фото: Маја Јаневска Илиева, Дарко Андоновски

Водните живеалишта се од суштинско значење за растителниот и животинскиот свет, но и за добросостојбата и здравјето на луѓето, особено тие што живеат во нивната близина

На втори февруари беше одбележан Светскиот ден на водните живеалишта. Тоа е ден за подигнување на глобалната свест за важноста на водните живеалишта за луѓето и за планетата. Секоја година има разни теми што се третираат на овој ден, а годинава фокусот беше ставен на улогата на мочуриштата во борбата против климатските промени.

Водните живеалишта се клучен фактор за ублажување на климатските промени. Влажните зони дејствуваат како тампон за климатски катастрофи, кои им помагаат на заедниците да бидат еластични во однос на непосредните влијанија од климатските промени.

Oвие кревки средини се загрозени од луѓето: водните површини исчезнуваат со стапка од 1 отсто годишно, што е повисока стапка од уништувањето на шумите. Тие се изложени на одвод и горење за земјоделски потреби, рурален развој, а се уништуваат и со зголемување на нивото на морињата и езерата.

Светскиот ден на водните живеалишта се одбележа и кај нас. Македонското еколошко друштво (МЕД) и општината Ресен го одбележаа со различни едукативни настани и работилници во Преспа: едукативни активности со најмладите за запознавање на водните птици, работилница за мерење на ефективноста од управувањето на заштитените подрачја во преспанскиот регион…

Преспанско Езеро е прогласено за рамсарско подрачје во 1995 година поради присутноста на големиот број ретки и загрозени видови птици.

– На Преспанско Езеро се среќаваат шеесет и еден вид птици што се на листата на заштитени видови од Бернската конвенција. Поради ова, општината Ресен како управувач со подрачјето презема сет мерки и активности за одржливо управување со споменикот на природата Преспанско Езеро и во иднина наша заложба, заедно со управите на заштитените подрачја, е зачувување на значајните растителни и животински видови во преспанскиот регион – изјави Ајман Ајмала, раководител од секторот за животна средина од општината Ресен.

Водните живеалишта се од суштинско значење за растителниот и животинскиот свет, но и за добросостојбата и здравјето на луѓето, особено тие што живеат во нивната близина. Доколку се наруши природната рамнотежата во водните живеалишта, тогаш ќе бидат засегнати и човековите активности, како што се земјоделството и рибарството. Поради тоа, земјите се обврзани да донесат законски регулативи што ќе вклучуваат мерки за нивна заштита и разумно користење.

Според Ксенија Путилин, еколошката едукација е најважниот пристап да се охрабрат и образоваат идните генерации што ќе се грижат за зачувувањето на Преспанско Езеро.
– Со најмладите од градинките во Ресен ќе зборуваме за птиците од водните површини што се индикатори за климатските промени, а кои годинава се во фокусот на Светскиот ден за одбележување на влажните живеалишта. Љубовта кон зачувувањето на природата се гради од мали нозе, па затоа сметам дека еколошката едукација е најважниот пристап – изјави Ксенија Путилин од Македонското еколошко друштво.

Светскиот ден на водните живеалишта е всушност датумот на усвојување на конвенцијата за водните живеалишта во 1971 година во иранскиот град Рамсар.

Најважниот меѓународен договор за заштита на водните живеалишта е Рамсарската конвенција. Целта на прогласување на рамсарските подрачја е да се зачуваат и мудро да се користат сите водни живеалиште преку активности што се преземаат и на локално и на национално ниво, како и преку меѓународна соработка. Преспанско Езеро е прво рамсарско подрачје во Македонија. Република Македонија го предложи Преспанско Езеро со неговите водни површини имајќи ја предвид важноста на овој две-три милиони години стар екосистем, кој продолжува да обезбедува добра и услуги за луѓето како резултат на богатиот диверзитет на живеалишта и видови.

– Преспанскиот регион е познат како европска и глобална жешка точка за биодиверзитет. Стекнувањето на ваквиот статус не се должи само на огромниот број на живеалишта и растителни и животински видови туку и на нивното големо значење, затоа што доста од нив се ретки, ендемични, загрозени или се наоѓаат на некои од меѓународните листи за заштита – велат од МЕД.