Според извештаите на локалните медиуми во Грција, многу од луѓето настрадале скокајќи од карпите за да се спасат од огнот

Бројот на загинатите во пожарите во регионот Атика се искачи на 80, откако еден 84-годишен маж им подлегна на повредите во атинската болница, каде што беше пренесен со сериозни изгореници.

– Досега добивме десетици повици за регистрирање исчезнати лица. Со оглед на тоа дека во тек е процесот на идентификација на телата на загинатите, можно е меѓу исчезнатите да се вклучени и овие 79 лица, чии тела се пронајдени, како и лица што се вратија кај нивните најблиски, без да ги информираат надлежните власти – рече портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири и додаде дека продолжува потрагата по исчезнати во опожарените населби Вуѕа, Мати и Рафина, пренесе МИА.

Репортерот на „Скај њуз“ анализирајќи ги причините за трагедијата во Атика тврди дека евакуацијата на луѓето била организирана навреме и дека тоа не е причина за големиот број жртви.

– Пожарот беше толку силен и пристигна толку брзо и луѓето не можеа да побегнат. Владееше хаотична атмосфера. Пламенот ги зафати конвоите автомобили. Тогаш луѓето излегуваа од своите возила и бегаа кон морето. Некои успеаја, некои не. Состојбата беше многу неизвесна за илјада луѓе што се заглавија во пожарот – соопшти репортерот.

Димитри Пирос, шефот на медицинската служба во националниот сервис за итна помош, за Би-би-си изјави дека луѓето претрпеле стравични повреди поради брзината со која шумскиот пожар се проширил.

– Огнот дојде како да беше исфрлен од фрлач на пламен – рече тој.
Според извештаите на локалните медиуми во Грција, многу од луѓето настрадале скокајќи од карпите за да се спасат од огнот.
Драган Дончевски, заменик-началник во Управата за пожарникарско-спасувачките единици, во емисија за ТВ Прва, ги коментираше причините за катастрофалните последици од пожарите во предградието на Атина.

– Станува збор за ширење на пожарот со голема брзина. Кај такви пожари мора да се дозволи огнот да се прошири, за да може нејзиниот правец на движење да се пресече. Голема опасност претставуваат и појавата на подземни пожари, а проблем се и запалените делови од дрвјата, сувите шишарки и сл., кои летаат и по неколку метри во воздухот потпомогнати од брзината на ветрот. Во Атина тој ден дуваше силен ветар – објаснува Дончевски.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Цанакопулос, вчера изјави дека состојбата во опожареното подрачје е сѐ уште критично, а гасењето на пожарот е отежнато. Во текот на вчерашниот ден повеќе од 280 пожарникари дејствуваат на просторот североисточно од Атина, во областа Рафа, каде што се гасат преостанатите жаришта.
Спасувачките служби продолжуваат со потрагата за преживеаните и исчезнатите, чиј број се движи околу 200. Крајбрежната стража патролира и ги спасува луѓето што успеале да побегнат на оддалечените плажи и заливи.
Вчера низ Грција знамињата беа спуштени на половина копје, а премиерот Алекси Ципрас прогласи тридневна жалост.

– Ќе обезбедиме 20 милиони евра за да им помогнеме на општините погодени од пожарот. Парите ќе бидат искористени за санирање на штетата, а на оние чии куќи се оштетени ќе им биде намален данокот – изјави портпаролот на Владата Димитрис Цанакопулос.