Велемаченик (Убивање на Светецот и Светлината) 3

А што стана со отсечената глава на Светецот? Неа џелатите веќе ја беа ставиле во сребрена чинија, како тогаш во Ерусалим крвниците на Ирод главата на Јован Крстител за танцот на неговата перверзна поќерка Саломе, близначка на Вавилонската Дама од Запад, која го крена и ова Северно Губилиште во татковината на Столченото Племе. И сега е во делириум треманс таа, темен, далеку од оној златен сјај на свадбарска екстаза по која се познати Македонците. И Дионис и Орфеј, ученикот на прапејачот Лин Македонецот, заедно со крвта невина на Авел, сè што е свето таа Дама на ѓубриште го фрли и сега тешката карпа на ноќта го налегнала светот. Ама не ноќта на Рацин и Новалис од која извира светлината, полна со роеви ѕвезди и бели мугри, туку ноќта на Сатаната. И стигнува до небо темниот делириум на мачителите и толпата садистичка на губилиштето, оти го дотолчиле, обезглавиле и обезимениле Племето на Светецот чија глава блеска со нестварната светлина во сребрената чинија на Вавилонската Дама. Блеска со алхемиски сјај што има моќ и калта да ја престори во злато, како Рембрант на своите слики, и во сребро како што умее тоа да го прави Веласкез.

Така. Но има мал драмски заплет во чинот крвав на северната трагедија. Почнува кавга меѓу великодостојниците на Цивилизацијата што го навлекла лажното лице на Нарцис на себе. Оти Нарцис не е како што мисли Фројд, што го обесвети него, болно его, туку поглед во битието како што мисли Вајлд. Кавга кој да ја земе како ловџиски трофеј главата на Светецот. Ама бргу се наоѓа решение. Глутницата секогаш го има при рака него. Одлучуваат таа да се пресече по средина на два еднакви дела: Јин и Јанг. И би така. И пак тука заврши работа изумот на месје Гилотен. Потоа од Центарот беше решено едната половина на главата да се однесе во витрините на „Лувр“ во Париз, а другата во Британскиот музеј во Лондон за да биде правдата задоволена, ама и темната страст за смрт на Столченото Племе на Цивилизацијата. Страста за која имаше префинет морбиден вкус и Маркиз де Сад, идеален психопримерок за Јунг да ја детектира душата бездушна на Западната Дама затворена во мрачната потсвест на злото што ги затемнува и пределите на свеста. А и да не зборуваме за натсвеста, царството на трансцеденталното, божественото на кое одамна Западот му рекол збогум.

Беше целосно искастрено моќното Дрво. Торзо на мрачната епоха. Ама и така искастрено, како да не беше влегла смртта во него, оти како штотуку да почнало создавањето на Првиот Адам, во секој негов атом пулсираше здивот на Светиот Дух, кога џелатите повтеа да го фрлат во најдлабоката кал на Цивилизацијата и кога некој панично викна: „Стојте, не му го извадивте срцето!“. И беше сторено и тоа, беше отворен со моќен цивилизациски рез градниот кош на Светецот од кој почнаа да излегуваат, како од вреќа, и да се тркалаат бисери. Како да било од раѓање залегнато во него некое прастаро море со билиони школки, кои, како што е тоа случај и со Светецот и Столченото Племе, од болката творат Убавина. На разбојот на душата ја ткае неа Племето на Светецот, додека ги врти вретеното на предачката сферите околу него и роданот ја мота преѓата за кросното и платното од конецот на ѕвездите. Потоа од отворената рана на градниот кош на светиот труп излета и една Златна Птица со Дијамантски Клуч во клунот, Клучот на Спасението што го беше донел еднаш, пратен од Исус, апостол Павле во Македонија. На крајот и срцето на Светецот беше расечено на два еднакви дела, и едниот од нив пак беше наменет за „Лувр“ во Париз, а другиот за Британскиот музеј во Лондон.

