Тоа што со години се најавуваше конечно се оствари, видеоигрите станаа дел од голем спортски настан. Имено, натпреварувањето во видеоигри, односно е-спортот, стана дел од една од најголемите спортски манифестации, како што се Азиските игри, кои од 18 август до 2 септември се одржуваат во Индонезија.

Овој пат, видеоигрите во Џакарта се само демонстративен настан, а на следните Азиски игри во Кина 2022 година, тие би требало да бидат и официјална спортска дисциплина во која ќе се доделуваат медали.

Ова е голем чекор за е-спортот, кој стана многу популарен во средината на 2000 година, чекор за влез во Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и учество на Олимписките игри 2024 година.

На Азиските игри, кои моментално се одржуваат во Џакарта, е-спортот се претставува во шест категории – игри, вклучувајќи ги и популарните „Стар Крафт 2“ и „Лига на легендите“.

Веќе долги години во е-спортот се вртат големи суми пари, а вкупниот приход на е-индустријата за 2019 година се очекува да биде 1,1 милијарда долари.
Најдобрите е-спортисти заработуваат околу милион долари годишно, а според анализите на стручњаците, прашање на време е кога ќе станат најплатени спортисти на светот.

Дека натпреварувањата во е-спортот се исклучително гледани и посетени, зборува фактот што финалето во „Лига на легендите“ во 2014 година се одржало на целосно распродаден стадион (капацитет од 66.700 гледачи) во Сеул.