Имате некој стар креденец што ви останал од баба ви, антички часовник или стара комода и би сакале тоа парче мебел, кое има своја приказна, да го вметнете во вашиот модерен дом на живеење.
Со пролетното средување на визбата и на таванот сте откриле дека имате некоја стара комода за која сте заборавиле дека постои и која никако не би требало да ја фрлите, особено во денешно време кога уредувањето на домот со старински комоди е апсолутен хит.
Многу е важно како и на кој начин ќе ја вметнете старата комода во новиот дом, па затоа ќе ви помогнеме со неколку совети.
Најпрво старата комода освежете ја со неколку слоеви боја, а потоа поставете ја на место што најмногу ќе ѝ одговара, а за тоа треба да внимавате.

Кога во ентериерот внесувате стара комода мора да пронајдете рамнотежа бидејќи може да направите вашиот дом да изгледа како музеј. Старата комода едноставно уредете ја за да се вклопи во новиот мебел. Искомбинирајте стара полица за книги или комода со модерен тепих, а во трпезаријата, пак, покрај модерните столчиња и масата одлично ќе се вклопи стариот бабин креденец за садови. Понекогаш само една старинска ламба може во целост да го промени изгледот на собата.
Еден од наједноставните и најсигурните начини да внесете старински мебел и елементи во домот е да му дадете нов живот. Само со промена на бојата многу полесно ќе го вклопите во вашиот простор на живеење.
Ако се одлучите да го направите тоа сами треба да внимавате да не ги направите наведените грешки.

Старинските слики, па дури и гоблените што како дете ви одеа на нерви, би можеле да изгледаат одлично ако ги искомбинирате со модерни парчиња мебел. Исто така можете да комбинирате старински рамки со модерни слики и фотографии.
Старинските комоди не морате да ги користите на истиот начин на кој ги користеле оние што сте ги наследиле. Најдобар пример за тоа се старите теписи и простирки што можете да ги користите како прекривки за креветите, фотелјите и столовите. Ако имате стара машина за пишување или грамофон со голем звучник можете да ги искористите како одлична декорација на клуб-масичката во дневната соба.
Ако од вашата баба ви останале голем број порцелански чинии, кои само стојат и собираат прашина, искористете ги за декорација. На ѕидот во трпезаријата можете да направите изложба, така што ќе закачите неколку од нив или да ги поставите на полица. Истото тоа можете да го направите и со металните послужавници или со старите вазни за цвеќе, кои ви останале во наследство од баба. Не плашете се да експериментирате, бидејќи старинските парчиња во вашиот модерен дом ќе ја внесат потребната доза топлина во просторот.