Вевчани е идеален за развој на екотуризмот и сите современи видови туризам

#РаскажиНиЗаМакедонија
Вевчани

Фото: Дарко Андоновски

Младиот овчар Јанко бил познат во околината како многу силен јунак, кој во борење ги победувал сите свои ривали. Ова го чул некој насилник и дошол да ги одмери силите со Јанко. Насилникот бил поразен, а Јанко останал непобеден и славен, за кого уште повеќе се зборувало. Не можејќи да го поднесе поразот, на подмолен начин го убил Јанко, и под големиот камен, кој и денес стои како сведок, го закопал Јанко. По него е крстена оваа месност како Јанков Камен, која е атрактивна зона за одмор. На самото место има ловџиска куќа под надлежност на општината и таа им стои на располагање на сите љубители на природата. Има и езерце, клупи, а наскоро ќе се постават и нови летниковци. Прекрасно место за излет, кампување, за релаксирање.

ИЗЛЕТНИЧКО МЕСТО

Јанков Камен е само една од убавините разместени во околината на Вевчани. Оттука почнуваат многу авантури. Има патеки за планинарење што водат кон месноста Голина, ледничкото езеро Вевчанска локва, како и до највисокиот врв на Јабланица, Црн Камен. А наскоро ќе бидат обележани и патеки за планински велосипедизам до месноста Голина, кои дополнително ќе ја збогатат програмата на Вевчани.

– Јанков Камен, една од туристичките знаменитости на Вевчани, со последните измени што се прават во општината Вевчани сакаме да го прогласиме за заштитена зона, заштитено подрачје во споменикот на природата Вевчански Извори. Всушност, ќе биде зона на одржливо подрачје, во кое ќе се градат многу објекти, и оттука ќе биде појдовна точка на оние современи видови туризам, како што се планински велосипедизам, планинарење до Црн Камен, како и до локалните населени места. Ова е излетничко место, за викенди и празници е масовно посетено од локалното население. Има планинска куќа, каде што може да се преспие. Погледот се збогатува со вештачко езеро, кое во моментов поради малиот доток на вода е обраснато со трска – вели Жарно Лешоски од Вевчани.

Месноста Јанков Камен се наоѓа на падините Јабланица. На 1.200 метри надморска височина. Распослана е на површина од околу два хектари. Планинарење до Јанков Камен од Вевчани е 30-45 минути, а со автомобил десетина минути. А патот е одличен и за велосипедистите.
Билките му даваат арома на просторот. Воздухот е натопен со свежина. Вистински еликсир за уживање.

ПЛАНИНСКИ ТУРИЗАМ

На три километри оттука е пробиен пат до селото Горна Белица, воздушна бања што плени со букова и борова шума. Оттаму патот води кон планинскиот предел на локалитетот Голина, со надморска височина од 1.800 до 2.227метри, на планината Јабланица, во реонот на Вевчани, кој претставува вистинска основа за развој на туризмот. Локалитетот е исполнет со шумски ливади и мали пространства на ендемска тревна вегетација, а врв на таа убавина е присуството на планинското глечерско езеро Вевчанска Локва. Ова езеро е сместено во локалитетот Дупка, на 1.700 метри. Дотаму водат обележани патеки, но за оние што не ја познаваат доволно планината се препорачува локален водич.

– Најзастапени се високите шуми во овој предел до 1.200 метри. Во подолните слоеви го имаме костенот како знаменитост, а погоре зимзелени шуми. Билки има во изобилство, мајчина душица, нане, а за горните предели е карактеристична лисурата, која е прогласена за ендемичен вид. Се среќава ситен дивеч, лисица и зајак, како и крупен, мечка и волк. Рисот исто така е карактеристичен за нашиот крај. Туристите го посетуваат просторот поради природата, чистата вода, чистиот воздух, мирисот на чистината – додава Лешоски.

ПРЕКРАСНИ ПАНОРАМИ

Имавме можност и да продреме низ еден дел од шумата до видиковецот Старца. Точка што нуди панорамски поглед кон цело Вевчани, охридско-струшката котлина, другите населени места во околината, до бреговите на Охридско Езеро. Се наоѓа само на стотина метри од Јанков Камен. Прекрасно место за рекреација и изолација.
– Старца е возвишение над Вевчани на надморска висина од 1.100 метри.Тоа е рид со прекрасен поглед кон населбата и пошироката околина и високите планински врвови на Јабланица. Од неодамна тука е изграден видиковец. Ја имаме и Смолејца, како зона за одмор со видиковец на надморска висина од околу 1.000 метри. Претставува одлично место за починка, бидејќи се наоѓа на патот што води кон црквата „Свети Спас Горни“ и локалитетот Јанков Камен и нуди прекрасна панорама на околните села и Охридско Езеро – вели Менка од општината Вевчани.

Пределот има неколку планинарски патеки, натопени со живот, бои, свежина.
За вљубениците во природата, спортско и рекреативно планинарење е формирано планинарско-еколошкото друштво „Церн камен 2.257“, кое обележи неколку планинарски маршрути во околината на Вевчани.

