Дарко Базерко, ликовен уметник

„Македонски народни везови“ е насловена изложбата на која своите најнови дела ќе ги претстави уметникот Драко Базерко, в петок, во „Концепт 37“. Ќе бидат изложени 14 дела, секое сублимат на најдобрите македонски традиционални народни везови, презентирани во техниката акрил на платно

Во светот на уметноста Дарко Базерко секојдневно е во потрага по совршената форма на своите скулптури, по најдобрата нијанса на своите фотографии и по вистинскиот тон. Тоа што има проблеми со слухот за него не е пречка да создава и да биде креативен. Неговите дела ќе може да се видат в петок, 10 мај, од 20 часот, во „Концепт 37“, на неговата самостојна изложба „Македонски народни везови“. Ќе бидат изложени 14 слики, акрил на платно, на кои тој работеше последниве години, за кои вели дека се сублимат од најдобрите македонски традиционални народни везови и претставуваат врска меѓу традиционалната и модерната уметност на овие простори.
Дарко Базерко (36 г.) дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на Ибрахим Беди, а постдипломски студии завршил кај Жарко Башевски. Досега има реализирано десет самостојни изложби во Скопје, Париз и во Њујорк, а бил учесник и на групни изложби и ликовни колонии. Асистирал на големи проекти на други уметници.

Изложувате слики на везови од сите краишта на Македонија, чија техника на изработка се пренесува со поколенија. Што ве поттикна на овој креативен чекор?
– Отсекогаш ме импресионирале македонската култура, традиција и уметност. Македонските народни везови ги отсликуваат неизмерниот талент, оригиналната идеја, трпеливоста, упорноста и огромниот труд на нашите предци и заслужува посебно внимание и грижа, посебно од нас уметниците. Нашите традиционални народни везови во минатото биле користени за разубавување на специјалните настани и на секојдневието на луѓето, на амбиентот на домот и за означување на сопствениот идентитет. Токму тоа е и мојата идеја, преку овие дела идните сопственици да можат да имаат дел од историјата, културата, традицијата и уметноста во своите домови.

Колку сте се смениле како уметник од вашата претходна изложба на фотографии „Скопје низ годишните времиња“?
– Фотографиите беа креирани во временски интервал од три години на урбани простори низ Скопје, на исти локации во различна сезонска перспектива, во кој се сублимирани четирите амбиентални промени, низ четирите годишни времиња. По таа изложба работев на два лични проекта – скулптури и бев асистент на повеќе споменици со големи димензии на моите професори од факултет и на другите познати уметници. Секако дека како уметник секојдневно се менувам. Во последните неколку години, максимално и бев посветен на тридимензионалната форма, но работејќи на изложбата „Македонски народни везови“, бев инспириран да творам и во дводимензионална форма.

Изложувавте во Њујорк, град што е полн со уметници и талентирани луѓе од повеќе области. Дали ве обзема креативната енергија на Големото Јаболко?
– Да, во Њујорк се случи мојата последна и најуспешна изложба од сите аспекти. Локацијата беше во галеријата „МС“ на 52-та улица, на Менхетн. Беше една од најпосетените изложби во таа галерија минатата година. Само на отворањето имаше околу 150 посетители, а изложбата траеше 10 дена. Одзивот и критиките беа одлични. Покрај другите, и голем број Македонци што живеат во Њујорк ја посетија изложбата, што за мене беше големо задоволство. А за Њујорк само ќе кажам дека е најубавиот и најмагичен град што сум го посетил досега.

Професорот Жарко Башески, кај кого магистриравте, за вас вели дека сте многу вреден и работлив, дека сте биле добар студент, а сега сте одличен како самостоен уметник. Што велите на тоа?
– Екстремно многу го почитувам професорот Башески. Од него научив многу низ студирањето, а особено потоа, бидејќи заедно работевме на огромни скулптури, што за мене беше одлично искуство. Секогаш ќе ги помнам неговите зборови дека јас секогаш го избирам „најтешкиот пат“.

Делата ви се раштркани низ целиот свет. Дали сте задоволен од интересот за купување на вашите дела?
– Искрено, продажбата на моите дела не ми е главната мотивација, а понекогаш тешко ми паѓа кога морам да се одделам од нив. Но како и во други професии, така и во нашата не цветаат секогаш рози. Во разговор со неколку врвни уметници што живеат и творат во Њујорк, дознав дека дури и таму не може да се живее од продажба само на свои уметнички дела, оти мора да се има и друга професија за да се опстане.

Вашата физичка попреченост, очигледно не ви претставува пречка да создавате. Дали уметноста ви помага полесно да ги пребродите пречките во секојдневниот живот?
– Визуелната реалност има поголемо значење за мене бидејќи живеам во светот на тишината. Сите ефекти што сакам да ги искажам ги презентирам преку универзалниот јазик на уметноста. Со создавањето уметнички дела се чувствувам исполнето и го наоѓам својот мир. Секојдневно работам напорно, но во исто време тоа не ме оптоварува, напротив уживам да го работам тоа што го сакам.

Какви се вашите планови и очекувања во наредниот период?
– Сакам да продолжам со оригинално творештво и што повеќе инспирација да црпам од македонските мотиви од историјата. Планирам повеќе изложби во наредниот период во земјата и во странство, како и изработка на неколку дела за моите клиенти.