Словенецот Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник

Под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“, 55-то издание на ДАФ ќе биде засилено со придружни манифестации, многу гости, промоции на книги, работилници, ликовни перформанси, театар на сенки…

Со словенечката претстава „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија вечерва во 19 часот почнува официјалната програма на 55-от Драмски аматерски фестивал во Кочани. Фестивалот годинава носи 16 аматерски претстави од исто толку ансамбли и една професионална, скопската хит комедија „Чао пријатно“ на истоимениот театар, која ќе го затвори ДАФ на 2 јуни. Под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“, 55-то издание на ДАФ ќе биде засилено со придружни манифестации, многу гости, промоции на книги, работилници, ликовни перформанси, театар на сенки…

– Посебна гордост годинава ни е гостувањето на Словенецот Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник попознат како поранешен водач на сега веќе култниот југословенски рок бенд од 1970-тите и 1980-тите, „Булдожер“. Брецељ доаѓа во четврток заедно со словенечкиот писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е мртов“. Уште еден настан што е посебен за кочанската публика е промоцијата в петок во родниот град на авторот Тошо Филиповски на капиталното дело „Македонска рок-енциклопедија“ – најавува Дарко Спасов, претседател на фестивалот.

ДАФ годинава од НУЦК „Бели мугри“ се шири во прекрасното предворје на домот на културата, градскиот парк или Паркот на револуцијата. Таму, тридневен ликовен перформанс насловен „Планеризам“ ќе има уметникот Орхан Ќамилов, Марија Манева ќе има работилница за смола и глина, професорката Зоја Бузалковска заедно со Александар Степанулески ќе водат тридневна актерска работилница. Музичкиот дел ќе биде обединет под настанот „Револушн фест“, конципиран како петдневен фестивал под отворено небо на кој ќе настапат скопскиот џез-состав „Летечки пекинезери“, Васко Атанасоски, диџеј Гоце Саф, „Брас Брадрс“…
Во Кочани пристигнуваат над 210 учесници од 16 театарски групи од кои две од соседството: културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија и аматерската театарска трупа „Хранислав Драгутиновиќ“ од Прокупље, Србија. Од Македонија учествуваат: младинска сцена при „Интимен театар“ од Битола, СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, драмското студио „Карло Голдони“ од Дебар, младинското драмско студио „Прличко“ од Велес и други.

– Речиси и да не постои човек што се занимава со театарот во каква било форма, како режисер, актер или сценограф, којшто не почнал на оваа манифестација. И сите актери, режисери и други театарски работници со особена топлина се сеќаваат како почнале во Кочани. Некои од нив во 1960-тите, други деценија подоцна и така со ред – вели Спасов.
Фестивалот ќе додели награди за најдобра главна и споредна машка и женска улога, најдобра режија, специјална награда и Гран при за најдобра претстава во целост. Изборот на претставите го направи актерката Јасмина Билаловиќ, во жирито се актерите Горан Стојановски и Наталија Тодосиевска и драматургот Билјана Крајчевска.