Бразилци има во сите четири полуфиналисти: Марсело

Најмногу има Шпанци, 15, има вкупно 15 земји со по еден претставник меѓу полуфиналистите на ЛШ, Ливерпул има најинтернационален состав со фудбалери од 13 земји…

Фудбалери од 27 земји од три континента има во четирите полуфиналисти сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ). Секако, најмногубројни се европските земји, вкупно 18, со четири земји е застапена Африка (Египет, Мароко, Камерун и Сенегал) и пет од Јужна Америка (Бразил, Аргентина, Чиле, Костарика и Колумбија). Ова е според листите објавени на сајтот на Европската фудбалска унија (УЕФА) за играчите што сезонава настапиле во ЛШ.

НАЈМНОГУБРОЈНИ: Најмногу фудбалери кај полуфиналистите има од Шпанија, вкупно 15, но ниту еден не игра во Рома. На листата потоа следуваат Германците, со 12 претставници, но одново нема ниту еден во Рома. Двоцифрен број фудбалери има уште само од Англија (11, само во Ливерпул). Од Бразил настапиле деветмина (во сите екипи). Од другите, Италијанци (четворица) и Аргентинци (двајца) има само во Рома, Холанѓани има четворица, но нема ниту еден во Реал Мадрид, итн.

ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ: Ливерпул на својата листа има фудбалери од 13 земји, Рома од 11, а фудбалери од по девет земји има во Реал Мадрид и во Баерн. Во секој од тимовите доминираат фудбалери од земјата од која е клубот, па, така, во Реал има 11 Шпанци, кај Баерн има деветмина Германци, во Ливерпул 11 Англичани, а во Рома четворица Италијанци.

БАЛКАН: Балканскиот Полуостров е застапен со осум фудбалери, и тоа тројца од Хрватска (Реал двајца, Ливерпул еден), двајца играле од Србија (Ливерпул и Рома), а по еден од БиХ, Турција и од Грција (сите во Рома).

ТРЕНЕРИ: Рома и Баерн имаат тренери од земјата од која доаѓаат клубовите, Италија и Германија, шпански Реал Мадрид има кормилар од Франција, а англиски Ливерпул од Германија.

КОНТИНЕНТИ: Реал Мадрид и Ливерпул во својот состав имаат фудбалери од три континента – Европа, Африка и Јужна Америка. За Баерн и за Рома, пак, играат фудбалери од Европа и од Јужна Америка.


За трофејот игра само еден Португалец

Од земјите што се застапени со по еден фудбалер меѓу полуфиналистите на Лигата на шампионите се издвојува европскиот првак Португалија, чиј единствен претставник е најдобриот за минатата година во Европа и прв стрелец сезонава со 15 гола, Кристијано Роналдо (Реал Мадрид). По еден фудбалер има и од, на пример, Естонија, Костарика, Чиле, Шкотска, Колумбија…