Едната патека почнува од Подгорци кон Подгоречко Езеро, врвот Црн Камен, потоа кон Вевчанска Локва и завршува во Вевчани, тура долга 18 километри. Нуди прекрасна панорама на Вевчани, Охридско Езеро, Струшкото поле, дримколскиот регион со Глобочичко Езеро. Обележана е патека и од Вевчани до Горна Белица, до Чумин Врв, па кон Три Шилка и завршува во селото Вишни. Патека долга над 25 километри. Една од патеките почнува од Вевчански Извори кон Црвен кладенец, Јанков Камен, па се враќа кон Вевчански Извори. Како и од Вевчани кон Вајтос, Свети Климент, Писаник до Јанков Камен. И од Вевчани до црквата „Свети Спас“. Покрај овие, планирано е да се продолжи со мапирање и обележување и други патеки.

Индивидуално во околината на Вевчани скокаат и параглајдеристи, што значи дека има и поволни терени за развој на овој спорт. Најчесто се скока од црквата „Свети Спас“, видиковецот Старца и од месноста Голина.

СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА ВЕВЧАНСКИ ИЗВОРИ

Шармот на Вевчани сепак се Вевчанските Извори. Буицата бистра пивка вода кани многу туристи во текот на целата година. Шумот на студената вода е милозвучна симфонија, која занесува. Локалитетот Вевчански Извори првпат е прогласен за заштитено подрачје во 1999 година. Во рамките на проектот за воспоставување систем на мониторинг и менаџирање со заштитеното подрачје „Споменик на природата Вевчански Извори“, во рамките на програмата за подобрување на управувањето на заштитените подрачја, спроведувана од страна на УНДП, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и со центарот за истражување и информирање „Екосвест“, а финансиски поддржана од Европската Унија, во моментов се спроведува постапка за донесување план за управување со споменикот на природата Вевчански Извори за периодот 2019-2029 година.

– Донесувањето на планот за управување со споменикот на природата Вевчански Извори е од особено значење за Вевчани. Целта е да се постигнат трајно зачувување и заштита на природните карактеристики и специфичните, загрозените или ретките обележја, својства или форми; услови за спроведување научни истражувања и воспитно-образовни активности поврзани со нивните природни карактеристики и спречување активности што негативно влијаат врз неговите природни карактеристики. Визијата е развој на екотуризмот и одржливо користење на природните ресурси, кои треба да се стават во функција на развој на локалните заедници во споменикот на природата, а истовремено да се поттикне економскиот развој во општината – вели Менка.

Проектот ќе има три зони.

– Една од зоните е што ќе биде комплетно заштитена, без никакви интервенции, е Вевчанскиот Извор, еден дел е дел од планината Јабланица, кој е раритетен поради големите папрати, и Јанков Камен ќе биде одржлива зона, каде што со изработена програма ќе може да се градат објекти наменети за висок туризам, сѐ ќе биде изградено од природни материјали. Како бенефиција очекуваме да ги заштитиме шумите и целото искористување од нив, при што не се мисли на класично сечење, туку она што ќе биде отпаден материјал ќе може ние да го користиме и да го продаваме – додава Лешоски.

УЧИЛИШНИ ЕКСКУРЗИИ

Вевчанските Извори се едни од поретките сифонски врела. Извираат од источните падини на Јабланица, на надморска височина од 900 метри.

– Има повеќе изворишта, главниот извор е во пештерата, но има неколку поголеми извори подолу од него. Всушност, станува збор за извориште со повеќе извори. Најмногу вода има во текот на пролетните месеци, бидејќи тогаш се топат снеговите и се полни сифонот. Температурата на водата е константна и се движи од 4 до 6 степени во текот на целата година. Водата е пивка. Во текот на целата година имаме посета од туристи на изворите, но напролет е забележана значително поголема посетеност, кога изворите бујат од вода, и тоа најмногу школски екскурзии, затоа што Вевчани влезе во програмата на училишните екскурзии со програмата на Министерството за образование, како посебна знаменитост во Македонија. Ова подрачје спаѓа во заштитеното подрачје на споменикот на природата Вевчански Извори и забранета е изведба на секакви содржини, освен ова што е затекнато. Имаме уште една заштитена зона, тоа се ливадите со високи папрати. Има две ливади – голема и мала ливада, цела област обрасната со папрати, 5-6 хектари – раскажува Лешоски.

Јанков Камен

Автентична архитектура

Куќата на Ќитановци е една од градбите што ѝ даваат автентичен печат на општината. Градена е од 1898 до 1906, во стил на типична влашка архитектура.
Каменот за градба бил носен уште во 1890 година, а 25 работници цели осум години го делкале. Постоела и семејна стражарница за да ги чува децата и жените од арнаутските банди, чија цел биле богатите печалбарски семејства.
– Со векови вевчанските мајстори биле надалеку познати по нивните градителски вештини, ѕидање, делкање камен, фасадирање и сл. Работеле како печалбари насекаде на Балканот и пошироко. Запознавајќи нови простории и култури, тие наученото го внесувале во родното Вевчани, водејќи го неговиот прогрес.
Иако вевчанската стара архитектура била под влијание на новата европска архитектура, сепак во најголем дел ги задржала трајните вредности на традицијата на македонската куќа, присуство на чардак, употреба на локални материјали и поделба на живеењето на зимско и летно во согласност со климатските услови – ни раскажа Менка.
Куќите на Дуцкиновци, на Плушковци, на Пешиновци, на Даскаловци, на Коруновци, на Калајџиевци, Костојчиновци, на Гоговци и на Поповци се прогласени за заштитено добро од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.

Јанков Камен