Медицински совет

Едно неодамнешно истражување откри дека вежбањето може да го зголеми во нашето тело производството на супстанции слични на канабисот, кои го намалуваат воспалението и потенцијално може да помогнат за превенција од состојби како артритис и срцеви заболувања, па дури и рак.
Студијата објавена во списанието „Гуд микробс“ откри дека луѓето со артритис по вежбањето не само што забележуваат намалена болка туку имаат и пониско ниво на инфламаторни маркери наречени цитокини, но и зголемено количество супстанции слични на канабис – ендоканабиноиди.
Заклучено е дека само 15-минутно вежбање дневно е доволно за значително ублажување на болките.
За изработка на студијата, истражувачкиот тим од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија, регрутирал 78 лица што имале артритис на коленото, од кои 38 правеле вежби за зајакнување на мускулите секој ден во текот на шест недели, а другите не правеле ништо. Истражувањата откриле дека оние што вежбале не само што ја намалиле болката туку имале и некој вид микроби во цревата што произведуваат противвоспалителни
состојки. Кај нив исто така било намалено нивото на цитокини (индикатори на воспаление) и повисоко ниво на ендоканабиноиди.