Филмот „Реј и Лиз“ на британскиот режисер Ричард Билингем ја доби наградата „златен александар“

Специјално за „Нова Македонија“ од Солун: Стојан Синадинов

Со доделувањето на наградите според вкусовите на жиријата и публиката, во неделата беше заокружено уште едно издание, 59-то по ред, на Интернационалниот филмски фестивал во Солун. Натпреварувачката конкуренција, во која учествуваа 15 дебитантски или втори филмови на автори од целиот свет, имаше необичен контекст за етаблирани фестивали како Солунскиот – посвета на т.н. римско милосрдие (caritas romana), инспириран од грижата на Перо за нејзиниот татко Симон во Стариот Рим.

Во духот на тој мотив, главната натпреварувачка програма беше фокусирана на темите за милосрдието, улогата на жената, слабеењето на патријархатот и различните видувања на родовите улоги, а според жирито, составено од Сандра ден Хамер, директорка на Филмскиот музеј во Амстердам, романскиот режисер Раду Жуде, иранската актерка Фатемех Мотамед-Арја, грчката историчарка на уметноста Сираго Сијара и шпанскиот композитор на филмска и театарска музика Алфонсо де Вилалонга, најдобар беше филмот „Реј и Лиз“ на британскиот режисер Ричард Билингем, кој ја доби наградата „златен александар“. Филмот на Билингем е лична визуелна пресметка во три епизоди со мачното детство минато во семејство од ниската работничка класа во Англија во осумдесеттите години од минатиот век.

„Сребрениот александар“ ѝ припадна на германската режисерка Ева Тробиш за „Сè е добро“. Главната протагонистка Ане Шварц пленеше со набиен емоционален минимализам во сторијата на девојката што решила со супериорно молчење да го преброди силувањето од роднина на нејзиниот шеф. Шварц ја сподели наградата за најдобра актерка со Мариша Триантафулиду од Грција, која, пак, имаше впечатлива ролја во „Нејзината работа“ на Никос Лабот, филм со поинаков аспект на родовата еднаквост. Триантафулиду ја игра ролјата на домаќинка, која, откако ќе се вработи како чистачка, си ја освојува сопствената социјално-општествена „слобода“. Без разлика на тоа што станува збор за работен ангажман од најниското скалило, тој за неа е доволно добра шанса за нова перспектива на сопствениот живот и позиција во семејството.

„Сè е добро“

„Бронзениот александар“, односно награда за најдобар режисер, му припадна на тајландскиот режисер Футифонг Аронфенг за филмот „Манта реј“ („Ѓаволска риба“). Филмот ја доби и наградата за фотографијата (потпис на кинематограферот Наворофат Трунгфибунсофит) и е реализиран во минималистички манир.

Прогнозите дека актерот Јакоб Седергрен, протагонист на данскиот филм „Виновен“ на Густав Мелер, ќе биде најголем претендент за наградата за најдобар актер се остварија. Седергрен го игра ликот на полицаец што по казна е префрлен да работи во центарот за итни повици и ќе ја преиспита сопствената вина за случка што му го сменила животот во разговорот со жена што тврди дека е грабната, па бара помош. Низ неговата минуциозна креација, повторно со минималистички средства (речиси цел филм се одвива во една канцеларија), гледате една голема човечка драма.

„Шверцување на Хендрикс“ на грчкиот режисер Мариос Пиперидес доби специјално признание од жирито, бидејќи не можеше некој да не биде освоен од симпатичната сторија за потрагата по едно кученце на границата што ги дели грчкиот и турскиот дел од Кипар. Потрагата по тоа куче е само иницијална каписла на романтичната лична и политичка драма за работите што не мораат но можат да ги спојат обичните луѓе на поделениот остров во нивното секојдневие.

Наградата ФИПРЕСЦИ од интернационалната програма ја доби „Софија“ на мароканско-француската авторка Мерием Бенм’Барек, филм за судирот на модерното и конзервативното во земја каде што раѓањето вонбрачно дете, освен презирот од сопственото семејство, подразбира и затворска казна од неколку години. Наградата на таа критичарска асоцијација во грчката селекција ја доби режисерката Тоња Мишиали за филмот „Пауза“, сторија за проблемите, но и предизвиците, на жените во менопауза.

