Голот на Кимих...

Реал ја забележа рекордната 150-та победа во ЛШ (завчера над Баерн со 2-1), за Роналдо, кој првпат сезонава не постигна гол, тоа беше рекорден 96-ти триумф во ЛШ, во мечот во кој два гола постигнаа бекови и еден резервен фудбалер

Актуелниот европски првак Реал Мадрид забележа победа на гости над Баерн во Минхен со 2-1 во првиот полуфинален меч во Лигата на шампионите (ЛШ) и е многу блиску до ново финале (во Киев, на 26 мај) и до меч за трета титула во низа.
Реал, кој е најтрофеен со 12 европски титули, ја забележа рекордната 150-та победа во најквалитетното европско клупско натпреварување. За првиот стрелец, Кристијано Роналдо, кој првпат сезонава, на 11-от меч, не успеа да постигне гол, тоа беше 96-от триумф во ЛШ, еден повеќе од поранешниот клупски колега од Реал, голманот Икер Касилјас. Трет на таа листа е Чави, кој има 91 победа во ЛШ со Барселона, Андрес Иниеста, исто така од Барса, има 79, а Раул од Реал 79 победи.

Роналдо како ретко кога беше незабележлив на арената „Алијанц“ и не испрати ниту еден директен удар на голот на противникот, првпат по февруари 2017-та и мечот против Наполи (3-1). Веројатно причината за тоа беше улогата на централен шпиц-играч, во која не се снајде покрај Иско и Санчез, кои ги заменија Карим Бензема и Герет Бејл, кои остана на клупата за резервни играчи.
Реал ја искористи индиспонираноста на Баерн, се разбира и своите шанси, и ја прокнижи шестата победа по ред во ЛШ против баварскиот тим, што е најдолга победничка серија над кој било ривал, идентична на серијата победи (шест) над Ајакс од 2010 до 2012 година.
Баерн е во иста ситуација како и лани, кога во четврт-финалето беше поразен во првиот меч во Минхен од Реал со идентични 1-2. Во реваншот Баварците вратија со иста мера, по 90 минути беше 2-1, но во продолжението, по 120 минути игра, Реал победи со 4-2.
– Можеше да биде 5-2, дури и 7-2 за нас. Имавме многу шанси, како во првото, така и во второто полувреме, но не ги искористивме, среќата ни го сврте грбот. Но се играат два меча, ништо не е готово, иако сме во полоша ситуација. Во фудбалот сѐ е можно, затоа многумина го сакаат и го гледаат. Ќе се обидеме да се поправиме и да го добиеме наредниот меч во Мадрид – изјави Кимих.

Стрелецот на победничкиот гол за Реал, Марко Асенсио, последните три гола во ЛШ, во нокаут-фазата, ги постигнуваше влегувајќи во игра како резерва (во средата, лани во четврт-финалето против Баерн и потоа во финалето против Јувентус). Неговиот клупски колега, бекот, Бразилецот Марсело постигна три гола на последните пет средби во ЛШ, колку и на претходните 53 натпревари. Тој има вкупно седум гола во нокаут-фазата во ЛШ, најмногу од сите одбранбени играчи, еден повеќе од клупскиот колега Серхио Рамос.
Бекот на Баерн, Џошуа Кимих, пак, стрелецот на единствениот гол за Баварците, сезонава е нивни најекспониран играч во ЛШ, со три гола и со три асистенции. Вечерта на резервите беше дополнета и со три принудни замени поради повреди, две кај Баерн и една кај Реал.
Во првиот полуфинален меч Ливерпул дома ја победи Рома со 5-2. Реваншите се идната недела. 

…и на Марсело

„Кралскиот клуб“ се гости на гости

Реал Мадрид има одличен ефект од мечевите на гости во фудбалската Лига на шампионите сезонава. „Кралскиот клуб“ во средата, во првиот полуфинален натпревар, во Минхен го победи Баерн и тоа е трет триумф во трите меча од нокаут-фазата на Лигата на шампионите сезонава, по победите над Пари сен Жермен во осминафиналето со 2-1 во Париз и потоа со 3-0 над Јувентус во четврт-финалето во Торино.
Мадриѓани сезонава имаат и уште две гостински победи од групната фаза, над Борусија во Дортмунд, со 3-1, и над АПОЕЛ во Никозија, со 6-0. Реал загуби само од Тотенхем во Лондон, со 1-3. Вкупно сезонава европскиот првак пет пати победи на шест меча на гости.
Ако се погледнат само нокаут-мечевите, Реал Мадрид има пет победи на последните шест меча (лани уште и над Баерн со 2-1 и над Наполи со 3-1, а загуби само од Атлетико во полуфиналето со 2-1, по триумфот во првата средба со 3-0).
Вкупно, пак, на последните 12 гостински дуели во елитното натпреварување (лани и сезонава) Реал Мадрид има осум победи и по две ремија и порази, со вкупна гол-разлика 30-16.