Американката најави дека по завршувањето на сезонава ќе се повлече од активното скијање и доколку не го достигне рекордот на Стенмарк од 86 победи во Светскиот куп (таа досега има 82)

За Американката Линдзи Вон (34) сезонава ќе биде последна во кариерата. Најдобрата жена во историјата на алпското скијање ќе се обиде да го достигне и да го надмине рекордот на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк од 86 победи во Светскиот куп (СК) забележани од 1975 до 1989 година (46 во велеслалом и 40 во слалом), но реши да се пензионира на крајот од сезоната и во случај да не успее во намерата. Трикратната олимписка шампионка има 82 победи во СК и е на пет победи за да биде осамена на таа рекордерска листа. Лани таа победи на пет трки во СК и покрај тешкиот пад во Лејк Луис, Канада во 2017 година.

– Ако успеам да го надминам рекордот на Стенмарк тогаш тоа ќе биде остварување на сите мои соништа. Но и да не успеам, мислам дека имав неверојатно успешна кариера, уште сум најдобрата скијачка на сите времиња и горда сум на тоа – изјави Вон за НБЦ спорт.

За разлика од минатите години, кога настапи и на некои трки во велеслалом и во слалом, сезонава ќе се фокусира исклучиво на брзинските, во спуст и во супервелеслалом, сѐ додека не го собори рекордот. Таа првично најавуваше дека ќе скија професионално сѐ додека не го урне рекордот на Стенмарк, но се премисли.

– Физички дојдов до точка каде што скијањето повеќе нема смисла. Навистина би сакала да бидам активна и на повозрасни години, но морам да размислувам и за иднината, а не само да бидам фокусирана на она што е пред мене – рече Вон.
Првата шанса за 83-та победа Вон ќе ја има на спустот во Лејк Луис на 30 ноември годинава.