Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје во рамките на својата стратегиска ориентација и политика за општествена одговорност, го имплементира принципот на општествена одговорност во сите сфери од општествениот живот во Скопје и земјава, вклучувајќи го и придонесот кон унапредување на образованието и науката во државата.
„Водовод и канализација“ и СМУГЦ „Д-р Панче Караѓозов“ потпишаа меморандум за соработка во доменот на научноистражувачката работа. На средбата, на која меѓу другите претставници на двете институции присуствуваа генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Душко Весковски, и директорката на средното училиште Маја Салиу, беа договорени фазите за понатамошната соработка меѓу институциите.
Врз основа на овој меморандум, од следната учебна година учениците од профилот медицинско-лабораториски санитарен техничар ќе можат да усвојуваат дел од практичните знаења во лабораториите на Секторот за санитарна контрола при водоводното претпријатие, под менторство на врвни професионалци од доменот на испитувањето на квалитетот и безбедноста на водата.
– Со воспоставувањето на оваа соработка, во насока на унапредување на практичната настава во согласност со Законот за средно образование, ги ставаме на располагање нашите ресурси и кадарот во рамките на Секторот за санитарна контрола и овозможуваме услови за изведување практична настава, но и научноистражувачка работа. На тој начин дејствуваме во создавањето нови квалификувани кадри, општествениот просперитет и унапредувањето на пазарот на трудот – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод“ – Скопје.
Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола, го изрази своето задоволство во однос на почетокот на оваа соработка, што претставува уште една од низата отворени можности за споделување на знаењето во научноистражувачката работа во полето на испитувањето на водата.