Околу три илјади дечиња во неделата претпладне продефилираа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица на Детскиот карневал што се одржува на празникот Прочка. Со него продолжија карневалските празнувања во градот под Царевите кули, а најмладите жители се претставија со најразлични групни и поединечни маски, креирани од нивните учителки и родители.

Детскиот карневал се одржува наредниот ден по завршувањето на Интернационалната карневалска вечер.

Карневалските празнувања продолжија и вчера, на Чист понеделник, кога жири-комисијата на Струмичкиот карневал ги соопшти наградите од главната карневалска вечер, а потоа во огромниот казан, поставен на плоштадот „Гоце Делчев“, се вареше бел посен грав, кој беше поделен во околу три илјади порции.

Потоа беше отворена изложбата на карикатури и афоризми од годинашниов меѓународен фестивал и им беа доделени признанијата на најуспешните карикатуристи и афористичари.