакти со семејствата на осудените лица. Се дозволуваат вонредни посети, а за време на новогодишната ноќ, затворањето на осудените лица по соби-крила се поместува од 22 до 24 часот.

Овој период се актуелни постапката и Законот за амнестија. Имаше најави дека и други затворени и осудени лица ќе бараат амнестија, па дури и информации за штрајк. Пристигнуваат ли до вас реакции од затворениците што бараат амнестија по која било основа?
– Во нашата установа нема најави за штрајк во врска со предложениот закон за амнестија.

Многу малку се гледа од она што се случува зад затворените врати на затворите. Што, всушност, претставува затворот „Скопје“, попознат како „Шутка“? Од кога постои, како е структуиран и, соодветно на тоа, каков вид обезбедување има?
– Затворот е изграден во далечната 1968 година и се состои од притворски дел и одвоен дел, наменет за осудени лица што издржуваат казна затвор до три години за примарни сторители и шест месеци за повторници. Инаку, КПУ „Затвор – Скопје“ е установа од полуотворен вид. Во поглед на степенот на безбедност, таа е на високо ниво, пред сѐ поради притворскиот дел, каде што мерката притвор ја издржуваат најголемиот број притворени лица од целата држава.

Јавноста веќе подолго време има впечаток дека условите во „Шутка“ не се на завидно ниво, дека има затворска пренатрупаност, нехигиена и супстандардни услови, недоволна медицинска грижа, недостиг од програми за ресоцијализација. И во извештаите на релевантни американски институции, но и европски комисии и тела, се содржани критики што перманентно се упатуваат до сите досегашни власти за состојбата во македонските затвори. Од каде ваквиот впечаток и, ако е точно ова, каков е вашиот коментар?
– Со Законот за амнестија што беше донесен на почетокот на 2018 година проблемот со пренатрупаноста е решен. Со тоа се отвори простор и за подобрување на сите оние слабости и недостатоци за кои зборувате.

Според степенот на обезбедување, степенот на ограничување на слободата и видовите на третман што се применуваат кон осудените лица, како е уреден и како се организира начинот на живот и работа на притворените лица во „Шутка“?
– Ова прашање се однесува за осудени лица, како што споменавме „Затвор – Скопје“ е установа од полуотворен вид. Осудените лица што издржуваат казна затвор во нашата установа може да бидат со отворен, полуотворен и затворен третман. За секое осудено лице се изработуваат индивидуална програма и план на казна, му се утврдуваат приоритетни потреби, кои се реализираат за време на издржување на казната, за да имаме поуспешна рехабилитација и социјална адаптација на овие лица по нивното повторно враќање во заедницата.

Во согласност со Европската конвенција за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување, на кој начин се прави разликата во практиката во „Шутка“ во однос на притворениците наспроти оние што се осудени, односно казнети?
– Во согласност со Европската конвенција за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување и нивните препораки, третманот на притворените лица што издржуваат мерка притвор и осудените лица казна затвор сместени во КПУ „Затвор – Скопје“ е еднаков.

Каков третман имаат притворениците, а каков затворениците и какви се односот и релациите на притворениците и затворениците меѓу себе?
– Притворените лица мерката притвор ја издржуваат во притворското одделение во затворениот дел во КПУ „Затвор – Скопје“ одвоено од осудените лица.

Има ли разлика помеѓу условите во притворското одделение В и таканаречените хашки соби?
– Нема некоја посебна разлика во однос на сместувањето, единствената разлика е во периодот кога е изградено т.н. хашко крило, а истото тоа претставува објект што е изграден во понов датум.

Колку се чести случаите со употреба на мобилни телефони, наркотици или други забранети работи кај притворениците, односно затворениците?
– Како и во другите казнено-поправни установи во РМ и во затвори во други држави, така и во КПУ „Затвор – Скопје“ се пронаоѓаат мобилни телефони, а во ретки случаи наркотици, но секојдневно се преземаат мерки за намалување на ваквите негативни појави.

А колку е честа корупцијата меѓу затворските службеници?
– Откако сум јас директор на оваа установа немало случај на корупција, но и во иднина, доколку има таков случај, силно ќе се бориме, ќе реагираме навремено и соодветно.