Публиката за лауреати на наградите „фишер“ ги избра „Виновен“ од натпреварувачката селекција, „Пеперутки“ на турскиот режисер Толга Карачелик во програмата „Балкански преглед“, „Дванаесетгодишна ноќ“ на шпанскиот автор Алваро Бречнер во најекстензивната програма „Нови хоризонти“, како и „Бегалци, втор дел: патека од мраз“, на грчкиот режисер Христос Николерис во националната селекција.
Македонија имаше учесник во Агора, индустрискиот дел од фестивалот наменет за филмските продуценти и режисери што се натпреваруваа за грантови за развој на нивните проекти. На копродукцискиот форум беше награден македонскиот проект „М“, на режисерот Вардан Тозија и продуцентот Дарко Попов („Фокус покус“), кои добија постпродукциски пакет за нивниот филм во развој (постпродукција и финализација на слика и тон во реномираното атинско студио „2:35“). Жирито сметаше дека наградува филм со одредена визуелна амбиција што ја носи автор што им се чини дека го отелотворува сето она што треба да биде еден режисер: раскажувач, но и познавач на филмската техника.

Новиот проект на Тозија, кој пред три години имаше одлично деби на филмските фестивали низ светот со „Џган“, е најавен како футуристичка бајка за две напуштени деца што се обидуваат да пронајдат љубов и заштита, во разурнат и суров дистописки свет. Филмот „М“ треба да се реализира наредната година. Вообичаено е проекти во развој што биле наградувани на солунскиот копродукциски форум, да се вратат на овој фестивал и да бидат наградувани, како Ѓорче Ставрески со „Исцелител“ минатата година.

Солунскиот фестивал годинава имаше повеќе од 200 наслови, селектирани во 12 програми и омажи на режисерите Хаим Розалес од Шпанија, Нанук Леополд од Холандија и авторскиот двоец Кристобал Леон и Жоакин Косиња од Чиле. Новитетите, како програмата на филмови снимени во техниката на виртуелна реалност (ВР) продолжува, а специфична димензија на годинешното издание на Солунскиот фестивал беше квир-програмата. Ако квир-филмовите порано беа контроверзни, на ова издание имаа речиси „фестивал во фестивал“.

„Балканскиот преглед“ веќе 25 години е прозорец на Солунскиот фестивал за регионалната продукција. Нејзиниот селектор Димитрис Керкинос годинава, како и изминатава деценија и пол, непогрешливо го избира најдоброто од балканските кинематографии. На годинешниот „Балкански преглед“ доминираа романски филмови (новите наслови на Раду Жуде, Богдан Мурешану, Раду Мунтеан, Јоана Урикару и Стере Џулеа сочинуваа дури една третина од програмата), а селекторот приреди и омаж на романските автори што со нивните филмови го најавија денес фалениот и етаблиран нов романски филм.

Програмата „Нови хоризонти“, пак, е збогатена со дополнителна програма, насловена „Нови хоризонти: уште еден обид“, а и двете се фокусирани на новите естетички тенденции во кинематографиите во светот. Меѓу насловите што оставија впечаток посебно место има норвешкиот филм „Слепа точка“ на шведската актерка и пејачка Тува Новотни, позната по улогата во романтичната комедија „Јади, моли, сакај“ со Џулија Робертс од 2010 година. Новотни, ќерка на чешкиот режисер Давид Јан Новотни и шведската актерка Барбро Хедстрем, дебитира како режисерка на игран филм со една неверојатно динамична и емоционално брутална сторија снимена во еден кадар (маестрална камера на Јонас Аларик). Двата часа на „Слепа точка“ ве водат во сивата зона на психологијата на едно девојче што решава да се самоубие со скокање од прозорецот во нејзиниот стан. На изглед мирната атмосфера во на изглед среќното семејство одеднаш влегува во темниот вител на најголемите потсвесни стравови заради губитокот на најмилите. Ако тематскиот мотив во натпреварувачката програма е милосрдието, кај Новотни во „Слепа точка“ тоа е превртено наопаку и доведено во слепа улица: знаете дека не можете напред, бесполезно е да се враќате назад.

Но тоа е филмот. Токму кога ќе помислите дека сè е веќе илјадапати видено, ќе се појави некој нов бисер. Вреди да се бараат такви реткости.

Ричард Билингем