Пресреќни сме што имавме ретка можност да го посетиме училиштето каде што првпат се одвивала наставата на мајчин македонски јазик, во селото Подвис, во 1943 година, велат учениците од Скопје и од Кичево

Ученици од основните училишта: „Вера Јоциќ“ и „Гоце Делчев“ од Скопје, во придружба на своите наставници и ученици од ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“ од Кичево, како домаќини, во рамките на неодамнешната училишната екскурзија имаа единствена можност да го посетат првото училиште, каде што наставата се одвивала на македонски јазик во нашата земја во селото Подвис, Кичевско. Бидејќи до училишната зграда на последните километар-два не може да се оди со возило, учениците, нивните наставници и домаќините од селото Подвис оваа патна делница ја изодеа пеш.
– Учениците од Скопје нѐ посетија по иницијатива од директорката од ОУ „Гоце Делчев“ Нада Молеровиќ. Во првото училиште на македонски јазик во земјава во селото Подвис, наставата се одвивала на македонски јазик уште во септември 1943 година, на првоослободената територија во земјава. Иако наставата во ова училиште се одвивала многу кратко време поради воените дејства и окупацијата, сепак тоа ќе остане запишано во историјата како прво училиште каде што учениците првпат ја следеле наставата на мајчин македонски јазик -истакна Бране Гаврилоски наставник во ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, по потекло од ова село.

Пред учениците од трите училишта историски час одржа наставничката по историја и наедно директорка на скопското училиште „Гоце Делчев“, Нада Молеровиќ, која истакна дека во исклучително тешки услови започнала наставата, а првиот учител во ова училиште бил Василко Лазарески од истото село. Таа со многу емоции зборуваше за тоа време, бидејќи и нејзиниот татко бил дел од паралелката.

Гостин на учениците и наставниците на училиштето во селото Подвис им беше и советникот во Министерството за образование и наука Игор Јуруков, кој додаде дека ќе бидат вложени максимални напори училишната зграда, која е во исклучително лоша состојба, да се ревитализира, да ѝ се врати некогашниот изглед и истата таа редовно да биде посетувана од ученици од сите градови во земјава и тие да присуствуваат на историски час.

Учениците од трите училишта беа презадоволни што имале можност да го посетат овој објект, каде што е испишана историјата во македонското образование.

– Пресреќни сме што имавме ретка можност да го посетиме училиштето каде што првпат се одвивала наставата на мајчин македонски јазик, во селото Подвис, во 1943 година. На овој историскиот час научивме многу факти за ова училиште, а ќе биде уште позначајно ако оваа зграда во блиска иднина се преуреди за да можат и другите училишта и ученици од земјава да го посетат овој објект – рекоа на заминување учениците Елена Речаноска, Љубица Наческа, Бојана Јосифоска, Ивана Нокоска и Александар Србиноски.