Епилог

Беше заклан убавиот Светец, не и ламјата со која се бореше со Копјето на Правдата и Вистината тој, оти таа ѝ е попотребна на Цивилизацијата отколку тој. Совршено злосторство по кое требаше да се разнесат како проклета магла од губилиштето мачителите и љубопитната толпа од хиени. Требаше, оти беше заклано Јагнето Божјо. Ама не им беше судено по садистичкото сладострастие што го вкусија со мир да заминат тие, оти отсекаде од испустените села на Столченото Племе тргнаа кон нив гробовите до еден сосе оживеаните мртовци во нив, исконски и вчерашни, и почнаа да ги опколуваат, да го стегаат обрачот околу нив, небаре за пресудна битка, за нова Беласица за да си ги повратат ископаните очи. Напред гробовите, а по нив збиени столетијата, планините и ридовите, исконското камено стадо со виме полно со огнено млеко со кое е задоен Светецот. Тоа сега блееше како да го оплакуваше него, но одвреме-навреме, на прескок, завиваше и како волча глутница, како закана за убијците, а потоа пак легнуваше во коритото на кротката елегичност.
И беа смрзнати злосторниците од страв, знаеја дека нема да излезат од тука надвор, ќе бидат казнети за злосторството. А беше при залез кога се истури чашата преполна пурпур врз гробовите, планините и ридовите што го опколија Северното Губилиште, и кога сал миг потоа го покри светот мрачната пепел од небото. Беа спепелени сите ѕвезди. И Млечниот Пат со сите соѕвездија, Орион и Сириус, сè беше сал грска пепел во мртовечката урна на Цивилизацијата во која таа ја беше ставила и пепелта на Светецот, Името и Столченото Племе. Да. Ама не знаеше дека таа пепел не го заборавила огнот и дека еден ден ќе пламне тој, ќе запее и ќе заигра како ороводец свадбарско оро, знаците свети што Цивилизацијата сега ги става под забрана и заклучува со Северен катанец на смртта.

Ноктурно. Де профундис, мементо мори. Никој не знае до кога ќе трае светската ноќ по ова злосторство, додека и покрај тоа се тешки од сјај и злато ружите мартирски и венчални во Македонија. По убиството на Светецот и Светлината тие пак цветаат и трпеливо, од лето на лето, од столетие на столетие ги водат на свадба поколенијата на Столченото Племе што се зачнуваат во бакнежот на љубовниците, сè уште неродени, а веќе предци и прапредци. И тоа е таа светлина што блеска како златна згура на дното од светската ноќ, притисната од страшен молк како одговор на злосторството што се случи на Северното Губилиште. Бескраен молк, кога однеапица од него како грмотевица се разнесе, заглушувачки екна еден космички глас. Беше тоа глас-заповед: „Павле тргни повторно кон Македонија! Време е!“ Беше тоа пак гласот на Оној што го скорна и Лазар од гробот. И веднаш стана Павле и тргна кон Троада, а оттаму со Македонецот повторно кон Македонија. Му беше заповедано од Господ да го охрабри малото смртно рането Племе и да го спотне во неговото срце задушениот свадбарски ритам во моќен седумосмински такт.

И тргна Апостолот кон Северното Губилиште повторно да им ја предаде на Македонците штафетата на Словото Божјо, да го пренесат како олимписки оган низ Цивилизацијата што им го закла Светецот, Името и Светлината. Да ѝ се даде нејзе уште една шанса за поправка, а потоа ако не се поправи да се фрли во пеколот, оти толку се големи нејзините злосторства низ светот што не може да ги измери ни кантарот на Страшниот Суд. Нека гори, го заслужува тоа оти е поперверзна од Содом и од Гомор. Поарно таа да изгори отколку понижените и навредените од неа, Македонците најмногу. Нека светот еднаш здивне од нејзиното злосторство. Нека е таа сега Северното Губилиште, пресечената глава со која ќе танцуваат праведните. Нека е Новата Хирошима и Нагасаки. Го заслужува тоа таа. Нека светот конечно здивне од нејзиното злосторство. Амин!

(крај)