Осуденици учеа изработка на мебел

Иако вчера беше убав сончев ден за активности на отворено, десетина осудени лица во затворот „Шутка“, со својот инструктор за дрвопреработувачка, професор од скопската гимназија „Георги Димитров“, по своја волја работеа во затворската работилница. Велат дека со внимание ги следат предавањата и учат нови работи секојдневно.
– Работиме од 10 до 12 часа, првин теорија, па практичен дел. Учиме како се изработува мебел од иверка, медијапан или од лесонит. Најпрвин ќе изработиме практични елементи, шкафчиња за затворот. Јас сум во затворот од 5 октомври годинава за извршено разбојништво и добив казна од три години – вели еден осуденик, кој вредно работеше со дрвените материјали.
Нивниот инструктор Т.А. професор од гимназијата „Георги Димитров“, вели дека сите што го посетуваат курсот, односно проектот поддржан од УНДП, кој ќе трае три месеци, се редовни, исполнителни и на предавањата поставуваат конструктивни прашања. Верува дека, ако не сите, барем петмина ќе го научат занаетот и ќе продолжат да го работат и понатаму.
Во затворскиот двор го сретнавме и Ангеле Зафировски, осуден на четири месеци за учество во толпа, во собраниските настани. Тој веќе побарал амнестија. Ангеле е човекот што на своето тело ги има истетовирано ликовите на поранешниот премиер Никола Груевски, потоа на неговиот братучед Сашо Мијалков, како и ликот на синот, како што вели самиот Влатко Мијалков, бидејќи бил многу близок со ова семејство. Вели дека самиот го предупредил Кољо дека му се подготвува ликвидација. Во дворот на оваа установа ги запознавме и двајцата најстари осуденици. Едниот тука го прославил осумдесеттиот роденден, бил поранешен директор на фабриката „Треска“, а одлежува поради кавга со сопругата. Вториот малку помлад, поранешен судија за прекршоци, должел 4,5 илјади евра и не сакал да ги врати.


Надзорот и безбедноста на највисоко ниво

Во однос на неизвесноста кој од при­тво­ре­ниците би добил домашен притвор директорот со одговор.
– Ние не знаеме што се случува. Тоа што се очекува е одлука од Апелацискиот суд по однос на жалба. Дали ќе биде со приложување гаранција или со куќен притвор, сѐ уште не знаеме. Во текот на денот ќе има некакво решение и одлука за нив, кои ќе дојдат во писмена форма. Го очекуваме тоа, се шушка за некои три-четворица – ни рече Ѓоко Котевски, директорот на КПУ затвор „Скопје“.
Го прашавме дали му е провокативна тезата на пребеганиот поранешен премиер Груевски дека доколку влегол во Шутка му се заканувала ликвидација. На ова прашање директорот даде објаснување дека затворот има 24-часовен физички надзор и безбедноста е на многу високо ниво.
– Овде последната година се немаат случено физички напади со ладно оружје – рече Котевски.
Во кругот на затворот има и автомеханичарска работилница, но и плац каде што се одгледуваат зелка и компир. Во однос на здравствениот третман и проблемот со нарко зависниците директорот вели:
– Проблемот е што има многу зависници на метадон и немаат соодветна терапија, нема програми за ние постепено да ги одвикнуваме. Од април годинава ЈЗУ „Скопје“ ги презеде затворските здравствени работници – докторот, стоматологот, сестрата. На располагање ни се сите лабораториски услуги и рендген-снимања. Порано здравствените работници беа вработени во затворот, сега се вработени во Здравствениот дом. Од 2019 година сите осудени лица ќе бидат осигурени преку Фондот за здравство – вели тој.


Камчев и Панделевски се пуштени од „Шутка“

Јордан Камчев и Цветан Панделески со парична гаранција се пуштени од затворот „Шутка“; вака одлучи вчера Апелацискиот суд во Скопје, а за двајца е одредена поблага мерка, куќен притвор, под засилен полициски надзор. Штом ќе ги примат правосилните решенијата на Апелацискиот суд ќе заминат дома. За другите поднесени жалби против мерката притвор денеска се закажани седници. Ќе се одлучува за жалбите на Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и на Тодор Мирчевски. За сите нив обвинителката Јанева даде мислење дека може да им се ублажи мерката, со куќен притвор. Од СЈО вчера очекуваа позитивно мислење и за Сашо Мијалков. Денеска ќе се одлучува и за Кирил Божиновски и за Миле Јанакиески. За кои Јанева исто така препорача куќен притвор.