Во периодот кога Република Македонија поинтензивно настојува да најде решение за своите меѓународни проблеми, и сето тоа во рамките на меѓународно право и во тој контекст со поддршка на меѓународната заедница, соседните земји повторно ја гледаат својата шанса да ги легитимираат своите стари непринципиелни апетити и аспирации кон Македонија што, пак, е спротивно на меѓународно право и на востановените демократски вредности

Митовите и легендите на Балканот, особено оние со политичко сиже, најчесто имаат свои корени во реалноста. И колку и да се верува дека се надживеани, дека опасноста таквитe желби и аспирации од политичко-територијален карактер да добијат своја нова конкретност е отстранета, некаков тек на настаните повторно ќе им создаде простор да добијат актуелност. Доволно е само да се „повика волкот“, како што неодамна се искажа во јавноста албанскиот премиер, Еди Рама. Аспирациите од страна на соседите кон Македонија никогаш не престанале и одвреме-навреме само повторно се актуализираат, на еден или на друг начин.

– Знам за голема Србија, голема Грција, но за голема Албанија – не … И тоа е многу опасно. Но, тоа е како кога повикувате волк. Извикувате „волк, волк“, а потоа „волкот“ можеби и ќе се создаде. Постои и таква можност. Поентата е дека сега ЕУ треба да биде сериозна, бидејќи таа рече дека е вистинското место и место на праведност. Тоа што го искусувам лично – е дека е вистинско место и место на неправдата – изјави неодамна премиерот на Албанија.

Во периодот кога Република Македонија поинтензивно настојува да најде решение за своите меѓународни проблеми, кои ѝ се наметнати уште од стекнувањето на сопствената независност, се чини дека во таквото чувствително дипломатско маневрирање за добивање шанса за евроатлантско интегрирање, соседните земји повторно ја гледаат својата шанса да ги легитимираат своите стари апетити и аспирации во однос на Македонија. Во преговорите со Грција, правото на Македонија за самоопределување и самоименување (загарантирано со меѓународното право) за другата преговарачка страна е неприфатливо и се третира како македонски иредентизам?! Иако Р. Македонија го ратификуваше Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Р. Бугарија, според кој треба да профункционира и мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, претседателот на бугарскиот експертски тим, Ангел Димитров изјавува дека „македонизмот е крахиран“. Во Србија, одвреме-навреме на автопатот се појавуваат сообраќајни табли (па се отстрануваат), на кои Република Македонија е означена како ФИРОМ, иако Србија ја има признаено Македонија под уставното име. Во зависност од политичкиот миг, српските медиуми актуализираат и дебатни емисии на темата – „Македонија – вештачка државна творба“… Во односите со Албанија, треба да се внимава на „повикувањето на волкот“, односно на споменувањето на идејата за голема Албанија, зашто „постои можност да се создаде“… Сите овие примери се повеќе од доволни показатели за острење на канџите на грабливците.

– Старите големодржавни аспирации на Балканот може само да бледнеат, но не и сосема да исчезнат. Државните интереси на соседните земји ги дефинираат нивните внатрешни политички сили, кои се во широк спектар – од либерали, до жестоки националисти. Сепак, ценам дека во соседското опкружување на Македонија, во овој политички миг во подем се либералните сили, кои не ги споделуваат старите аспирации на нивните држави спрема Македонија – смета професорот по меѓународна политика и право, Денко Малески.
Исто така, Малески смета дека Македонија во актуелниов миг мора да ја зацврсти својата меѓународна позиција, која е и ќе биде многу слаба доколку земјата остане надвор од Европската Унија и од НАТО. Без приклучување во евроатлантските структури, Македонија на меѓународен план постојано ќе биде на милост и немилост на промената на внатрешните политички сили во соседните земји.
Постои одредено согледување во македонската јавност, дека таквите соседски аспирации спрема Македонија, кои „бледнеат, но никогаш сосема не исчезнуваат“, се историски багаж, кој повторно се „враќа во мода“ кога државата се обидува да го расчисти.

– Ако во 21 век сѐ уште живеат идеите за големи држави на Балканот, во време кога Европа е без граници, тоа е чист анахронизам. Тоа се идеи од 19 век, преселени во 21 век и никако не придонесуваат за развивање на добрососедските односи што Македонија се труди да ги изгради. Најголем дел од соседите на Македонија се дел од ЕУ и од НАТО и таквите големодржавни идеи би требало да се останати во минатото. Како соседи тие би требало да ѝ помогнат на Македонија да се интегрира во евроатлантските процеси. Но, ете, во преговорите со Грција, македонскиот идентитет на Р. Македонија се доживува како „македонски иредентизам“. Бугарите велат дека „македонизмот е крахиран“… Таквите „аргументи“ на соседите ми будат сомневање дали во заднината на овие преговори се заговараат некакви нови граници. Сега останува на Европската Унија дали ќе дозволи менување на границите? Односно дали ќе дозволат Македонија да не постои? – се прашува универзитетскиот професор по историја, Тодор Чепреганов.

Според историчарот Чепреганов, големодржавните аспирации на земјите треба да бидат дел од историјата и да бидат оставени во минатото. Во современиот свет, особено во модерната Европа, секоја земја има право на самоопределување на својата територија, кои се гарантирани со меѓународните закони, т.е. со меѓународното право.
– Во поглед на Македонија, сите закони од меѓународното право се прекршени, и тоа ми го буди сомнежот во чесните намери на соседите и на Европската Унија. Зашто веќе еднаш е прекршен европскиот деклариран принцип за непроменливоста на границите, со создавањето на државата Косово. Затоа, Македонија треба многу внимателно да настапува во сегашните меѓународни преговори со соседите, како услов за влез во ЕУ и во НАТО – предупредува историчарот Тодор Чепреганов.

Фактот дека Македонија, во овој актуелен миг на нејзини интензивни аспирации за влез во ЕУ и во НАТО, е изложена на максималистички формулирани политички барања на соседите, од кои најголемиот дел веќе дел од ЕУ и од НАТО-клубот, според професорот по меѓународна политика и право, Денко Малески е дел од цената што државата мора да ја плати за својата меѓународна легитимација.
– Меѓународната политика е длабоко море во кое пливаат и китови и сардини, а Македонија треба да се избори за своја позиција во него. За добивање поволна позиција, во случајов – влез во ЕУ и во НАТО, треба да се плати одредена цена. Но во меѓународната политика тоа е и одредена осигурителна полиса. Веќе плаќаме дел од цената во дијалогот со Грција, а слично нешто нѐ очекува и во преговорите со Бугарија. Соседите, во овој миг се во позиција да поставуваат свои барања според нивните државни интереси, а останува на нас, на македонската страна да го најдеме најдобриот излез – смета професорот Денко Малески.