Пет помалку познати приказни за современата уметност

Пикасо денес би бил наречен мизогинист, а Гоген – педофил. Но како влијае тоа врз начинот на кој ги гледаме нивните дела? Многу често, светот ја мери моќта на Русија преку воената сила, но мајсторите на модерната уметност од рускиот музеј „Ермитаж“, изложба што сега е претставена во Уметничката галерија на Нов Јужен Велс, се фин пример за меката моќ на оваа земја.

Изборот од колекцијата на модерни француски слики во музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург на оваа изложба ја претставува визијата на двајца трговци од Москва, Сергеј Шчукин и Иван Морозов. Нивната визија за модерна уметност ја претставуваат дела на уметници како: Моне, Пикасо, Сезан и Матис и тоа остава многу простор за дебата. Од заднински бизарни приказни до сомнителни етики…

Дали оваа слика е расистичка? („Црн квадрат“ од Казимир Малевич)
По долга работа како сценограф во операта „Победа над сонцето“ во 1913 година, Малевич се инспирирал да создаде стил на сликање што единствено се состои од форми и бои и тоа го нарекол суперематизам. Кога „Црниот квадрат“ бил отворен во Санкт Петербург две години подоцна, уметникот изјавил: „Досега не постоеле обиди да се создадат вакви слики, без атрибути на вистинскиот живот. Сликањето ја претставуваше естетската страна на нештата, но никогаш нивниот крај“. „Црниот квадрат“ го поттикнува прашањето како би можело кое било друго уметничко дело да го надмине ова. Оттогаш „Црниот квадрат“ беше анализиран и со нова технологија.

Користејќи бинокуларен микроскоп, истражувачки тим од галеријата „Третјаков“ во Москва (која поседува една од четирите верзии на сликата), откри натпис на рамката на сликата, кој гласи: „Борба на нигери во темна пештера“. Тимот дојде до заклучок дека тоа е референца на дело на францускиот хуморист Алфонсе Але, насловено „Нигери што се тепаат во кафез во ноќта“, од 1897 година. Ова откритие отвора многу важно прашање за оваа слика, која се смета за ремек-дело, дали таа е расистичка и, доколку е, што да правиме со уметничките дела што ни се чинат морално одвратни.
Како да се биде жена во машки свет („Проза од Транссибирски експрес и малата Жоан од Франција“ од Соња Дулонеј-Терк и Блез Сондрас)

Од 66 дела што се изложени на изложбата, ова е единствено дело чиј автор е жена: Соња Дулонеј-Терк. Иако илустрирани книги се произведувале уште од времето на доаѓањето на европската печатарска преса во 1440 г., книгата како уметничко дело се појавува во раниот 20 век. Кога Дулонеј-Терк го запознала поетот Блез Сондрас во 1912 година, тие направиле план да соработуваат на „симултано“ дело што би инкорпорирало бои и текст. По објавувањето на книгата, Сендрас изјавил: „Госпоѓа Дулонеј направи прекрасна книга на бои, мојата поема впива повеќе живот отколку светлина“. Стилот на поемата се базира на брзото менување слики за време на халуцинација. Прозата се протега во должина и е долга речиси два метра, а доколку се подредат сите 150 копии од книгата, ќе се добие должина еднаква на висината на Ајфеловата кула, која, пак, се наѕирала на долниот лев агол од самото дело.

Ве молиме целата преписка препратете ја на Тахити („Месецот на Марија“ од Пол Гоген)

Во 1981 година, Пол Гоген ја напуштил својата фамилија за да живее на Тахити.

По девет месеци откако пристигнал на островот, тој му пишал на својот пријател Жорж-Даниел де Монфрид: „Сега живеам како дивјак“. Живеел во колиба, во подножје на планина, кон крајот на селото во Папете, каде што почнал да слика портрети на локалните жители, особено избирајќи голи или, пак, полуголи млади жени како субјекти, како што сторил со „Месецот на Марија“. Прво му била љубовница, а подоцна се оженил со 13-годишно девојче по име Техамана, кое останало бремено летото 1892 година. Тој исто така имал и сифилис што го ширел наоколу. Џеф Даер ќе додаде во својот есеј за уметникот: „Многу од Гогеновите најпопуларни слики се од девојки од Тахити, кои биле млади и секси и јаделе овошје и изгледале како да се среќни да одат в кревет со човек со сифилис и нозе покриени со егзем“. „Месецот на Марија“ прикажува една од тие жени како стои покрај егзотично растение и заводливо гледа во овошно дрво. Иако сликите на Гоген претставуваат обид да се комбинираат христијанските мотиви со елементи на будизам, можеби најинтересниот аспект на неговото дело е оној што ние го гледаме преку очите на маж, кој, денес, би бил наречен педофил. Тој имал 44 години кога се оженил со Техамана.

Навистина не мора да ви се допаѓа Пикасо („Голо момче“ од Пабло Пикасо)
„Не го сакам Пикасо, проклето го мразам. Гнил е! Не можете да ме натерате да ми се допаѓа“, изјави комичарката Хана Гадсби во своето последно шоу на „Нетфликс“, „Нанет“. Гадсби цели кон она што, според неа, е мизогинистичка карактеристика на уметникот, особено неговата афера со 17-годишната Марија-Тереза Волтер, која останала бремена со негово дете во 1935 година.

А што станува со неговиот однос кон млади момчиња? „Голо момче“ доаѓа од Пикасовиот розов период, именуван според употребата на тешки розови тонови во неговите дела од 1904 до 1906 година, кои на различен начин прикажуваат кловнови и коњи. Позата на момчето рефлектира антички грчки скулптури, кои Пикасо ги студирал на „Лувр“ и влечел инспирација од античкиот идеал за убавина. Иако историјата покажува дела што прикажуваат голи тела од сите возрасти, момчето на Пикасо се наоѓа во претпубертетска возраст. За разлика од скулптурите што ги проучувал, за „Голото момче“ Пикасо зел жив модел, што значи дека момчето, кое веројатно било на 10-годишна возраст, стоело голо пред уметникот со часови, а можеби и денови. Не постојат докази што укажуваат на тоа дека Пикасо го малтретирал момчето, но кој родител денес, во оваа култура и параноја околу користење голи деца во уметнички дела, би се согласил неговото дете голо да позира за слика?