ТЕНИС

Организаторите одлучија да се игра и во неделата по првата седмица, која досега беше ден за одмор и за освежување на тревните терени. Од 1877 година на тој гранслем-турнир во недела се играло само четири пати, поради дожд во претходните денови
Британскиот гранслем-турнир Вимблдон од следната година ќе се откаже од слободниот ден во текот на првата недела од турнирот, објави организаторот, Сеанглискиот тениски клуб. Лондонскиот турнир е единствениот гранслем-турнир на кој натпреварите не се играат во неделата во првата седмица од турнирот. Досега во првата недела од турнирот, што се игра од 1877 година, се играло само четири пати, во 1991, 1997, 2004 и 2016 година, поради дожд во претходните денови. Во сите други години од 144-годишната историја на турнирот, недела беше единствениот ден во текот на двете недели на турнирот, во кој организаторите имаа можност да ги освежат и одморат тревните терени на Вимблдон.

Според претседателот на клубот, Иан Хјуит, подобрената технологија за одржување на терените му отвори можност на турнирот да се развива. Организаторите одлучија да ја вклучат неделата во распоредот на турнирите, бидејќи ќе им го олесни уредувањето на распоредот за осминафиналето, кое од следната година ќе се игра во недела и во понеделник (досега се играше само во понеделниците), но и да овозможи присуство на повеќе публика на турнирот. Со оваа промена, Вимблдон ќе се изедначи со САД опен и со Австралија опен според играњето во две недели, а Ролан Гарос е единствен турнир што се игра во три недели, бидејќи почнува во недела.
Годинава Вимблдон треба се игра од 28 јуни до 11 јули. На годинашното издание на турнирот организаторите планираат да дозволат присуство на публика на 25 отсто од капацитетот на гледалиштата.