На неодамна завршениот 31. Меѓународен саем на книгата во Москва, две јужнословенски литератури, македонската и словенечката, имаа свој програмски дел, во кој ги афирмираа не само сопствените романескни достигнувања туку и словенските книжевни вредности воопшто. Станува збор за тркалезната маса посветена на едицијата „Сто словенски романи“, на која учествуваа истакнатиот словенечки писател Владо Жабот, македонскиот писател Венко Андоновски, менаџерот на Словенскиот културен форум во Словенија, Матеја Јанчар.

На трибината се говореше за значењето на оваа исклучителна едиција, која учесниците ја споредија со еден вид „Енциклопедија славика“ на книжевностите на словенските народи. Досега се објавени, на разни словенски јазици, 66 романи од вкупно 100-те предвидени. Со едицијата, словенските книжевности си отвораат пат едни кон други и се запознаваат меѓу себе, во време на геополитичка разединетост меѓу исток и запад, беше нагласено на тркалезната маса.

На книжевната манифестација во Јасна Полјана, пак, местото каде што живеел и творел Толстој, во предвечерието на соопштувањето на добитниците на Толстоевата награда, на Венко Андоновски му беше посветен посебен книжевен портрет, во форма на разговор. Дијалогот, кој траеше час и половина, го водеше еден од најпроминентните руски романописци, Евгениј Водолазкин, а меѓу присутните беше и Владимир Толстој, претседател на манифестацијата и еден од наследниците на големиот руски класик, инаку советник за култура на Владимир Путин. Претходно, Андоновски имаше и свој книжевен портрет на Саемот во Москва, кој го водеше поетесата, преведувачка и силна афирматорка на македонската култура во Русија, Олга Панкина.