Серена Вилијамс

Разликата од 18 години меѓу финалистките на турнирот во Њујорк е најголема во тениската опен-ера од 1968 година наваму

Американката Серена Вилијамс (37) е на прагот на освојување на рекордната 24-та гранслем-титула во кариерата (во 33-то финале), со што би се израмнила со Австријката Маргерет Корт. Во денешното финале на гранслем-турнирот во Њујорк таа ќе се сретне со Канаѓанката со романско потекло Бјанка Андрееску (19), која, пак, е прва тенисерка од Канада што ќе игра во финалето на овој турнир. Таа има шанса да стане првата тенисерка (или тенисер) од нејзината држава победник на гранслем-турнир во поединечна конкуренција. За Андрееску, која на почетокот од годинава беше 178. на ВТА-листата, ова е и прв настап на главниот турнир во Њујорк, вкупно четврти на гранслем. Таа е родена девет месеци откако Серена Вилијамс го забележа првиот триумф на Флешинг медоус во Њујорк, во 1999 година. Разликата од 18 години меѓу двете финалистки е најголема во тениската опен-ера од 1968 година наваму.

Во полуфиналните дуели, Вилијамс, шесткратната победничка во Њујорк, ја совлада Украинката Елина Свитолина, со 6-3 и 6-1, а Андрееску беше подобра од Швајцарката Белинда Бенчиќ со 7-6 и 7-5.

– Ова едноставно е надреално. Не, не знам што да кажам. Ова е нешто како остварување на сонот да се игра против Серена во финале на САД опен. Лудо е, лудо е – тешко ги контролираше емоциите Андрееску по пласманот во финалето.
Вилијамс, која некои ја сметаат за најдобра тенисерка на сите времиња, по тешкото породување со ќерката Олимпија пред две години, настапи во три гранслем-финалиња (двапати во Вимблдон и во Њујорк), и трите ги загуби.