Фото: Маја Јаневска-Илиева

Една стара поговорка, со многу мудрост, вели „падни седум пати, но застани на нозе осум пати!“ Зошто да се плашиме од фактот дека овој пат не ја постигнавме целта. И тоа една обична мала, меѓуцел. А не онаа стратегиската. Сме погрешиле во нешто… Мора веднаш да губиме енергија жестоко да осудуваме? Или од друга страна, да правиме сѐ грешката да ја покриеме. Напротив, спокојно, со голема доза самокритичност и одговорност треба точно да ја детектираме грешката, да учиме од неа и да се фатиме во костец со новиот претстоен предизвик. Во ред е да се згреши. Ако не се греши, не се напредува. Но клучот на напредокот и на успехот е самодовербата. А клучот на самодовербата е подготовката. Но добрата подготовка бара добра мотивираност и посветеност. Оние што се неспособни да се мотивираат себеси, мораат да се помират со својата просечност, без оглед на тоа колку се талентирани

Ништо на светот не може да ги замени упорноста и истрајноста. Тоа не го можат ниту талентот, ниту генијалноста, дури ниту образованието. Одлучноста и истрајноста за нештата се семожни. Одлуката и истрајноста за нешто да се даде сѐ од себе, кога ќе се изрече клучното малку подзаборавено мото „притисни сега!“, овој пат изостана да одѕвонува во свеста на нашите ракометни репрезентативци. Но иако потклекнавме пред предизвикот, можеби загубивме битка, но спортската војна продолжува со несмален интензитет. Па што ако нашата македонска машка ракометна репрезентација ни сервираше непријатно изненадување во првите две квалификациски кола за пласман на Европското првенство (ЕП) 2020 година, кое ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Рака на срце, капитенот Лазаров веднаш по мечот алармира и апелира кон помладите членови на репрезентацијата за што поголема мотивираност, концентрираност и максимален пристап без разлика на квалитетот на противникот, но… изостанаа корекциите.
Факт е дека поразот од Грција ќе биде една од најгорчливите лекции на македонските ракометни репрезентативци за тоа како не треба да се игра со далеку послаб и понеквалитетен противник од себе. Исто така факт е дека и поразите се составен дел од спортот и дека преку грешките најдобро учиме. Па затоа овие два меча со селекциите на Турција и на Грција треба што е можно побрзо репрезентативците не да ги заборават, туку да се ресетираат и да ги вратат борбениот дух и мотивот во играта, бидејќи за два месеца им претстои настап на Светското првенство 2019 во Германија и во Данска каде што ќе имаат многу посериозни противници.

Уште на првиот натпревар во Битола се виде дека нашиот тим недоволно подготвен влегува во овие квалификации, веројатно воден од помислата дека сме фаворити и дека веќе сме пласирани на ЕП. Денес сите играат ракомет, тоа го покажаа и резултатите во другите групи, од кои јасно се гледа дека секоја победа и секој резултат треба да се заслужат на теренот каде што се одвива борбата.
Македонија на овие два натпревара настапи без Филип Миркуловски, како еден од двата столба (покрај капитенот Кирил Лазаров) и тоа веројатно е една од причините што влијае во перспектива застрашувачки за нашиот национален тим. Од друга страна, немотивираноста на одредени играчи, лажната слика за некои од младите играчи дека можат да го заменат Миркуловски покажа дека нашите млади сили не се на нивото на кое ние сакаме да ги видиме и во моментов немаат квалитет да нѐ носат на големи натпреварувања.

Реално гледано, ростерот на најдобрите играчи (со исклучок на еден двајца) е тој и, како што кажа и самиот селектор, во тој поглед нема голем простор за менување, но за критика е пристапот на некои од играчите, кон дресот со национални бои и чувството дека кај нив нема доволно мотив да играат за својата земја. Ова се базира на фактот дека тие играчи играат во тимови од европски калибар и дека во никој случај не е спорен нивниот играчки квалитет. Можеби, загарантираното место во тимот им дава право за такво однесување и тука треба да се бара проблемот и да се најде решение.

Меѓу другото, од авион се гледаше дека атмосферата меѓу играчите не е на посакуваното ниво, што особено се почувствува во делот на одбраната каде што буквално немаше никаква соработка и тимска игра. Не може да се најде друго оправдување кога играте против играчи (особено од селекцијата на Грција) без никакво реноме. Но беше забележливо дека мотивираноста кај противникот беше на највисоко ниво, што е и нормално, на која ние не одговоривме со адекватен однос.

Тактичката поставеност на играта е друга приказна, Ел Команданте, кој е несомнено квалитет од светски размери не посветил многу внимание на противникот и во ниту еден момент не знаеше од каде доаѓа најголемата опасност. Па во Кожани ни се случи да нѐ победат со еден-два играчи за кои немавме информации со кои квалитети располагаат. Секој што малку играл спорт знае дека кога неподготвен го пречекуваш противникот (колку и да не е квалитетен) остава простор тој со неколку реализирани акции да ја крене самодовербата и да извади 120 отсто од себеси. Македонија постави високи стандарди последните десетина години, со пласман на големи натпреварувања што за младите играчи ќе биде голем предизвик да го одржат во иднина. Најстрашно би било ако некои од овие играчи (и млади и оние поискусните, кои на националниот грб направија добри кариери и нив ги валоризираа со договори) не го прифатат ова како освестување и не го коригираат својот однос кон црвено-жолтата боја.

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) како институција ѝ ја даде комплетната поддршка на оваа селекција и тука нема никаква забелешка. И не само на оваа селекција, туку како никогаш претходно, токму оваа гарнитура на РФМ извонредно функционира на сите нивоа, давајќи исклучителни можности и предуслови за развој и одржливост на националниот ракомет на највисоко европско ниво. За таквите заложби играчите треба да се целосно свесни и заради себе, и заради РФМ, и заради своите клубови, но најмногу заради националниот дрес, грб и име за кои вреди безрезервно на теренот да се гине.