Често се случува да седнете ноќе во автомобилот и да тргнете на долг и исцрпувачки пат. На голем број луѓе што имаат долг возачки стаж не им претставува никаков проблем да минуваат многу километри ноќе, а не е тајна и тоа дека голем број возачи што возат долги релации, тоа го прават исклучиво во ноќни услови. Како предност за возење во доцните ноќни часови се наведуваат намалениот промет и сообраќај и малиот број (или воопшто непостоење) колони и метеж.

Тука вреди да се спомене и фактот дека константната брзина на движење влијае и на потрошувачката на возилата и најважните делови во моторот на автомобилот се изложени на помало оптоварување. Исто така, од возачите може да се слушне и аргументот дека ноќното возење е подобро од дневното возење, бидејќи во вакви услови при претекнување полесно се забележуваат возилата од спротивната насока поради вклучените светла и така се намалува ризикот. Универзалната вистина „денот е за работа, ноќта е за спиење“ според која е програмиран организмот на секој човек, често може да се примени во реалноста и по вестите за возачи што возеле ноќе и заспале на воланот и притоа предизвикале сообраќајна несреќа.

Уморот, очите што се изложени на поголеми напори во мрак и автомобилските светла од спротивната насока дополнително го надразнуваат видот на возачите и се аргумент „против“ долгото ноќно возење. Притоа, временските услови како што се дожд и снег значително може да ги намалат видливоста и прегледноста, особено во ноќните часови. Капките на ветробранското стакло, од одблесокот од светлата што се движат во спротивна насока, се претвораат во безброј иритантни одблесоци и дополнително ги надразнуваат очите на возачите. Не треба да се заборави и фактот дека и животинскиот свет е значително пораздвижен ноќе, па, така, постои можност на патиштата да излетаат животни и со тоа да ја намалат безбедноста. Без разлика на афинитетите и личниот избор на секој поединечен возач, статистички е посигурно да се вози дење одошто ноќе.

Ако навистина е неопходно да се движите во ноќните часови, во автомобилот седнете со посебно внимание, бидејќи не смеат да се заборават непредвидливите аспекти на ноќното возење. Затоа, советите за возење доцна во ноќта се релативно универзални. Возачот секогаш би требало да биде свесен за околината и да обрне посебно внимание на сопственото возило во сообраќајот. Потоа, ако го возите првпат автомобилот со кој ќе патувате, проверете ги техничките аспекти за тоа како се вклучуваат светлата и сите други неопходни прекинувачи што би биле корисни во случај на вонредна состојба. Кога возите ноќе, најдобро е тоа да го правите во лесен ритам, првенствено поради тоа што полесно се забележуваат ознаките на патиштата и знаците и поради тоа што е тешко да се забележи што е пред вас, дури и ако имате најдобри и најнови светла на возилото.

Со оглед на тоа дека рефлексите и времето на реакција се побавни и намалени во ноќни услови, за разлика од дневните, ограничување и намалување на брзината е паметна одлука. Мал трик: ако ве изненади автомобил од спротивната насока со вклучени долги светла, минимално свртете ја главата надесно и со крајот на окото испратете го минувањето на овој автомобил, за помалку да ги уморите очите. Некои возачи ќе кажат дека воопшто не сакаат да возат ноќе, особено ако станува збор за возење на локални патишта, бидејќи често се случува во доцните часови да има нелегални трки или возачи што возат под дејство на алкохол или дрога. Со оглед на фактот дека ноќното возење бара поголема концентрација при возењето, адаптирајте ги условите и намалете ги факторите што би можеле да ви го одземаат вниманието.

Иако можеби мислите дека гласната музика ќе ве држи будни, вистината е различна, бидејќи музиката е еден од факторите што најмногу го одвлекуваат вниманието. Мобилните телефони исто така се опасни и не треба да им обрнувате внимание доколку ѕвонат или ви стигнуваат известувања. И за крај – уморот. Доколку забележите дека навистина ви се затвораат очите и сте целосно изморени, застанете на најблиското почивалиште, наместо да продолжите да возите сонливи. Многумина од нас често не можат да го избегнат ноќното возење, но ако се држиме до овие корисни совети и ги земеме сите во обѕир кога ќе седнеме пред воланот, тоа сигурно ќе помине со помалку стрес и опасни ситуации, а во некои случаи може да биде и навистина релаксирачко.