Влијанието на стресот кај мајката врз развојот на мозокот кај бебето

Во некоја од скорешните колумни во „Нова Македонија“ зборувавме за тоа како влијае стресот на некои мозочни функции, особено на помнењето. Покажавме, врз база на понови научни сознанија, колку стресот од секојдневието негативно влијае на нашите мозочни функции.

Во таа насока, денешниот напис е посветен на влијанието на стресот, уште интраутерино, врз развојот на мозокот на уште нероденото дете.
Откривање на непознатите конекции помеѓу мозочните региони и специфичните когнитивни мозочни функции со помош на денешната технологија на снимање е сосема можно. Функционалната магнетна резонанца (фМРИ) е посебна техника за визуализација, воведена во 1990 година, метода со која е можно испитување на мозочните активности кога субјектот изведува некаква задача.

Така, фМРИ е користена во илјадници испитувања за прецизирање на деловите на мозокот одговорни за разни однесувања или функции на мозокот.
Времето што бебето го поминува ин утеро е далеку од идеално. Мозокот во тој период се менува најинтензивно, многу повеќе одошто во кој било друг период во животот. Времето поминато во матката е исполнето со силен раст и развој на бебето, негово истражување и најбитно, поврзување со својата мајка. Најновите истражувања во тој период со мозочни скенови потврдија дека токму тоа врзување со мајката влијае директно на развитокот на мозокот. Особено значајни истражувања во оваа област се објавени од тимовите на невронаучници во Диселдорф, Германија.
Стресот кај мајката влијае на врските што се воспоставуваат во невралната мрежа на мозокот на нероденото бебе.

Уште порано се претпоставуваше дека стресот кај мајката може да биде запишан во мозокот на бебето (енкодиран), но дури сега се откри како функционалната макроскала на невралната мрежа се гради за време на овој прецизен период од хуманиот живот, а што има големо значење за понатамошното здравје и развиток. Најголем предизвик за истражување на невронаучниците е идентификување на сензитивни периоди битни за мозочниот развој, почнувајќи од најраното детство, па сѐ до адултната возраст.

Модерните достигнувања во техниките за визуализација овозможија да се „влезе внатре“ во критичните времиња на мозочниот развој, што порано воопшто не беше можно. Користејќи фетална функционална магнетна резонанца (фМРИ) научниците ја истражувале функционалната поврзаност кај група фетуси, скенирани во периодот 30-37 гестациска недела. Мајките на овие бебиња се избрани од социјално сиромашни семејства, кои се изложени на голем стрес во урбаното живеење, со потврдено високо ниво на анксиозност, депресивност, грижи и генерално ниво на стрес. Истражувањето е изведено во универзитетот „Колумбија“.

Наодите од ова истражување укажуваат дека мајките што потврдиле дека доживуваат висок стрес раѓаат фетуси со редуцирана ефикасност на нервниот функционален систем. Ова е прв ваков истражувачки проект што го потврдува директното влијание на мајчиниот стрес врз феталниот мозочен развој, независно од идните влијанија во постнаталниот живот што бебето ќе ги доживува од околината со која ќе биде опкружено.

Најголемата добивка од ова истражување е докажување на хипотезата за поврзаноста на мајчиниот стрес со карактеристиките на поврзување во нервните мрежи кај бебешкиот мозок. Докажано е дека мозокот не се развива во секвенци, од попрости системи (вид, слух) до посложени, повисоко подредени системи, туку уште во првичниот развој се диференцираат области што се најкритични за премостување на разни системи. Исто така, покажано е дека највулнерабилен за влијанието на стресот кај мајката е малиот мозок (церебелум) кај бебето. Тој има најмногу гликокортикоидни рецептори што се инволвирани во страсните одговори, повеќе од кој било друг дел на мозокот.

Невронаучниците особено се заинтересирани за разбирање на сензитивните периоди во време кога околинските влијанија имаат најголемо влијание врз идните мозочни функции. Во таа насока, тимот од универзитетот „Колумбија“ со помош на фМРИ ги истражувал врските помеѓу префронталниот кортекс и амигдала (центарот на емоциите).
Најголемите промени што настануваат во периодот на детството и адолесценцијата се однесуваат на поврзувањето (конективност) помеѓу разни мозочни делови. Овие два дела на мозокот (фронталниот кортекс и амигдала) се најбитни за емоционалното поведение кај младите.

Истражувајќи будни деца до 4-годишна возраст, невронаучниците идентификувале развојни периоди во кои поврзаноста помеѓу префронталниот кортекс и амигдалата се сосема поразлични одошто е тоа кај возрасните. Овие поврзаности се развиваат многу бавно во текот на детството, но драматичен раст има кон крајот на детството што се поклопува со случувањата во околината на децата, и што укажува дека овие две регии се особено чувствителни на влијанието на околинските фактори.
Хуманиот мозок е дизајниран за да учи од околината. Благодарение на долгиот период на детството и на адолесценцијата, ваквата трансформација на мозокот кај луѓето е можна. Значи, мозокот кај младите не е само упростена верзија на оној од возрасните, туку е дизајниран да соработува со очекуваната нега на околината, или како што денес се нарекува тоа – екологија на негата.

Токму затоа, од особено значење е натамошното влијание на сите фактори во кои се одгледува детето, особено од грижата на родителите или негувателите, животниот стил, информациите итн.
Уште едно истражување направено во овој период на животот, пред раѓањето е од битно значење. Целна група на испитувањето биле многу млади мајки (трудници на возраст 14-19 години), бремени со први деца. Истражуван бил односот на два протеина ослободени од мајчиниот имунолошки систем, во третото тримесечје од бременоста и развој на мозочните системи кај децата, а кои се битни за подоцнежниот развој на аутизам, шизофренија или АДХД. Истражувачите заклучиле дека повисоките мајчини нивоа на овие протеини се асоцирани со поголема конективност во детските мозочни региони во мрежа што е одговорна за високи когнитивни функции.

Активирањето на мајчиниот имунолошки систем, исто така, е асоцирана со пониски срцеви ритми при крај на гестацијата, што може да укаже на забавен развој на автономниот нервен систем кај бебето. Овие резултати сугерираат дека крајните недели на бременоста имаат многу значајно влијание врз развојот на мозокот кај децата.
Со овие сознанија се нагласуваат можните ризични фактори врз детскиот развој, што треба да биде цел на здравствената едукација и нега кај нашата популација, а сѐ за да се обезбеди добар развој на идните поколенија.

(Авторката е педијатарка и психолог)