Товарот што завчера го понесоа нашите солисти на својот грб секако беше неподносливо тежок, зошто за сигурен и неоптоварен настап треба искуство, а искуството го носат честите настапи на сцена и пеењето главни ролји во музичко-сценските дела што се изведуваат на нашата сцена

Голем дел од солистичката екипа што ја чувме завчера, на отворањето на „Мајски оперски вечери“, настапи и пред 11 години на премиерната поставка на операта „Боеми“ на сцената на МОБ. Тенорот Ѓорѓи Цуцковски тогаш дебитира во улогата на Родолфо, како и баритонот Горан Начевски и тенорот Ристе Велков во улогата на Шонар. Оваа продукција на МОБ како да била затворена во временска капсула, не се разликуваше многу од изведбата во 2007 година. И во реализација на оваа опера од Пучини, како и во 2007-та, учествуваше македонска солистичка екипа – покрај Цуцковски, Начевски и Велков, ги чувме и Благица Поп Томова, Катерина Стојановска (Мизета) и др. Режисер е Дејан Прошев, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимите на Марија Пупучевска. Со оркестарот диригираше Џанлука Мартиненги од Италија.

Отворањето на „Мајски оперски вечери“ со целосно домашна солистичка екипа е одличен потег на дирекцијата на МОБ. Им дава одлична можност на нашите оперски пејачи да се покажат пред публиката, и тоа ни помалку ни повеќе туку на фестивалското отворање, за кое секогаш интересот е најголем. Товарот што го понесоа на својот грб, секако, беше неподносливо тежок, зошто за сигурен и неоптоварен настап треба искуство, а искуството го носат честите настапи на сцена и пеењето главни ролји во музичко-сценските дела што се изведуваат на нашата сцена.
Улогата на Мими ја пееше Благица Поп Томова, одлична сопранистка, сме ја слушале и во други продукции на МОБ. Во оваа премиерна изведба на улогата на Мими, Поп Томова на моменти покажа вокална несигурност, особено на крајот од првиот чин од операта. Нејзината вокална изведба во понатамошниот тек беше подобра и посигурна. Баритонот Горан Начевски повторно беше најсигурен на сцената, како и во дебито пред единаесет години. Ја пееше улогата на Марчело сигурно, доследно со вокална доминантност и сигурност.

Ѓорѓи Цуцковски во улогата на Родолфо беше сигурен, покажа дека може да се справи со предизвикот што го носи оваа комплексна оперска ролја. Немаше трема, за разлика од дебито во 2007 година, сега има и поголемо искуство зад себе, кое му ги носи сигурноста и потентноста на оперската сцена.
Улогата на Колин ја пееше Владимир Саздовски – тој, како и во секоја продукција во која го слушаме, и овој пат имаше сигурен и доследен вокален и сценски настап. Четвртиот боем, ликот на Шонар го пееше Ристе Велков. За разлика од доста несигурниот настап пред единаесет години, овој пат Велков беше посигурен во вокалната изведба, иако не совршен и без падови во интерпретацијата. Катерина Стојановска ја пееше Мизета, таа беше сигурна и имаше посветена вокална изведба. Пееше чисто, сигурно, со префинето чувство за сценски настап.
Оркестарот под диригентската палка на Италијанецот Џанлука Мартиненги звучеше сигурно и доследно во текот на целата изведба.

Режијата на Дејан Прошев беше одлична – успеа да го раздвижи оперското либрето, со динамична поставка. Костимите и сценографијата исто така беа во функција на оперската содржина. „Боеми“ сме ја слушале и гледале во различни продукции на сцената на МОБ. Имаше и едно крајно дегутантно осовременување пред дваесет-ина години, кога дејството беше префрлено во денешно време, кога костимите беа заменети со „кој како стигнал се облекол“ костими. Пред 11 години видовме визуелно поприфатлива изведба, а најновата беше најдобра од сите досега. Визуелно, сценски и режиски беше совршена.
Потегот со домашни оперски солисти да се отвораат „Мајски…“, секако, е одличен. Но за посигурна и подобра вокална изведба е потребно операта „Боеми“ да остане на репертоарот на МОБ, за да можат нашите солисти преку честа изведба да градат вокално искуство и да имаат посигурен настап.