Фото: Игор Бансколиев

Во секојдневните ситуации и колоквијалниот говор, најчесто се подразбира што е тоа навреда, омаловажување, зборови или постапки со кои се нанесуваат неправди и се уриваат достоинството и честа. Но, според експертите, во какво било евентуално законско решение, тоа би требало да биде мошне прецизно дефинирано, за што сметаат дека е исклучително тешко изводливо. Точно дека во Словенија има иницијатива нивното МВР да казнува за навреда кон домашните носители на јавни функции, но експертите истакнуваат дека заштитата од навреди не смее да биде ексклузивно право само на политичарите

Европските политичари се сѐ почувствителни на навреди и бараат казни

Веќе воопшто не е нова практиката дека комуникацијата, особено на политички теми, е вообичаено да биде жестока и гласна, доколку се сака да се наметнат сопствените ставови. Дури и стандардите за аргументирана дебата и дискусија сѐ повеќе се поместуваат од точката што означува почит и пристојно однесување кон точката на омаловажување, навреди и клевети за соговорниците. Аргументите на силата сѐ повеќе ја совладуваат силината на аргументите, што, секако, влијае на начинот на односи и комуникација во целиот општествен амбиент.

Во Словенија ќе се казнува непристојното однесување спрема највисоките претставници на државата

Но се чини дека тенденцијата за негативна промена на стандардите во општата комуникација, под влијание на политиката, не е својствена само за Македонија и македонскиот политички амбиент.
Имено, неодамна во Словенија е донесена одлука Министерство за внатрешни работи да казнува за непристојно однесување спрема највисоките претставници на државата, членовите на народното собрание, судиите на Уставниот или Врховниот суд, со предвидени казни од 500 до 1.000 евра. Таква одлука донела Владата на Словенија, а би требало да биде усвоена во тамошното собрание. Според таа одлука, забрането е навредување, викање или какво било вознемирување на официјалните претставници на власта.
Многу веројатно е да се претпостави дека доколку помине ваквата иницијатива во Словенија, политичарите од регионот, па и од ЕУ, ќе имаат „стартап“ аргументација да побараат сличен вид на заштита за своите ликови, дела и зборови.
– Идејата за заштита на домашните политичари од навреди, преку казни, одвреме-навреме се исфрла во јавноста и од македонските политичари. Мислам дека тоа почесто го споменува претседателот на македонското собрание, Талат Џафери, во обид да ги дисциплинира пратениците, најмногу од опозицијата. Во суштина, добро е кога сите граѓани би биле заштитени од навреди, а не да биде тоа ексклузивно право само на политичарите. Многу почесто граѓаните се навредени во секојдневниот живот од одлуките и лажните ветувања на политичарите. Можеби е банален пример, но граѓаните се секогаш посредно навредени од неспособноста на официјалните политичари да ја уредат администрацијата, кога мораат да чекаат пред шалтери за базична административна услуга и кога административците по сопствена волја, или по „виша сила“, ќе им го затворат шалтерот пред нос. Претпоставувам дека е добро да се регулираат однесувањето и начинот на изразување во јавната сфера, но многу зависи од тоа како ќе се дефинира навредата. Но идејата на политичарите за казнување навреди изречени врз нив личи на барање уште една форма да се заштитат од одговорност за неисполнетите ветувања. Притоа, евентуалното носење на таква регулатива многу лесно води кон параметрите за диктатура – вели поранешната новинарка и амбасадорка Мелпомени Корнети.

Дали иницијативата за постоење на вербален деликт кон носителите на јавни функции ќе пушти корен и кај нас?

Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески проценува дека иако навидум едноставно прашање, кое предизвикува рефлексен одговор, темата за потребата од заштита на политичарите од навреди содржи комплексен предизвик.
– Во денешно време, просторот за јавна комуникација доби нова димензија со експанзијата на социјалните мрежи. А со тоа, секако, полесни и поголеми се можностите комуникацијата да ескалира во навреди и меѓу самите граѓани, корисници на социјалните мрежни, но и да се искажат реакции на незадоволство, на различен начин, од однесувањето и политиките на сите политичари што се во фокусот на јавноста. Во секој случај, најголем проблем при евентуално законско регулирање и санкционирање на навредите (спрема политичарите) е јасното дефинирање на ситуациите, случаите и вокабуларот користен при навредите. Во секојдневните ситуации и колоквијалниот говор, најчесто подразбираме што е навреда, но во какво било законско решение тоа би требало да биде прецизно дефинирано, што сметам дека би било тешко да се изведе. Но заштитата од навреди не смее да биде ексклузивно право само на политичарите. Притоа, најголемите навреди политичарите си ги разменуваат меѓусебно, а најмала штета имаат и тие и државата од изразувањето на огорченоста на народот преку некакви навреди. Најголемата причина за искажување некакви навреди е неодговорното однесување на политичарите во борбата за власт – вели социологот Илија Ацески.

Политикологот Синиша Пекевски смета дека законско регулирање и санкционирање на навредите искажани за политичарите би било само уште едно олеснување за нив да не преземаат одговорност.
– Од еден аспект, секакво санкционирање на критика искажана спрема политичар го олеснува патот за своевиден вовед во диктатура. Од друга страна, го наметнува прашањето дали некој политичар презел одговорност за неисполнетите ветувања по еден завршен мандат од четири години. Општественото искуство во Македонија говори дека нема никакви последици за политичарите за нивните неисполнети ветувања – вели Пекевски.
Професорот на медицинскиот факултет при универзитетот „Колумбија“ во САД, Горазд Росоклија токму за ова прашање има искажано исклучително интересен став.
– Вработените од народот (власта), кој ги плаќа да го штитат неговиот интерес, ќе го тужат својот работодавец (народот) од чии пари живеат, и тоа живеат луксузно, затоа што е незадоволен од нивната работа, затоа што ги критикува, затоа што ги исвиркува, затоа што ги оценува и како функционери и како личности! За што? За комунистичката конструкција,,вербален деликт“ преименуван во,,говор на омраза“! Тоа е она кога некој не ве сака, а вие ем плачете по неговата љубов ем му се заканувате. Ниту со закон може да му наредите некому да ве сака, ниту со закон и закани можете да го спречите да ви каже што мисли за вас.