Од понеделникот во Грција избувнаа шумски пожари на над 50 места, а најголемиот е на островот Евија, каде што ги загрозува селата и таму е прогласена вонредна состојба. Пожарот во Евија со густ чад покри дел од средна Грција, вклучувајќи ја и Атина.

Стотици луѓе беа евакуирани, а грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го прекина одморот, откако силен пожар го зафати вториот по големина остров во Грција, Евија, кој е густо пошумен природен резерват северно од Атина, објави Радио Слободна Европа.

– Условите се исклучително тешки и приоритет на државата е да ги заштити животите на луѓето – порача Мицотакис, откако го скрати одморот на островот Крит.
Во борба против пожарот се активирани шест авиони и седум хеликоптери. Грција побара помош од Европската Унија, а во гаснењето на пожарите се вклучени два канадера од Хрватска и од Италија.

Пожарникарите тешко се справуваат со огнот поради силните ветрови и густиот чад. Чадот од пожарот ја зафати и Атина, а властите ги предупредија луѓето во погодените области, особено постарите луѓе, малите деца и оние што страдаат од дишење или срцеви заболувања, да останат во затворени простории.

Шумските пожари се вообичаени во Грција за време на жешките, суви летни месеци.
Властите постојано ја предупредуваа јавноста да не презема ништо на отворено што може да предизвика пожари, како што е заварување, палење плевел или скари.