По стотина интервенции годишно имаат спасувачите од станицата на Водно

На планината Водно годишно се случуваат 80 до стотина интервенции врз граѓани што се нашле во несреќни ситуации, а од нив успеале да се извлечат благодарение на брзата интервенција на екипите за подготвеност при катастрофи, односно на луѓето од тимот за спасување на планина на Црвениот крст на Скопје. Станицата на Водно работи за време на викенди и празници, кога на планината има поголема фреквенција на луѓе, а во тимот за спасување на планина работат волонтери, планинари и лица подготвени да даваат прва медицинска помош. Тимот за спасување на планина располага со две спасувачки станици. Покрај оваа на Водно, која е активна во текот на целата година, има уште една лоцирана на Матка – станицата „Димитар Боцевски“, која е активна од јули до септември. Тимот за спасување на планина има 15 лица, а постојано секој викенд дежураат по двајца спасувачи. Ова спасувачка станица финансиски е поддржана и од градот Скопје. Планинската станица за спасување покрива површина од 30 квадратни километри, а според обемот на работа би требало да функционира со по шестмина дежурни спасувачи, сметаат одговорните оттаму. Но и вака, велат спасувачите, досега успешно се справуваат со сите настанати ситуации во кои се нашле граѓаните, а тие успеале да им помогнат, па дури во одредени ситуации и да им го спасат животот. Токму поради ваквите настани спасувачите сметаат дека е потребно секојдневно да има дежурни служби, но засега велат дека тоа не е можно бидејќи се работи волонтерски, а сите тие луѓе имаат и други обврски во своите семејни животи. Случките на Водно, велат, што ги доживуваат граѓаните се најразлични, а во последната во минатиот месец од темната шума биле спасени двајцата полски туристи, кои наместо до Матка стигнале и се изгубиле во непристапен предел на планината.

– Се сеќавам на случката кога им беше спасен животот на две млади момчиња, кои добија сериозни повреди при сообраќајка. Едниот беше со велосипед, а другиот со мотор. По директниот судир добија сериозни повреди. Нашите спасувачи веднаш се најдоа на местото на несреќата, а потоа ги транспортираа момчињата до Ургентниот центар. По месец и пол болничко лекување момчињата закрепнаа и си го продолжија животот – вели Аргјенд Шиљафи, координатор за подготвеност и дејствување при катастрофи.

Спасувачите на планината покрај тоа што укажуваат помош при сообраќајни несреќи, интервенираат и при колапсни и инфарктни состојби, им укажуваат помош на повредени велосипедисти, кои се движат по планинарски патеки, а по потреба настраданите во несреќите ги транспортираат од Водно до Ургентниот центар. Велат дека се случувало да бараат и исчезнати лица во планинскиот предел, било да е тоа во зима или во лето. Благодарение на екипите за интервенција на планина минатиот месец биле пронајдени двајцата изгубени туристи од Полска, кои заталкале во планината. Станува збор за двајца мажи на возраст од триесетина до четириесет години, кои во квечерина се загубиле во шумата. Бидејќи почнало да се стемнува ги фатило паника, па се сетиле да побараат помош од Центарот за управување со кризи.
– Изгубените туристи постојано комуницирале со полицијата, а таа, пак, со нас. Туристите слабо говореа англиски и затоа беше тешко да искомуницираме со нив и подобро да ги лоцираме, но по два до три часа ги пронајдовме на многу непристапен терен. Се обидувале пешачејќи да стигнат до Матка, но патем се изгубиле. Токму затоа сите што тргнуваат на Водно, треба да имаат некои основни познавања и никако не треба да ја потценуваат планината – напоменува Шиљафи.

Поради ваква причина често млади велосипедисти се губат на Водно, а спасувачите ги наоѓаат во темна шума навечер, дехидрирани, слабо облечени и исплашени. Можеби уште многумина се сеќаваат на изгубените шестмина малолетни момчиња, кои се искачија до врвот за време на студениот бран минатата зима и се изгубија не можејќи да го најдат патот, бидејќи на планината имаше половина метар снег. Планинските патеки беа неисчистени, а спасувачите ги најдоа стигнувајќи до нив со теренско возило.