Шпанска Ла лига делумно го доби судскиот спор со Фудбалската федерација (РФЕФ) и ќе може да организира натпревари во петок, но не и во понеделник.

Одлуката на судијата во Мадрид, Андрес Санчез Магро, која е привремена, значи дека сезоната може да започне како што е планирано, со натпреварот Атлетик – Барселона в петок, 16 август. Но за двата натпревари што требаше да се одиграат в понеделник, 19 август, ќе мора да се бараат нови термини.

Ла лига сакаше натпревари да се играат во петок и во понеделник, како и во сабота и во недела, како во минатото, а РФЕФ инсистираше сите прволигашки и второлигашки натпревари да бидат ограничени на викендите.

Случајот отиде на суд откако двете страни не успеаја да постигнат компромис.
Ла лига сакаше да го стори тоа заради зголемување на приходите од домашните и меѓународните телевизиски радиодифузери, но РФЕФ тврдеше дека доцните вечерни натпревари, особено во понеделник, им отежнуваат на навивачите да присуствуваат на нив. Ла лига најави жалба на одлуката, за која вели дека има „јасни противречности“ и оти ќе продолжи да им гарантира на националните и меѓународните радиодифузери „десет различни, непреклопувачки натпревари, задоволувајќи ги мнозинството навивачи во Шпанија и во целиот свет што присуствуваат на натпревари на стадионите и плаќаат претплати на различни телевизиски платформи“.