Годинашната велосипедска трка Тур де Франс, 106-та по ред, со етапата долга 194,5 км, ќе почне денеска во Брисел, главниот град на Белгија, по повод 50-те години од првиот од петте триумфи на Тур на легендарниот Еди Меркс (74), кој има најмногу етапни победи, 34. Финишот ќе биде на Елисејските Полиња во Париз, на 28 јули.
Во отсуство на повредениот, четирикратен победник Британецот Крис Фрум (2013, 2015, 2016 и 2017 година), сите очи ќе бидат вперени кон неговиот клупски колега во тимот на Инеос (до скоро Скај), 22-годишниот Колумбиец, Еган Бернал, кој со ланскиот победник Герент Томас, ќе биде лидер на тимот. Бернал, кој е меѓу најдобрите на планинските етапи, е фаворит во обложувачниците, пред Томас.

Ривалите на Инеос ги „острат ножевите“, чувствувајќи дека британскиот тим, лишен од авторитетната фигура на Фрум, можеби нема да се снајде најдобро. Во Франција возбудата се зголемува, бидејќи поради отсуството на Фрум и на второпласираниот од лани, Холанѓанецот Том Думулан, се зголемуваат шансите Французите да го слават првиот домашен шампион, по Бернар Ино, кој последната од петте титули ја освои во 1985 година.
– Оваа година или никогаш – напиша на насловната страница минатиот месец спортскиот дневен весник, „Л’екип“.

Роман Барде, кој беше меѓу првите 10 на последните пет трки, со две искачувања на подиумот, во 2016 и во 2017 година, се чини дека го достигна зенитот. Но и Тибо Пино, кој беше трет во 2014 година, е во одлична форма. Тој победи лани на трката околу Ломбардија, а годинава се покажа одлично на планинските трки, но и на спринтерските делници.
– Имам 29 години и мислам дека пред мене се уште неколку успешни години. Годинава одлично се чувствувам, амбициозен сум, смирен, сторив сѐ што можев за да бидам подготвен максимално – вели Пино.
Трет фаворит кај букмејкерите е Данецот, Јакоб Фуглсанг, но тој допрва треба да се покаже на Тур, каде што досега најдобар пласман му е седмото место во 2013 година. Добра околност за него е што во тимот на Астана ги има Микел Ланда, Наиро Кинтана и Алехандро Валверде.

Италијанецот Винченцо Нибали, втор на Џиро д’Италија годинава, ќе почека до првиот финиш на врвот Ла Планш де Бел Фиј, за да процени дали „има нозе“ да се трка за втората титула по 2014 година.
Дополнителни возбудувања и радост на француската публика би требало да им приредат Џулијан Алафалип и новиот француски шампион Ворен Баргил, кои ќе се борат за титулата најдобар на планинските етапи. Алафилип победи во таа конкуренција лани, а Баргил во 2017 година. Питер Саган од Словачка ќе конкурира за рекордната шеста зелена маичка, намената за возачот со најмногу бодови. На Тур де Франс годинава ќе се натпреваруваат 176 велосипедисти од 22 тима, а лидерот ќе ја носи жолтата маичка, која на 19 јули ќе ја прослави 100-годишнината од промоцијата во 1919 година.